1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саботажи: Кој ја штити критичната инфраструктура?

Флоријан Фладе / ВДР
6 октомври 2022

Експлозиите на гасоводот Северен тек покажаа дека критичната инфраструктура е неопходна, но и исклучително ранлива. Кој всушност е одговорен за нејзина заштита?

https://p.dw.com/p/4Hieq
Гасоводот Северен тек 1
Гасоводот Северен тек 1Фотографија: Jens Büttner/dpa/picture alliance

Балтичко Море речиси и да не клокоти веќе. Од двата гасоводи Северен тек 1 и 2 кои минатата недела беа оштетени очигледно од четири експлозии во близина на данскиот остров Борнхолм, речиси и да не  истекува гас,  соопштија данските и шведските власти во неделата. Наскоро штетата детално ќе се прегледа и потоа  започнува истрагата за расветлување на случајот.  Речиси и да нема сомнеж дека  се работи за саботажа.

Тајни служби ги шпионирале гасоводите 

Експлозиите на двата гасовода во Балтичко Море одеднаш на виделина ја извадија ранливоста на критичката инфраструктура во морето. Во минатото повеќе пати имаше предупредувања дека цевките, а особено оптичките кабли на морското дно, кои се исклучително важни за комуникација и снабдување со енергија, се речиси незаштитени од можни напади, како и дека подолго време се шпионирани од воени и тајни служби. По овие настани, минатата недела германската влада се соочи со нејаснотија: кој всушност е одговорен за заштита на ваквата инфраструктура на отворено море? И какви мерки се возможни и реални? На прашање на ВДР, владиниот портпарол одговори дека целата владата „се занимава со настаните и хаваријата на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2 во Балтичкото Море.“

Оштетувања на гасоводите Северен тек 1 и 2 во Балтичко Море, веројатна саботажа
Оштетувања на гасоводите Северен тек 1 и 2 во Балтичко Море, веројатна саботажаФотографија: Danish Defence Command via REUTERS

Германската армија, полиција и БНД во акција 

Оваа изјава отвора друго прашање: ако се сите вклучени, кој на крајот одлучува? Германската армија прво го испрати бродот за детекција на мини „Бад Рапенау“ за да испита дали има и други штети на гасоводот. Германската полиција најави засилени контроли на германските брегови, а тајната служба БНД исто така треба да помогне во разјаснување на случајот. БНД во минатото веќе предупреди од можни саботажи на подводни кабли за пренос на податоци. 

Досега одговорни за заштитата беа операторите

За заштитата на критичката инфраструктура од сајбер напади и обезбедување минимални стандарди за ИТ-безбедност доста се дискутираше во минатото. Пред сѐ операторите на инфраструктурата имаа обврска да преземат одредени безбедносни мерки. Но, сега одеднаш повеќе не станува збор за  хакери и компјутерски вируси,  туку за физички напади на делови од критичката инфраструктура, кои се есенцијални за снабдување со енергија или интернет. Можна е воена саботажа или де факто воени дејствија. Како треба да се заштитат операторите во ваков случај и каква заштита нуди државата? И што во случај ако самиот оператор е осомничен за уништувањето? Како што се гледа, распределбата на надлежностите во вакви случаи кај германските власти очигледно е нејасна. 

Дефиницијата за  критичка инфраструктура,  или под кратенката КРИТИС, гласи: „Организации или објекти од големо значење за државата, чие нефункционирање или оштетување би резултирало со трајни тесни грла во снабдувањето, значителни нарушувања на јавната безбедност или други драматични последици“. Тоа се, на пример, снабдувањето со електрична енергија и вода за пиење, производството на храна, здравството, телекомуникациите или секторот транспорт и сообраќај.

Опасностите за критичната инфраструктура не доаѓаат само од хакерски напади
Опасностите за критичната инфраструктура не доаѓаат само од хакерски нападиФотографија: Jochen Tack/dpa/picture alliance

Повеќе од 500 компании се дел од КРИТИС 

 Повеќе од 500 компании моментално се дел од КРИТИС секторите. Тие мора да преземат конкретни строги мерки за заштита на нивните објекти и се во контакт со Сојузното министерство за внатрешни работи или со подредените органи како што е Сојузната канцеларија за цивилна заштита и помош при катастрофи (ББК) или Сојузната канцеларија за информациска безбедност (БСИ). Кои услуги влегуваат во КРИТИС, досега беше дефинирано со таканаречената КРИТИС регулатива на БСИ. Изненадувачки, во инфраструктурата која бара посебна заштита, не се вклучени каблите за пренос  на податоци кои исто така се поставени долж германскиот брег и обезбедуваат снабдување со интернет. Според Сојузното министерство за внатрешни работи, за нивната заштита се одговорни операторите.

95 проценти од сите податоци се пренесуваат преку кабел 

Помеѓу 400 и 500 кабли за податоци моментално ја опкружуваат земјината топка и гарантираат дека комуникациските системи се вмрежени, бидејќи околу 95 проценти од сите податоци сега се пренесуваат на овој начин. Каблите ги поставуваат, управуваат и одржуваат речиси исклучиво приватни компании. Покрај тоа, има само околу десетина специјални бродови ширум светот кои можат да се користат за поставување на нови кабли или за поправки. Дури во јуни беше објавена студија изработена за потребите на Парламентот на ЕУ за „Закани за безбедноста на подморските комуникациски кабли и инфраструктура - последиците за ЕУ“. Во неа, авторите предупредија на ранливоста на каблите за пренос на податоци на морското дно и предложија земјите-членки на ЕУ да спроведат свои проценки на ризици, да воспостават и вмрежуваат системи за технички мониторинг и подобро да ја координираат нивната заштита.

Нов закон во Германија 

 Во Германија за регулација на оваа област би можел да помогне законот за КРИТИС, кој е предвиден во коалицискиот договор на владата. Конкретно, Зелените веќе подолго време бараат ваков закон, кој не само што треба да ја регулира ИТ безбедноста, туку и физичката заштита на критичната инфраструктура. Во јули годинава министерката за внатрешни работи Ненси Фезер (СПД) објави дека наскоро ќе ги проследи клучните точки на законот до кабинетот. Тоа сѐ уште не се случи.