1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Печат: Германија сака да испрати уште војници на Косово

2 октомври 2023

„Србите маршираат на Косово?“, „Путин ја поттикнува следната балканска војна?“, „Српска игра“... Ова се само дел од насловите во германскиот печат кој викендов беше полн со извештаи, анализи и коментари за Косово.

https://p.dw.com/p/4X3BT
КФОР Косово
Германски воници во КосовоФотографија: picture-alliance/dpa/M. Gambarini

Германските медиуми пренесуваат информации од новинската агенција АП, која во неделата (1 октомври) објави дека биле забележани српски воени возила како заминуваат од границата кон централна Србија. „Владата на Србија можеби одговорила на повиците за повлекување“, пишува германски Цајт.

Истовремено, весникот потсетува дека „Владата на Косово во саботата објави дека го следи движењето на српската војска од „три различни правци““ и дека „ја повикала Србија да обезбеди демилитаризација на пограничната област“.

Медиумите пренесуваат и дека српскиот претседател Александар Вучиќ ги негираше информациите за зголемено воено присуство на границата со Косово. Тој на социјалните мрежи зборуваше за „кампањата на лаги“ против Србија. 

Доаѓа засилување на Бундесверот? 

Претходно, германската влада предупреди дека тензиите може да се зголемат, со оглед на очигледно зголемениот број српски војници на границата со Косово. „Не треба да има понатамошна ескалација“ меѓу Србија и Косово, објави МНР на мрежата Х (поранешен Твитер) и нагласи дека е важно Србија „веднаш да го намали бројот на единици на границата“.

Во исто време, трите владејачки германски партии, Социјалдемократите (СПД), Зелените и Либералите (ФДП) се изјаснија за зајакнување на мировната мисија на КФОР на Косово под команда на НАТО. Тоа подразбира распоредување на  дополнителни сили на германскиот Бундесвер.

„Германија треба, во консултација со своите сојузници, итно да провери дали мандатот на КФОР е целосно исполнет и да испрати повеќе војници на Косово“, рече политичарот на Зелените, Антон Хофрајтер за магазинот Шпигел. 

Во моментов Бундесверот има 85 војници на Косово. Мандатот, кој последен пат беше продолжен од Бундестагот во мај, предвидува до 400 војници на Бундесверот да можат да бидат на терен. „Затоа, сè уште има простор за подобрување без промена на мандатот“, изјави за Шпигел, Мари-Агнес Штрак-Зимерман, претседател на парламентарната комисија за одбрана. 

Косово
Вооружена група Срби неодамна ја нападна косовската полиција кај БањскаФотографија: Office of the Kosovo Government

„Не може да има воено решение“ 

Германски Велт пренесува интервју објавено од италијанскиот весник „Република“ со врховниот командант на КФОР, италијанскиот генерал Микеле Ристуча. Тој меѓу другото вели: „Единствено решение е нормализација на односите. Не може да има воено решение, само политичко. Ние војниците можеме само да создадеме безбедносни услови за дијалог“.

На прашањето колку војната во Украина и Русија влијаеше на последните настани во Косово, генералот Ристуча одговара: „Војната во Украина има огромно влијание врз глобалните прашања, а Косово не е имуно на тоа. Но, она што се случи овде првенствено беше поттикнато од внатрешната динамика“.

И на прашањето дали е реална идејата КФОР да ја замени косовската полиција на северот на Косово, италијанскиот генерал вели: „Тоа е политичка одлука. Ние ја оценуваме секоја хипотеза, одлука и развој во координација со командниот синџир на НАТО и сме подготвени да преземеме какви било понатамошни задачи“. 

„Вучиќ го користи методот на својот учител Милошевиќ“ 

„Едно е сигурно“, пишува Франкфуртер Алгемајне Цајтунг , „само Белград може да опреми и поддржи нерегуларна група. Дури и на дивиот север на Косово, обичните граѓани немаат оклопни возила или рачни гранати. Кога моќниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, сега тврди дека не знаел ништо за тоа, мора да бидете многу наивни за да му верувате. Вучиќ го користи методот на својот учител Милошевиќ, чиј министер за пропаганда бил: насилството се делегира на независни изведувачи и систематски се промовира, додека на европската сцена се делува загрижено и се глуми подготвеност да се преговара, во реалноста целта е само да се купи време. А, вистинската цел е да се контролира територијата“, оценува франкфуртскиот весник. И заклучува: 

„Државниците кои некогаш веруваа во лагите на Милошевиќ, сега во најдобар случај изгледаат смешно. Кој денес ја сноси одговорноста, а верува или глуми дека верува дека Вучиќ е човек на чиј збор може да се верува, нека размисли како ќе изгледа таквиот став за десет години. Вучиќ спроведува цинична стратегија на Косово и време е работите да се наречат со нивното вистинско име. Не само ретроспективно, како со Милошевиќ и Путин, туку сега. Искривувањето на фактите на Вучиќ е негова игра. Никој не ја тера Европската Унија или Берлин да учествуваат во таа игра“.