Германија го национализира најголемиот увозник на гас
21 септември 2022Германската влада ќе се здобие со 99% од акциите на увозникот на гас Унипер, откако стопираното снабдувањето со гас од Русија се закануваше да ја доведе компанијата до банкрот.
Финската државна енергетска компанија Фортум, поранешен мнозински акционер на Унипер, денеска (21.09) објави дека потпишала договор кој ќе биде финализиран по завршувањето на капиталната инвестиција и преземањето на акциите на Унипер од страна на германската Влада.
Германското Министерство за економија потврди дека владата презема вкупно 99% од Унипер, создавајќи „јасна сопственичка структура со цел да се обезбеди Унипер, а со тоа и снабдување со енергија за компаниите, општинските комунални претпријатија и потрошувачите“.
Преземањето на акциите ќе биде завршено по исполнувањето на различни регулаторни барања, заедно со одобрување од страна на Генералното собрание на Унипер и одобрение од Европската комисија.
Проблеми со гасот во Германија во пресрет на зимата
Како наближува зимата, Германија прави сѐ за да заштеди природен гас. Проценките се дека резервоарите за складирање моментално се полни 90% .
Германскиот министер за економија, Роберт Хабек, изрази оптимизам дека земјата ќе успее да ја преброди зимата.
„Во целост, доста добро се справивме со ситуацијата“, изјави Хабек пред новинарите во Берлин. „Но, за Унипер, ситуацијата стана значително подраматична и значително полоша“, додаде тој.
Хабек рече дека доплатата за гас ќе стапи на сила како што е планирано, на 1 октомври. Во август, висината на планираната давачка беше 2,4 евроценти за киловат час.
Хабек денеска оцени дека доплата е неопходна за да се обезбеди финансиски интегритет на Унипер и на другите даватели на енергија во Германија.
„Државата ќе направи сѐ што е потребно за да ги одржува компаниите стабилни на пазарот во секое време“, рече тој, додавајќи дека давачката за гас е механизам што им овозможува на компаниите однапред да ги префрлат повисоките трошоци.
Меѓутоа, сега, кога Унипер е државна компанија, се поставуваат прашања дали давачката ќе биде во согласност со германските закони. Хабек рече дека правната анализа е во тек. Министерот за економија додаде дека национализацијата на Унипер треба да заврши за околу 3 месеци, а капиталната инјекција од 8 милијарди евра е истата која беше најавена во јули, а која треба да се дистрибуира.
Зошто се купува Унипер?
Унипер, најголемиот увозник на природен гас во Германија, служи како посредник меѓу руските добавувачи и германските потрошувачи.
Меѓутоа, откако Русија ја нападна Украина и го прекина снабдувањето со гас во Европа по западните санкции, компанијата беше принудена да купува гас на друго место по повисоки цени, а притоа да ги апсорбира трошоците без да ги пренесе на потрошувачите.
Компанијата беше една од оние кои беа вклучени во изградбата на гасоводот Северен тек 2, кој не беше активиран по изградбата и е замрзнат на неодредено време, како дел од пакетот санкции наметнати како одговор на инвазијата.
Но, ситуацијата за Унипер стана уште посложена на почетокот на овој месец. Рускиот енергетски гигант Газпром соопшти дека испораката на гас за Западна Европа преку гасоводот Северен тек 1 е целосно запрена поради проблеми со опремата, не давајќи временска рамка за тоа кога ќе продолжи со активностите.