Германка доби пет години затвор поради напади врз неонацисти
31 мај 2023Лина Е., 28-годишна студентка, е осудена на казна затвор од пет години и три месеци поради формирање на криминална организација и извршување на шест насилни напади врз неонацисти, во необичен случај на насилен левичарски екстремизам во Германија. Нејзините тројца соработници добија казни од по 3 години затвор.
Обвинетите беа поздравени со овации во судот во Дрезден, а кога во судницата влезе Лина Е. беше поздравена со стоечки аплаузи и овации.
Откако судијата почна да ја чита пресудата, публиката негодуваше и му извикуваше дека е „фашистички пријател“. Судијата рече дека и покрај тоа што политичката мотивација на обвинетите- борба против десниот екстремизам- може да се смета за оправдана, тоа не ја намалува тежината на нивните злосторства.
Планирани напади
Јавното обвинителство ги обвини Лина Е. и нејзините тројца соработници дека извршиле серија напади врз неонацисти во покраините Тирингија и Саксонија во периодот меѓу 2018 и 2020. Групата предводена од Лина Е. нападнала познат неонацистички бар во градот Ајзенах на крајот на 2019 и го нападнала Леон Р., познат неонацисти, со чекани и палки. Други неонацисти се здобиле со скршеници и други повреди во нападите.
Обвинителството го базираше случајот на сведочење на поранешен член на групата кој тврдеше дека четворицата обвинети се обучувале за напади врз десничари.
Случајот предизвика бурни политички тензии. Одбраната и левичарските здруженија тврдеа дека Лина Е., претставувана како левичарски терорист, е жртвен јарец на медиумите и властите. Многумина го обвинуваат судскиот систем дека е премногу попустлив кон злосторствата на неонацистите.
За четврток се најавени протести на левичарите во родниот град на Лине Е. Лајпциг, како и дополнителни собири за време на викендот и во Дрезден.