Германците сѐ покритични кон Европската унија
10 јуни 2023„Ние како Европејци...“ Пред речиси 20 години Институтот за испитување на јавното мислење „Инфратест димап“ ги праша Германците дали мислат дека тоа се однесува на нив. Повеќе од половината (52%) се чувствувале „малку“ како Европејци или воопшто не. Речиси половината (48%) се чувствувале „така“. Тоа беше во јуни 2004 година, пред изборите за Европскиот парламент.
Ако денес, една година пред идните избори за Европскиот парламент, некој текст почне со зборовите „Ние како Европејци...“, само 41 процент од Германците ќе речат дека се чувствуваат „така“ или „многу така“, а мнозинство (56%) смета дека тоа малку или воопшто не се однесува на нив. Тоа е резултат на испитувањето на јавното мислење кое Институтот „Инфратест димап“ го спровел на барање на „Еврофорум“ на јавниот сервис ВДР, на кој на 6.06.2023 учествуваше и германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Испитувањето е извршено на репрезентативен примерок од 1302 лица со право на глас и покажува дека односот на Германците кон ЕУ во последниве години станал посомничав. Само четвртина од анкетираните смета дека членството во ЕУ на Германија ѝ носи повеќе предности, а тоа се 14% помалку отколку во јули 2020 година. Речиси исто толку (27%) велат дека на Германија членството во ЕУ ѝ носи повеќе недостатоци, што е 12% повеќе отколку пред три години. Воедно, 41% смета дека членството во ЕУ носи подеднакво предности и недостатоци.
14 проценти би сакале Германија да ја напушти ЕУ
Во последните три години порасната е желбата земјите-членки да ги повратат надлежностите од ЕУ и да решаваат посамостојно. Моментно тоа го сакаат 38% од испитаниците, 16% повеќе одошто во јули 2020 година.
Желба членките на ЕУ да ја продлабочат соработката и да пренесат повеќе надлежности на ЕУ моментално има само третина од Германците – 34%, што е за 20% помалку од пред три години. Петтина смета дека во овој однос не треба ништо да се менува.
Истовремено, 14% анкетирани сметаат дека Германија треба да ја напушти ЕУ, како што пред неколку години направи Велика Британија. Сепак, големо мнозинство (79%) тоа го отфрла.
Помалку Германци отколку пред неколку години сметаат дека членството во ЕУ позитивно се одразува врз безбедноста и економскиот развој на Германија.Сепак, мнозинството ги воочува предностите на членството во ЕУ. Две третини (68%) изјавуваат дека преку членството во ЕУ се живее побезбедно во Европа, но тоа е 10% помалку отколку во 2019 година, пред тогашните избори за ЕП. Нешто повеќе од половина (56%) велат декачленството во ЕУ на Германците им носи економски предности (што е 22% помалку отколку пред четири години), а нешто повеќе од една третина (35%) во членството гледа неповолности за германската економија.
За европска војска е секој втор Германец
Војна, енергетска криза, висока инфлација – ретко кога било потребно совладување толку многу кризи во исто време. Војната во Украина го наметна и прашањето за одбрана на Европа – во ЕУ, која навистина има комесар за промовирање на европски начин на живот, но нема комесар за одбрана.
Францускиот претседател Емануел Макрон пред неколку години, одамна пред руската агресија врз Украина, бараше формирање заедничка европска војска. Германците се отворени за таа идеја: 53% сметаат дека би било добро да постои заедничка војска на ЕУ. Една третина (32%) ја отфрла таа идеја, а 15% се неодлучни. Во мај 2019 година 62% од Германците заговарале идеја за заедничка војска на ЕУ.
Меѓу заговорниците на идејата за заедничка војска само една третина (34%) смета дека заедничката војска би требало целосно да ги замени националните војски, значи и Бундесверот. Но, многу повеќе (62%) сметаат дека националните војски треба и натаму да постојат.
Половина Германци за прием на Украина во ЕУ
Рускиот напад на Украина ја промени и ЕУ, а го наметна и прашањето за Украина во ЕУ. Половина од Германците (52%) сметаат дека долгорочно Украина би требало да биде примена во ЕУ (поддршката е опадната за 6% во однос на февруари годинава), а 37% од Германците се против долгорочен прием на Украина во ЕУ.
Од минатото лето, Украина и официјално е кандидат за ЕУ, но претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, при последната посета на Киев нагласи дека на таа земја ѝ се потребни натамошни реформи.
Од работата на Урсула фон дер Лајен се незадоволни повеќе од половина од Германците (53%), но тоа е 17% помалку отколку во април 2021 година. Од работата на ЕК се задоволни или многу задоволни 38% од испитаниците, 15 проценти повеќе одошто пред две години.
Соработка со Кина и САД
Кон кои партнери би требало да се сврти ЕУ? Мнозинство поддржува соработка на ЕУ со САД: 42% велат дека таа соработка треба да продолжи како и досега, 29 % се за зајакнување на соработката, додека 22 % сметаат дека соработката со САД треба да се намали.
Поинаку се гледа на соработката со Кина. Речиси половина (47%) Германци сметаат дека соработката треба да се намали, една третина (28%) се за продолжување на соработката во досегашен облик, а 14% заговараат јакнење на соработката на ЕУ со Кина.
Германците се сомничави кога е во прашање улогата која ЕУ ја игра на меѓународна сцена. Повеќе од половина (53%) изјавуваат дека ЕУ на меѓународната бина не се сфаќа сериозно (5% повеќе отколку во април 2014 година), додека 40% Германци не се согласуваат со ова тврдење.