1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жозеп Борел остро ги критикуваше амбасадорите на ЕУ

агенции
12 октомври 2022

Жозеп Борел ја критикуваше зависноста на ЕУ од Кина (евтини производи), Русија (евтин гас и нафта) и САД (одбрана) и практично прогласи банкрот на надворешната политика на ЕУ.

https://p.dw.com/p/4I5DN
Жозеп Борел
Жозеп Борел (75) од 1.12.2019 година е висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политикаФотографија: Jean-Francois Badias/AP/picture alliance

Жозеп Борел има официјална титула: тој е висок претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност. Но, Борел повеќе би сакал поедноставна титула: министер за надворешни работи на ЕУ. Но, тој потфат секогаш пропаѓаше поради членките на ЕУ: владите назначуваат министри, а не Брисел - така се гледа на ова прашање од Лисабон до Варшава. Борел треба да координира. Е па, тој Борел сега всушност прогласи банкрот на тој тип на надворешна политика на ЕУ.

„Ние Европејците сега сме соочени со последиците од долгиот процес. Европа целосно го одвои својот просперитет од својата безбедност во многу европски метрополи. Нашиот просперитет се базираше на евтината енергија од Русија. И во пристапот до кинескиот пазар, за трансфер на технологија и инвестиции, и секогаш со цел да се добијат евтини производи“, рече Борел.

Потоа додаде реплика што Европејците претходно ја слушнаа од Доналд Трамп: „Нашата безбедност ја делегиравме на САД“. 

Европа ја бранат американски војници, евтин гас испорачуваат Русите, а евтини производи Кина. Тој модел целосно пропадна, заклучува Борел: „Ние целосно ги одвоивме изворите на нашиот просперитет од изворите на нашата безбедност“. 

Шеф на 130 амбасади на ЕУ ширум светот 

Шпанецот одржа необичен говор на годишната средба со своите амбасадори. Како висок претставник, тој има свои амбасадори во околу 130 земји - покрај амбасадите што ги имаат 27-те земји-членки на ЕУ во речиси сите земји во светот.

Борел ги повика „своите“ дипломати подобро да ја вршат својата работа како европски амбасадори - затоа што времето на пресврт допрва почнува.

„Настаните за кои мислевме дека никогаш нема да се случат сега се случуваат еден по друг.

Црниот лебед ќе стане норма, „белите лебеди повеќе нема да бидат мнозинство“ Со други зборови: во годините што доаѓаат Европа мора да биде подготвена за случувања што никој не ги предвидува. 

„Испратете телеграма... брзо´

Тој ги обвини неговите највисоки дипломати дека се бавни, неефикасни и покровителски кон земјите во кои работат, исто така, укорувајќи ги дека не ја предвиделе руската инвазија на Украина.

„Ова не е момент кога ќе ви испратиме цвеќе на сите вас велејќи дека сте убави, дека работите многу добро и сме многу среќни“, им рече Борел на амбасадорите. 

Борел се пожали што глобалната дипломатска мрежа на ЕУ е помалку информативна отколку читањето на весниците. „Понекогаш, знаев повеќе за тоа што се случува некаде читајќи ги весниците, отколку читајќи ги вашите извештаи“, им порача тој на ЕУ дипломатите. 

Борел ги критикуваше дека треба подобро да го информираат, бидејќи често дознава вести само од медиумите. „Треба да бидам најдобро информираниот човек на светот“, со многуте делегации што ЕУ ги има низ светот. Затоа ве молам: „Испратете телеграма, електронска пошта - и тоа брзо“. И повеќе твитови се добредојдени, тоа е сега најважно. 

Борел испрати уште едно важно предупредување до своите дипломати: тие не треба да ја преценуваат улогата на Европа како модел на владеење на правото и демократски модел за другите региони во светот. Во иднина подобро би било повеќе да слушаат што зборуваат другите, е неговиот совет до амбасадорите.

Не треба да одиме од зависност во зависност 

За Борел, нападот на Путин го потресе светогледот на многумина - во главните градови на ЕУ, на универзитетите, меѓу дипломатите. Економското испреплетување и поврзаното верување во мирно решавање на конфликтите се претворија во зависност.

Токму оваа грешка не треба да се повтори во очајната потрага по снабдувачи со гас и електрична енергија. „Не смееме да замениме една зависност со нова зависност“.

Европејците сега можеби би можеле да здивнат бидејќи течниот гас доаѓа од САД: „Но, што ќе се случи ако САД, со нов претседател, повеќе не се толку пријателски и кооперативни кон Европа?“.

Борел ги повикува сите земји-членки да станат независни во снабдувањето со енергија што е можно поскоро или, доколку е потребно, подобро да го распределат ризикот од увозот.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема