Се` повеќе мигранти во Германија – кој ќе го плати сето тоа?
6 ноември 2023Секој ден во Берлин пристигнуваат околу 200 бегалци. Всушност би требало само кратко време да престојуваат во првично прифатилиште како она на поранешниот аеродром Берлин Тегел, а потоа би требало да бидат распределени на други места во градот. Но, слободни станови нема. Некои бегалци повеќе од една година се заглавени во прифатилиштето во Тегел. Тоа што беше замислено како првичен прифатен центар, полека станува мал град. Актуелно таму живеат 4 илјади луѓе, а проширувањето е во тек – властите во Берлин зборуваат за капацитети до 8 илјади луѓе. Тоа што во Берлин се случува, го има и во останатите градови и општини низ Германија. Во тековнава година до октомври се поднесени 220 илјади барања за азил. Освен тоа, околу еден милион украински бегалци живеат во земјата. Повеќето си нашле приватни сместувалишта, но ни тоа не е трајно решение. Па така се` повеќе Украинци се пријавуваат кај локалните власти за да им се најде сместување.
Општините притиснати до ѕид
Низ цела земја многу градоначалници не знаат веќе каде да ги сместат бегалците, кои им се доделуваат преку механизам за распределба. Но, ситуацијата не е секаде иста, произлегува од анкета на медиумската служба „Интеграција“ изработена заедно со истражувачи на миграција од универзитетот Хилдесхајм.
Според неа, околу 60 проценти од општините ситуацијата ја опишуваат како „предизвик, кој сепак уште може да се совлада", 40 проценти велат дека има „преоптовареност" односно се гледаат во „вонредна ситуација ". 600 од вкупно 11 илјади германски општини учествувале во анкетата. Таа не е репрезентативна, предупредува Борис Кин од Хилдесхајм, затоа што не одговориле сите градоначалници и комунални власти кои биле прашани. „Но, бројките во секој случај дозволуваат голема проценка на сојузно ниво", вели тој.
Не фалат само станови
Истражувачите се интересирале пред се` за причините за преоптовареноста. Во одговорите се наведува дека недостига простор за сместување, места во градинките, но и персонал во администрацијата. Околу една третина од општините кои одговориле на прашањата токму во тие сфери ја гледаат „преоптовареноста и вонредната ситуација“. Поретко од ова, но сепак доволно често се наведуваат и училиштата, курсевите за изучување на јазикот, понуди за советување и општо „интеграцијата". Но, преоптовареноста очигледно не се појавува автоматски кога бегалците не може да се сместат во групни прифатилишта, туку „и администрирањето на многу мали единки за живеење знае да биде напорно, па ако општината страда од недостиг на персонал токму кај такво од аспект на интеграцијата добро решение, може исто така да има високо ниво на преоптовареност", посочува Кин.
Политичарите под стрес
Речиси половината од општините користат сместувалишта за итни потреби како контејнери за живеење. Спортските сали се искористени во шест проценти од случаите. Истражувачите забележале дека оценувањето на состојбата зависи и од тоа кој го пополнувал прашалникот. Градоначалниците, односно политички одговорните, имаат тенденција состојбата да ја оценуваат понегативно и 53 проценти својата општина ја сметаат за преоптоварена. Соработниците од стручните служби пак само во 37,5 проценти го мислат истото.
Миријам Марних од Германското здружение на градови и општини тоа го поврзува со растечкото незадоволство на населението со миграциската политика, кое пред се го чувствуваат политичарите. Граѓаните сега веќе имаат сомнежи „дали државата уште може да се справи со ваквата задача“. „Интеграцијата во многу општини во моментов фактички не е можна затоа што ресурсите се потрошени, како во однос на персоналот, така и во однос на капацитетите", вели Марних.
Што би можело да помогне?
Три сфери особено често се наведуваат. Ограничување на доселувањето во Германија и со тоа помалку или никакви распределби на бегалци во општината. Повеќе средства од сојузните и покраинските власти за да може да се справуваат со задачите на локално ниво и сигурно финансирање на долг рок. Се бара и поддршка за сместувањето на бегалците во простор за живеење, особено поедноставување на регулативата, поголема одговорност на сојузните и покраинските власти за просторот за домување, но и поддршка за изградбата на социјални станови.
Протерувања: „Нема голема придобивка во бројноста"
Околу петтина од комуналните власти кои биле анкетирани, сакаат да има повеќе протерувања. Со оглед на тоа колку темата е , „актуелна на сојузно и покраинско ниво, мал е бројот на случаи“, смета Кин и додава дека тоа се должи на фактот дека само мал број од бегалците се толерираат, или пак имаат правна основа за протерување. „На тој начин значи нема да може да се постигне големо олеснување", вели Кин.
Покрај протерувањата сега се разгледува и опцијата за кратење на социјалната помош за бегалците и исплатата на кеш пари. „Принципот на давање стоки наместо пари се испроба во 90-тите, па во 2015 година и секогаш се покажуваше дека едноставно не може да се спроведе во пракса", вели Никлас Хадер од Германскиот центар за истражување на миграција и интеграција од Берлин.
Бонови за производи се мала мерка
Правно веќе подолго време е можно на бегалците да им се даваат бонови, наместо пари. Покраинските власти и општините тоа не го прават затоа што е многу покомлицирано отколку да им се дава помош во кеш. Лицата кои живеат во прифатилиштата и онака добиваат џепарлак од максимално 150 евра, затоа што имаат сместување и добиваат храна. Џепарлакот е уставно превиден. „Секако сите знаеме дека и вредноста од бонови може да се трансферира во кеш ако некој навистина реши“, вели Хардер. Префрлањето на опцијата картички за купување е само мала мерка, вели Марних и додава дека ако се премине исклучиво на помош во форма на производи, тоа не значи дека помалку луѓе ќе доаѓаат во Германија.