1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и САД: Шолц смета на Харис, ниту збор за Трамп

25 јули 2024

Шолц сака повторно да се кандидира на изборите, иако како стојат нештата во моментов, тешко дека ќе успее да победи. А кога станува збор за САД, тој става сè на една карта: Камала Харис. Ниту збор за Трамп.

https://p.dw.com/p/4iin4
Олаф Шолц на летната прес-конференција во Берлин
Олаф Шолц на летната прес-конференција во БерлинФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

Првото прашање до канцеларот Олаф Шолц (СПД) за време на неговата летна прес-конференција во Берлин беше поврзано со САД, но секако не на начин кој на Шолц би му одговарал : дали ќе го следи примерот на Џо Бајден и ќе се откаже од својата кандидатура за канцелар есента 2025, со оглед на тоа дека неговата влада стои многу лошо на анкетите?

Шолц уморно се насмевна и рече: „Ви благодарам за убавото и исклучително пријателско прашање. Не, СПД е многу сложна партија. Како таква сакаме да настапиме на изборите и да победиме. И повторно ќе се кандидирам за канцелар“, одговори тој.

Шолц го крши непишаното правило

Но, има цела низа други прашања за тоа како Шолц гледа на последните турбулентни денови во САД. При одговарањето, тој го прекрши непишаното правило како шеф на германската влада да не коментира за претстојни избори во пријателските земји. Шолц овој пат се изјасни оти мисли „дека е многу можно Камала Харис да победи, но за тоа ќе одлучат американските гласачи“.

Шолц за Камала Харис: „Таа е компетентна и искусна политичарка која точно знае што прави“.
Шолц за Камала Харис: „Таа е компетентна и искусна политичарка која точно знае што прави“.Фотографија: SVEN HOPPE/AFP/Getty Images

Јавна тајна е дека не само во Берлин, туку и во многу други европски метрополи не се плашат од ништо повеќе од победата на поранешниот претседател Доналд Трамп на изборите на 5 ноември.

Но, можеби нема да дојде до тоа, сега кога потпретседателката Камала Харис мошне веројатно ќе биде кандидат на Демократската партија, а не претседателот Бајден, со кого Шолц отсекогаш имал блиски односи. Без разлика дали се работеше за испорака на оружје за Украина или за проценка на војната на Блискиот Исток, секогаш општиот впечаток беше дека што мисли Бајден, тоа мисли и Шолц. Канцеларот до самиот крај го бранеше американскиот претседател, чиј углед се намалуваше по неговите многу вознемирувачки и збунувачки настапи.

А, сега Камала Харис. Шолц наведува дека ја познава доста добро од неколку средби во Белата куќа, од Минхенската безбедносна конференција, а неодамна и од самитот на НАТО во Вашингтон.

„Таа е компетентна и искусна политичарка која точно знае што прави. И која има многу јасни идеи за иднината на својата земја. За мене секогаш е важно дали некој само го кажува тоа што го подготвил, или има одредена размена на мислења. И имав впечаток на размена на мислења со неа“.

Ниту збор за Трамп

А што е со Доналд Трамп? Дали Шолц го контактирал по атентатот на 13 јули, во кој Трамп беше повреден во увото?

Шолц долго време зборуваше за тоа како неговата работа како канцелар е да одржува близок контакт со избраната американска влада. Така ќе продолжи и во иднина. Тоа не е одговор на прашањето дали Шолц му посакал на Трамп брзо закрепнување. Со други зборови: Шолц не контактирал со Трамп. Шолц, исто така, не кажа ништо за  контакти со други луѓе од опкружувањето на Трамп.

Доналд Трамп по атентатот на 13 јули 2024 година.
Доналд Трамп по атентатот на 13 јули 2024 година.Фотографија: Evan Vucci/AP Photos/picture alliance

Меѓутоа, германскиот министер за труд, Хубертус Хајл (СПД) штотуку се сретна со републиканскиот гувернер на Тексас, Грег Абот во САД и изјави дека „се разбира оти моите симпатии се со Демократите. Но, Германија мора да одржува односи и со тешки партнери.“ Значи и со Трамп.

А планираното стационирање на американски ракети во Германија?

Шолц минимизира уште едно важно прашање поврзано со САД. Тој и Бајден се договорија на самитот на НАТО во Вашингтон дека од 2026 година, американските ракети со долг дострел, кои можат да допрат до длабоко во руска територија, повторно ќе бидат стационирани во Германија.

Шолц објаснува дека со руската агресија против Украина се укинати децениските напори за контрола на вооружувањето. Распоредувањето на ново американско оружје е вистинскиот одговор, вели тој и додава дека „тие служат како заплашување и за да се осигура дека ние, земјите на НАТО, нема да бидеме нападнати“.

Вечна дебата: Германски трошоци за одбрана

Шолц самоиницијативно зборуваше за тема која дефинитивно ќе ги одреди реалциите меѓу Германија и САД во иднина, без разлика кој ќе биде на власт во Вашингтон: САД бараат Европа - а, особено Германија - да се грижи повеќе за сопствената безбедност. Шолц наведува дека Германија во 2017 година потрошила 37 милијарди евра за одбрана, сега 76 милијарди евра годишно (од буџетски средства и новиот специјален фонд за Бундесверот).

„Германија е водечка земја кога станува збор за безбедноста и одбраната во Европа. Сега редовно и трајно трошиме два отсто од нашиот бруто-економски производ за одбрана“, рече канцеларот Олаф Шолц на прес-конференцијата во Берлин во пресрет на годишните одмори.