Забрана за купување секс: „Нема добра проституција”
6 април 2019Сандра Норак (името сменето од редакцијата) како проститутка работела шест години. Уште како малолетна, во 13, клас, преку интернет запознала маж кој и’ ветувал голема љубов. Тоа било во 2008 година, кога Норак имала проблеми дома, прекинала да оди на училиште и потоа се преселила кај мажот. Тој ја натерал да се проституира. Норак станала жртва на методот „Лавербој”. Човекот ја носел Норак во Флетрејт-бордели. Тука младата жена за 4 недели морала да услужува по 400-500 клиенти, објаснува денес 29-годишната Норак. „Во еден момент престануваш да се гледаш како човек со емоции, тоа може да се спореди со уништувањето на сопствениот идентитет“, рече таа на подиумот на Светскиот конгрес против сексуална експлоатација на жени и девојки, кој вчера (5.04.2019) заврши во Мајнц.
На конгресот учествуваа околу 350 жени и мажи од меѓународни организации. Сите тие имаат една цел: забрана за купување сексуални услуги во Германија, а долгорочно и укинување на проституцијата.
„Мажите купуваат моќ“
И Норак, откако се ослободила од проституирањето, се залага за истото. „Проституцијата мора да биде препознаена како тоа што фактички и е: насилство и повреда на човековото достоинство", вели таа во разговор за ДВ. На нејзиното барање се приклучуваат и учесниците на Конгресот. Таа аргументира дека проституцијата секогаш настанува од некаква незавидна ситуација и завршува со присила и сексуална експлоатација на жената. „Мажите не купуваат секс, тие купуваат моќ", вели основачката на ЕММА, Алис Шварцер, која исто така присуствуваше на Конгресот. „Ние живееме во земја, во која проституцијата е етаблирана", вели таа.
За време на конгресот учесниците разговараа за психичките и телесните последици од проституцијата. Лица како Норак раскажуваат за своите искуства. На крајот на Конгресот е донесен заеднички заклучок. Главното барање: Германија да го преземе моделот од Норвешка како и многу други земји пред неа. Франција го воведе во 2016 година, Ирска во 2017. Веќе 20 години важи во Шведска. Моделот се состои од забрана за купување сексуални услуги. Тоа се разликува од забраната на проституцијата: купувањето сексуални услуги се криминализира, клиентот прави казниво дело, а не проститутката. Колку шведскиот закон помага да се намали проституцијата, е тешко да се процени. Некои експерти велат дека проституцијата само се преселила од улиците во становите или на интернет. Но, има и студии кои покажуваат дека пазарот со секс е севкупно намален.
Германија: „Борделот на Европа"
Во Германија проституцијата до 2002 беше спротивна на традицијата. Потоа се донесе закон кој требаше да ги штити правата на проститутките и ги легализираше сексуалните услуги. Од 2017 важи Законот за проституција, кој треба да ги штити жените од насилство и присила. На борделите им се потребни дозволи за работа, проститутките се регистрирани и добиваат потврда, во милјето на проституција наречен „курвински пасош”. Де факто, во првата година по стапувањето на сила се пријавиле само 7 илјади жени, а според статистиката имало меѓу 200 илјади и еден милион во Германија.
Германија и натаму има еден од најлибералните закони за проституција и важи за „бордел на Европа”. Меѓу 80 и 90 проценти од проститутките се од странство, многу од нив работат под присила и во недостоинствени услови, а во Германија дошле преку трговци со бело робје.
Сојузната влада смета дека забраната за купување сексуални услуги не е вистинскиот пат. Постои опасност оти „сексуалните работнички ќе бидат поместени во илегални сфери и дека ќе бидат изложени на опасностите и ризиците на професијата без каква било заштита", појаснува портпарол на Министерството за семејни прашања.
Повеќе:
Германија: Проститутките се плашат од новиот закон
Борба против присилната проституција во Германија
Организации за помош: Не постои доброволна проституција
Учесниците на конгресот сметаа дека е цинична аргументацијата која се шири оти многу жени доброволно се проституираат. „Веќе 34 години се грижам за жени кои биле експлоатирани," вели Леа Акерман, основач на здружението „Солидарност со жените во болка" (СОЛВОДИ) ,во разговор за ДВ. „Денес одговорно велам: ниту една жена не го прави тоа доброволно.“
Сиромаштијата е една од најголемите причини за проституција, оценува Герхард Траберт, основач на здружението „Сиромаштија и здравство во Германија“. „Ние знаеме дека се’ повеќе жени се проституираат за едноставно да можат да преживеат, бидејќи социјалната помош е недоволна за нормален живот." И Траберт повикува на забрана за проституција и преиспитување во општеството. „Нам ни е потребно, особено кај младите мажи, да имаат една поинаква слика за жената: дека таа не е објект за искористување, туку е субјект, и дека нема никаква врска со љубовта кога една жена е вака третирана и искористена, и кога е предмет на насилство."
Учесниците на конгресот се се’ посогласни по ова прашање, аплаузот за сите барања за забрана за проституција се слушаше постојано, а можноста за постапка пред уставен суд беше широко поздравена. Според нив, лобито за проституција спречува построга законска регулатива во Германија. „Со овие закони се вели дека мажите имаат право на секс и во секое време може да искористат некоја жена, а потоа да ја фрлат како да е догорче од цигара“, вели Норак.
Претставниците на здруженијата на проституција не беа присутни на конгресот. Тие ниту беа контактирани ниту поканети, вели Симоне Виграц, раководителка на советодавната канцеларија „Хидра“. Но, и да беа поканети веројатно немаше да дојдат, вели Виграц, која е исто така е член на Сојузот на советодавни тела за сексуални работнички и сексуални работници (БУФАС), бидејќи е јасно – ставовите им се дијаметрално спротивни.
Отпор од здруженијата за проституција
Хидра и БУФАС се посветени на тоа сексуалната работа да биде се’ поизедначена со други форми на работа. Тие категорично одбиваат забрана за сексуална работа или проституција. Жените веќе не може соодветно да се бранат, вели Виграц,бидејќи се илегализирани и критикувани од општеството.
„Ако сте притиснати во ќош и не можете и не смеете да си го кажете својот став, тогаш сте незаштитени". Така овие жени се ставени во уште потешка ситуација, вели Виграц. Таа не се согласува ниту со заклучокот дека проституција е секогаш присила. Кај некои жени тоа е едноставно непромислена одлука, вели Виграц. Затоа при советување секогаш прво е прашањето за тоа кој им е мотивот. Таа исто така не смета дека проституцијата им нанесува штета на сите жени. „Некои може навистина добро да справат со тоа, си имаат поставено сопствени лимити и можат добро да функционираат во животот."
Но со оглед на нејзиното искуство, Сандра Норак не се согласува со ваквите изјави. „Она што го видов во период од шест години е едноставно дека нема добра проституција," вели Норак. „Таа секогаш влијае на некој начин врз жените. Можам да кажам дека таа им оставила трага на сите жени со кои јас сум имала контакт."
Денес Нора студира право и времето на проституција за неа е минато. Во разговорот со нас вели дека и’ оди добро. „Но сепак човек не може да заборави низ што поминал."