1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Задоцнето согледување на проблемот со екстремизмот

Јенс Турау / превод: ЕМФ22 септември 2016

Источните германски покраини имаат голем проблем со десниот екстремизам. Проблемот е именуван прецизно во владиниот Извештај за состојбата со германското обединување. За тоа беше потребно многу време, оценува Јенс Турау.

https://p.dw.com/p/1K6Nl
Фотографија: picture alliance/dpa/B. Thissen

Такво нешто немало никогаш. Во официјалниот извештај на германската влада за развојот на територијата на поранешната Германска Демократска Република (ГДР) сѐ е јасно наведено. Се зборува за сериозни закани по развојот поради десноекстремни структури. Се зборува за опасноста од препуштање на цели градови и села на духот на кафеавите. Се зборува за тоа дека за источна Германија многу работи се на коцка. А, ополномоштеничката за Истокот, Ирис Глајке, признава отворено: при патувањата во странство, последно во САД, ѝ се поставуваат отворено прашања дали со мирна совест може да се инвестира во источните покраини, или дали како странец човек таму едноставно е непожелен? Глајке става јасно до знаење: на поставувачите на прашања таа не може да им ги тргне грижите толку едноставно.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Слабоста на економијата како образложение за сѐ

Сигурно е: и 26 години по германското обединување, Истокот сѐ уште каска. Пред сѐ каска стопанството, многу млади луѓе го напуштаат Истокот. Стопанството е ситно, одвај да има централи на големи концерни. Оттука, невработеноста е повисока отколку на Западот, бесперспективноста исто така. Но, токму ваквиот опис на состојбите долго време мораше такаречи да служи како образложение за посилнито десен екстремизам на Истокот.

Долго време проблемот едноставно беше негиран. На пример, легендарна е изјавата на поранешниот премиер на Саксонија, Курт Буденкопф (ЦДУ), дека неговата покраина е имуна на десен екстремизам. Други политичари постојано дифузно зборуваат за проблем кој го има како на десниот, така и на левиот раб на општеството, како екстремните левичари во источните покраини навистина да се некаква релевантна величина.

Извештајот кажува јасно: онаму, каде што се покажува непријателство кон странци, како на пример пред домовите за азиланти, нема протести на граѓанскиот центар, како што е тоа на Западот. Напротив, нападите врз мигрантите неретко молкум или дури и отворено се поддржувани од тој центар. И, сега отворено се вели - непријателството кон странци е зголемено во последните години, пред сѐ од почетокот на бегалската криза. Во извештајот не е заборавено и да се спомене дека процентот на странци на Истокот е главно многу низок.

Опасноста конечно согледана

Ваквата јасност е добра, но сепак останува впечатокот дека ваква јасна анализа сега доаѓа затоа што во моментов пред сѐ коалиционите партии се притиснати од успесите на деснопопулистичката АфД на Истокот и губат гласачи. Сега мора брзо да следуваат дела: повеќе пари за иницијативите против десничарските екстремисти, повеќе полиција, поголема јасност пред сѐ од покраинските влади и покраинските премиери, кои поради страв од своите граѓани често настојуваат да ја разубават состојбата во своите покраини. Но, првиот чекор е направен, а тоа е сознанието дека на Истокот постои силна закана по општеството од страна на екстремната десница. Наредниот и одлучувачки чекор би бил конечно да се стори нешто против тоа!