Германија не сака бегалци: Нема станови, нема интеграција
16 декември 2023Нема подобра слика за расположението во Германија на тема миграција од она што се случи во последните минути од месечниот окружен состанок во Бад Кројцнах. Локалните политичари прилично тивко разговараа за други теми, додека расположението одеднаш не се промени поради веста дека покраинските власти планираат прифатилиште за 300 бегалци во местото. Среде жестоката дебата се најде и началничката на округот Бетина Дикес од ЦДУ, која рече дека „тоа што овде еден градоначалник јасно го кажа ‘преполни сме и не можеме веќе’ и јас го повторувам цело време. Тоа го слушате од сите началници на окрузи од цела Германија, без разлика од која партија се. Тоа го отсликува расположението меѓу народот. Тоа не е непријателски став спрема странци, туку страв дека се префорсираме”.
Во Германија има 294 началници на окрузи. Дикес во изминатите денови стана нивно гласило кога се работи за прием и интеграција на бегалци. Во телевизиската емисија „Маркус Ланц“ без влакна на јазикот зборуваше за преоптовареноста на општините. Нејзиниот повик за помош адресиран до властите во Берлин стана вирален. Таа вели дека примила 500 мејлови, само грст од нив негативни.
„Немаме простор за живеење. Немаме шанса за интеграција затоа што нема луѓе кои може да интегрираат и затоа што луѓето живеат во групни прифатилишта. За луѓето нема перспектива и во тој контекст јасно кажувам дека мора нешто да се преземе!"
Германија сака да го намали доселувањето
Сојузната влада веќе реагираше со цел пакет мерки за да ја намали миграцијата и да ја направи што е можно помалку атрактивна, меѓу кои и продолжување на граничните контроли, отежнато доселување на семејствата и кратења во социјалната помош за кандидатите за азил. Освен тоа канцеларот Шолц сака „конечно во голем стил конечно да ги протера оние кои немаат право да останат во Германиј“. Осум години по легендарната изјава на Меркел „Ќе успееме“, тонот во германската дебата за миграција не би можел да биде поразличен. Дикес и кај населението забележува промена на расположението.
„На возраст од 16 до 25 години 85 проценти од бегалците се машки. Ако најдеме простор за живот, во најдобар случај ќе биде за семејства. Со групните прифатилишта создаваме остров на бегалци среде нашето општество, а подготвеноста за прифаќање такви сместувалишта истовремено многу опаѓа”, вели Дикес.
Предизвик за локалните политичари
Кога Дикес разбрала за размислувањата на покраинските власти да постават такво прифатилиште за 300 лица во местото Зајбербах кое има само 1300 жители, се јавила кај Михаел Цифка, градоначалник од редовите на ЦДУ. Луѓе како него се последни во ланецот и мора да се справат со прашањата, гневот и стравовите на населението во дебатата за миграцијата.
„Кога ми се јави началничката, прво помислив дека тоа мора да е шега. Плановите нѐ начекаа неспремни и затоа ситуацијата во моментов е немирна. Во општината веќе гори“, вели Цифка. Тој деновиве слави десетгодишнина како градоначалник на Лангенлонсхајм-Штромберг, но за славје нема многу време. Наместо тоа, сега е кризен комуникатор при средби со граѓаните. Од 2015 година неуморно телефонирал со луѓе и им приоѓал на настани, ако знаел дека имаат простории за издавање.
Посторот за живеење главен проблем
Кратко по почетокот на војната во Украина во 2022, на своја рака со социјалните служби нарачал 50 полски кревета за секој случај. Сега се случува да му се јават ден претходно и да најават дека утредента стигнуваат петмина бегалци со автобус, па мора да ги сместува во хотел.
Иако секогаш држел и резерва простор за такви потреби, вели дека сега „не може со магија да создаде станови. Многу граѓани ми велат дека издаваат простор, но само за Украинци. Покрај тоа, веќе се намалува и волонтерскиот ангажман и затоа одамна не зборуваме за интеграција, туку само за сместување.“
Германија сега поподготвена отколку во 2015-тата
Јан Камерер најдобро знае како стојат нештата околу интеграцијата и прифаќањето бегалци во Бад Кројцнах. Неговата организација АСБ е задолжена за групно прифатилиште со 55 бегалци од Сирија, Авганистан и Турција. Камерер, кој е активен веќе 20 години и во моментов е директор на организацијата, смета дека дебатата е претерана.
„Во споредба со 2015-тата, ако тогаш од 1 до 10 бевме оптоварени за 10-ка, сега сме кај 6 или 7. Сега сме пред, а не зад бранот, но дебатата во земјата е затруена”, вели тој.
Камерер се потсетува дека пред 8 години морале спонтано да набавуваат перници во Икеа и да наполнат автобус со вода за пиење, како и дека здравствените служби не знаеле како да ги третираат бегалците, додека денес групното прифатилиште има договор со општ лекар, кетеринг и социјален педагог, како и настава по германски за бегалците. Сега и центрите за вработување помагаат побрзо да се воспостави контакт меѓу локалните фирми и бегалците заради работа или обука.
Дебата за протерување, а не за интеграција
Од неодамна спроведена интернет анкета на универзитетот Хилдесхајм произлегува дека 40 проценти од општините при прифаќањето и сместувањето на бегалци се во „ургентен модус”, за 60 проценти ситуацијата е „предизвик, но се справуваат”. Камерер посочува дека началниците на окрузи и градоначалниците, според студијата, понегативно ја оценуваат ситуацијата отколку соработниците на стручните служби. Според него, дебатата оди во погрешен правец, затоа што „повеќето луѓе овде имаат легитимен статус на заштитени лица, па затоа треба да ги интегрираме преку вработување наместо во Берлин да водиме долги дебати за тоа како да ги вратиме назад. Точно е дека си имаме проблеми со просторот за живеење, но сега за тоа ја обвинуваме миграцијата."
Овој текст првично беше објавен од ДВ на германски јазик