Избори во Иран без надеж за промени
1 март 2024На парламентарните избори во Иран право на глас имаат околу 61 милион граѓани. Тие гласаат и за таканаречениот Експертски совет. Тој го избира духовниот и политички лидер на земјата.
Истражувањето спроведено од страна на институт близок до владата, и цитирано од иранската новинска агенција Азар Калам, предвидува излезност на гласачите од само 30 отсто. Според ова истражување, во главниот град Техеран само 15 отсто од избирачите сакаат да излезат на гласање. Испитаниците како главни причини за негласањето ги наведуваат неспосбноста на парламентот, корупцијата и малата надеж за подобра иднина.
Според државната новинска агенција Ирна, дозвола за учество на изборите имаат 15.200 кандидати, кои се борат за 290 места во законодавниот дом. „Повеќето од кандидатите, особено во малите изборни единици, се лекари, инженери, државни службеници и наставници кои не припаѓаат на ниту една политичка групација“, изјави новинарот Масијар Чосрави за новинската агенција АФП. Давајќи им дозвола на толку голем број кандидати, владата сака да „создаде локална конкуренција и да ја зголеми излезноста на гласачите“, додава тој.
Анимирање за избори со музика и забави
Официјалната изборна кампања започна на 22 февруари. На социјалните мрежи може да се најдат видеа од настани од кампањата во различни делови од земјата, често придружени со гласна музика и празнична атмосфера.
Како што е вообичаено пред избори, полицијата за морал или насилниците на милициите Басиџ останаа главно невидливи.
„Како едноставен војник кој исклучиво му служи на народот, ја повикувам иранската нација да ги смета претстојните избори како исклучително клучни“, рече командантот на Револуционернита гарда (или Армија на чуварите на Исламската револуција), Хосеин Салами пред новинарите.
Се чини дека Салами и целото раководство на земјата се свесни дека јазот меѓу оние на власт и народот во Иран е поголем од кога било досега. По бруталното задушување на протестите со слоганот „Жена, живот, слобода“во 2022 година, ретко кој верува во промени во политичкиот систем.
Зошто многумина не сакаат веќе да гласаат?
„Колку беше поуспешно раководството на Исламската Република во сузбивањето на опозицијата и консолидирањето на исламскиот туторски систем, толку помало стануваше влијанието и значењето на републиката во политичкиот систем, додека исламското владеење стануваше посилно“, оценува социологот Мехдад Дарвишпур, професор на Универзитетот Мелардален во Шведска.
На прашањето на ДВ, тој објаснува: „Во историјата на Исламската Република од 1979 година до денес, имаше фази во кои населението веруваше во реформи во рамките на законите и стандардите на системот и ги користеше изборите како можност за протест. Целта беше да се потиснат верските водачи и да се зајакнат демократските елементи. Но, резултатите никогаш не доведоа до вистински реформи бидејќи системот не ја следеше волјата на општеството“.
Со текот на времето, политичкиот систем во Иран стануваше сѐ порадикален и понепомирлив. Во исто време, просторот за критика стануваше сè потесен. Пред сегашните парламентарни избори беа дисквалификувани неколку кандидати кои ја критикуваат власта. Изборното тело дури исклучи и актуелни пратеници од изборите поради „недоволни идеолошки квалификации“.
И за време на последните парламентарни избори во 2020 година, бројни реформски ориентирани и умерени кандидати беа отфрлени без никакво веродостојно објаснување. Според информациите на реформски ориентирани политичари, сега само на 20 до 30 кандидати од нивните редови им било дозволено да се кандидираат на избори. Се очекува изборите да ја консолидираат моќта на владејачките конзервативци.
„Изборите во Исламската Република не служат за овозможување политички и општествени промени или трансфери на власта кои се засноваат на волјата на мнозинството и ги штитат основните права на малцинството“, вели Али Афшари. Иранскиот експерт, кој живее во егзил во САД, е поранешен студентски лидер кој во 1990-тите водеше кампања за реформи во Иран. „Изборите во Иран се инструмент за консолидирање на нелегитимната моќ на владејачкото малцинство и за одржување на систем на неправедна распределба на ресурсите - игра за моќ и богатство“, вели Афшари.
Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик