1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: Најава за гранични контроли на источната граница

ЕМФ / дпа
26 септември 2023

Германија ќе воведе гранични контроли за поефикасна борба против шверцот на луѓе, најави министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.

https://p.dw.com/p/4Wof6
Германија | Контроли на германско-полската граница
Колку се ефикасни стационарните гранични контроли?Фотографија: Patrick Pleul/dpa-Zentralbild/picture alliance

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер најавува воведување стационарни гранични контроли како уште еден инструмент во борбата против шверцот на луѓе. „Прво ќе подготвиме стационалрни гранични контроли. Станува збор за дополнителни контроли. Мора да видиме што ќе донесе тоа“, изјави Фезер денеска (26.09) за Дојчландфунк.

Министерката наведе дека „во моментов секое четврто или петто лице доаѓа во земјата преку криумчарење“. Фезер потенцира дека мерките ќе бидат најефикасни ако се спроведуваат во соработка со соседните земји. Откако Чешка веќе се изјасни за засилена контрола заедно со германската сојузна полиција, сега тоа се планира и со Полска.

Сепак, министерката потенцира и дека ваквите контроли не се доволни за сузбивање на шверцот со луѓе. „Ефикасни и растоварувачки за општините на долг рок се само европски решенија, значи гранични контроли на надворешната граница (границата на ЕУ, н.з.), а не на внатрешните граници“, рече Фезер.

Ненси Фезер, сојузна министерка за внатрешни работи на Германија
Ненси Фезер, сојузна министерка за внатрешни работи на ГерманијаФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Во моментов привремени стационарни гранични контроли има во покраината Баварија, на границата со Австрија. Тие се поставени во есента 2015 годинаи од страна на Министерството за внатрешни работи на Германија се пријавуваат кај Европската комисија и постојано се продолжуваат.

Полицискиот синдикат е против стационарни контроли

Полицискиот синдикат (ГдП) се изјасни против стационарни гранични контроли како средство за борба против илегалната миграција. Во полициската работа, ова се смета за „неефикасно“, изјави Ерика Краузе-Шене од ГдП за весникот „Рајнише пост“.

Строгите контроли, меѓу другото, доведоа до тоа шверцерите едноставно да ги заобиколат, објасни Краузе-Шене. Според неа, во дебатата за сузбивање на илегалната миграција вакви мерки се нарекуваат „мачкање очи“. „Со тоа не можеме да ги намалиме бројките на миграцијата“, оценува таа и додава дека миграциската политика може да се подобри само на ниво на ЕУ, меѓу другото и со зајакнување на европската агенција за заштита на границите Фронтекс и „предфилтрација“ на бегалците на надворешната граница на Европската унија.