1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ги затвора сите ирански генерални конзулати

ЖА /АРД
1 ноември 2024

По егзекуцијата на германско-иранскиот државјанин Џамшид Шармахд, министерката Аналена Баербок објави санкции: се затвораат трите ирански конзулати, додека амбасадата во Берлин останува отворена. Техеран протестира.

https://p.dw.com/p/4mUMd
Иранскиот конзулат во Минхен, Германија
Иранскиот конзулат во Минхен, ГерманијаФотографија: Peter Kneffel/dpa/picture alliance

Како реакција на егзекуцијата на двојниот државјанин на Германија и Иран, Џамшид Шармахд, германската влада затвора три ирански генерални конзулати во Германија: во Франкфурт на Мајна, Хамбург и Минхен, објави министерката за надворешни работи Аналена Баербок. Сепак, амбасадата во Берлин ќе остане отворена.

Со оваа мерка се опфатени 32 ирански конзуларни службеници кои го губат правото на престој и мора да ја напуштат земјата, доколку немаат и германско државјанство. Оваа реакција на егзекуцијата е поостра отколку што многумина очекуваа.

Баербок изјави дека германската влада јасно му ставила до знаење на Техеран дека егзекуцијата на Шармахд ќе има „сериозни последици“. Пред само еден месец таа разговарала за овој случај со иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во Њујорк.

Џамшид Шармахд
Берлин реагира на егзекуцијата на двојниот државјанин на Германија и Иран, Џамшид ШармахдФотографија: Frederic Kern/Geisler-Fotopress/picture alliance

„Ладнокрвното убиство" потврдува дека иранскиот „режим на неправда, и покрај неодамнешната промена на врвот, продолжува да работи со целосна бруталност“, истакнува германската министерка за надворешни работи. Таа најави дека и во Брисел дополнително ќе инсистира  Иранската револуционерна гарда  да биде ставена на листата на терористички организации на ЕУ. Во САД и Канада, овие елитни сили веќе се на таа листа.

Иран го осуди затворањето на три негови генерални конзулати во Германија и го повика во знак на протест вршителот на должноста на германската амбасада. Министерството за надворешни работи на Иран, во изјава за порталот „Iran Nuances" оваа одлука на министерката Баербок ја оцени како „неоправдана“, наведувајќи дека со неа се оневозможуваат конзуларните услуги на Иранци и Германци во Германија.

Протестот на германската влада  поради егзекуцијата на Шармахд според иранското Министерство е мешање во внатрешните работи.

Иранското правосудство објави погубување на Шармахд во понеделникот. Тој беше осуден на смрт во пролетта 2023 година во контроверзно судење под обвинение за тероризам. Неговото учество во иранската опозициска група во егзил „Тондар“ (Гром) се чини дека стои како причина зад пресудата. Иранските власти ја обвинуваат оваа организација за нападот во 2008 година во милионскиот град Шираз, во кој беа убиени неколку луѓе.

Германската влада, семејството и активистите за човекови права силно ги отфрлија обвиненијата против Шармахд и го нарекоа судењето против него крајно нефер. Тој не смеел да избере свој адвокат, а неговиот статус на престој остана непознат до самиот крај. Признанијата прикажани на државната телевизија можеле да бидат извлечени со тортура. Судењето на Шармахди го водеше Аболгасем Салавати, познат и како „судијата на смртта“, кој е под санкции од САД и Европската Унија.