1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анатомија на падот на СДСМ

3 јули 2024

Ако треба да се говори отворено, социјалдемократската мрежа во моментов може да ја (о)држи само двоецот Филипче - Заев бидејќи за нејзино функционирање не се доволни само голи лидерски амбиции. Пишува Соња Крамарска.

https://p.dw.com/p/4hmwG
По тешкиот пораз на двојните избори, Социјалдмемократскиот сојуз има нов лидер
По тешкиот пораз на двојните избори, Социјалдмемократскиот сојуз има нов лидерФотографија: Petr Stojanovski/DW

Од утре СДСМ се ресетира. Повеќе нема да биде салонска партија, нема да им служи на поединци туку на граѓаните. Не, не е тоа изјава на Венко Филипче, туку е изјава од Бранко Црвенковски, по враќањето на кормилото на СДСМ во 2009 година. Тој тогаш уште рече и дека СДСМ не е драгстор во кој можеш да влезеш и да земеш само тоа што ти се допаѓа.

Многу вода протече од тогаш, но остана една константа. СДСМ продолжи да паѓа и покрај ветувањата на сите лидери што дојдоа дека повторно ќе го издигнат. Денес СДСМ доби лидер со 9.000 гласови на тајни и непосредни внатрепартиски избори што е помалку од гласовите со кои некои градоначалници заземаат општини, или советници влегуваат во општински совети.

Ѕвездените моменти социјалдемократите ги доживеаја во деведесеттите години, кога Македонија ги учеше првите чекори во независноста и плурализмот. Водени од инерцијата на Комунистичката партија од која се изнедрија, тогашните социјалдемократи водени од Црвенковски, а менторирани од Глигоров покажаа силно чувство за високи политики и со право го стекнаа епитетот на државничка партија. Иако подоцна се соочија со обвинувања за лошо водената приватизација, губење на илјадници работни места, фактот дека внимателно пловеа со бродот на осамостојувањето остана, а со него и квалификациите дека се елитна партија наспроти ВМРО-ДПМНЕ која ги собра околу себе противниците на комунизмот. 

Таборите во владата на Заев 

Но година по година, пораз по пораз, од СДСМ денес остана разбиена партиска структура, партија склона на корупција и извршител на корупција, партија со изгубена идеологија, финансиски осиромашена, и дезориентирана по последните избори на кои доживеа катастрофален пораз. Тоа, пак, што се случуваше последниве денови во партијата откако беше објавена трката за нов лидер, многу наликува на тоа како владееше СДСМ и зошто падна. Истапувањето на личности кои колку до вчера припаѓаа на третиот ешалон во партијата, а сега надмено се тркаат за претседатели, јавното забивање на нож во грб на новоизбраниот претседател, сѐ се тоа работи кои се случуваа и додека СДСМ беше власт, само беа невидливи во јавноста. Заев константно беше изложуван на потсмев од скопските социјалдемократи и нивните јавни и тајни штабови, а и струмичанецот возвраќаше со иста мера преку свои инсталации кои беа доминантни на теренот. Јавна тајна беа таборите во владата, кој во чија групација е, па така разединети доживеаја да им биде инсталиран премиер и претседател на партијата- човек без политичко искуство и без вештини да врши премиерска и лидерска функција.

Поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев (архивска фотографија)
Поранешниот претседател на СДСМ, Зоран Заев (архивска фотографија)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Поставувањето на Ковачевски кој беше ученик во високата политика на двете најважни позиции за СДСМ, а во тоа време и за државата, беше само последица на поделеноста на партијата и недовербата на Заев кон луѓето со кои ја извојуваа власта (но не и изборната победа за жал) во 2017 година. Одбегнувањето на Заев да ја остави партијата и премиерската функција на некој од партиските „волци“ кажува дека не се работело за државна и партиска стратегија туку за определба да се спречат натамошни внатрешни ескалации кои можеле да завршат лошо за него. Тоа денес доведе до нов театар за избор на лидер во кој сите ги знаат улогите на сепак ја играат претставата која не води кон ништо добро. 

Од друга страна, такви состојби во ВМРО-ДПМНЕ се речиси невозможни. Партијата која во деведесеттите беше пустошена преку надворешно индуцирани поделби, некогаш и од тајните служби, и која во 2017/18 се соочи со погром и половина раководство под истраги и во затвор, и со побегнат лидер во Будимпешта, успеа да остане на нозе и да триумфира на последните избори. Самиот факт дека досега во ВМРО-ДПМНЕ се сменија само тројца партиски лидери (Георгиевски, Груевски и Мицкоски) а во СДСМ седум (Гошев, Црвенковски, Бучковски, Шекеринска, Заев, Ковачевски и Филипче), а со тоа што Црвенковски во два наврати во различни периоди беше лидер па може да се смета и за 8 претседатели, доволно говори за внатрешната нестабилност на СДСМ.

Фрагилност наспроти цврстина

Притоа треба да се потсети и дека Бучковски и Шекеринска беа практично соборени од лидерските функции без оглед што нивната смена се одигра на конгрес, но на кој му претходеа внатрепартиски бури. Некој ќе рече на СДСМ никогаш не му се случиле пресметки како онаа во Панорама на ВМРО-ДПМНЕ меѓу приврзаниците на Георгиевски и Груевски, но токму способноста на ВМРО-ДПМНЕ брзо да закрепнува по тие настани е нешто што ги прави силни и уникатни. Во ВМРО-ДПМНЕ се случија внатрешни превирања како што беа судирот меѓу Љупчо Георгиевски и Доста Димовска, отцепувањето на Борис Стојменов чии пратеници беа пуштани во парламентот со оружје во џебот за да се заштитат од матичната партија, поделбите на повеќе партии во кои некогаш беше и новата министерка за образование Весна Јаневска, борбите за партискиот печат, расчистувањето со сивата еминенција Борис Змејковски, а потоа и со сивата еминенција Сашо Мијалков, јавните преписки меѓу Мицкоски и Груевски, отцепувањето на седумте пратеници кои гласаа за Преспанскиот договор....

Оваа паралела е важна за да се отслика фрагилноста на социјалдемократите наспроти цврстината на нивниот конкурент ВМРО-ДПМНЕ, што не е неважно ако се знае дека се тоа двете партии кои на смена ја водеа државата од осамостојувањето во 1991 досега, и дека сега со апсолутната власт кон која се стреми ВМРО-ДПМНЕ и најверојатно ќе ја заокружи со локалните избори 2025, е потребна и силна опозиција. Прашањето кое лебди е дали освен по цврстината двете партии се разликуваат на пример и според нивото на внатрешната демократија и, што е корисно за државата, а што за партијата која ја води. Дали цврстата рака на лидерот која потоа се одразува и на стилот на владеење е покорисна или либералноста на социјалдемократите која отиде под политички разумна граница и ја девастираше како државата така и самата партија?

Новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче
Новиот лидер на СДСМ, Венко ФилипчеФотографија: SDSM

Тоа не е заговарање да се прекршуваат постулатите на демократијата која е важна како во општеството така и во партиите, но е легитимно прашање во политиката која е движечки мотор за секоја држава. 

Новиот лидер Филипче, поддржан од Заев, ќе има девет месеци за да ја консолидира партиската база и да ја доведе на конгресот идната пролет за да може да победи со повеќе гласови и посилен легитимитет. И тоа несомнено ќе се случи. Ако треба да се говори отворено, социјалдемократската мрежа може да ја (о)држи само овој двоец бидејќи за нејзино функционирање се потребни и пари, а не само голи лидерски амбиции. Прашањето е само што ќе прави Филипче по локалните избори за кои е извесно дека ќе ги добие ВМРО-ДПМНЕ и кога гласно ќе биде барана негова смена. Впрочем силните најави на Мицкоски дека ќе даде финансиски инфузии на општините не се ништо друго туку авансирање во локалните избори и освојување на она малку што остана да му се одземе на СДСМ.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема