Лидер или алтер его: Филипче пред тешка задача
1 јули 2024Што ќе донесе вчерашниот избор на Венко Филипче за нов претседател на СДСМ? Извори од СДСМ не сакаат јавно да го коментираат исходот од вчерашниот избор сѐ додека не ги видат првите потези на новиот претседател. Сепак, еден од нашите соговорници забележува дека било најважно да се сфати дека ова е историски пресвртен период за партијата, но има впечаток како тоа да не било сериозно разбрано.
„Ако членството брзо не се мотивира и мобилизира, другата опција е стрмоглаво лизгање надолу. За СДСМ во моментов не постои ‘нешто помеѓу', бидејќи и стагнацијата е прв чекор кон натамошно паѓање. Новиот партиски претседател ќе има многу тешка задача, имајќи предвид колку ниска беше изборната активност, нешто што досега не се случило. Тоа индицира најмалку три нешта: прво, растечка недоверба дека кој било од кандидатите во трката може да направи квалитативен пресврт за партијата, второ, дека дел од членството се сомнева оти изборот е направен пред изборите, трето, дека ќе добијат претседател кој е алтер его на некој од претходните којшто придонел да еродира влијанието и угледот на СДСМ. Сите три се лимитирачки за нов исчекор на партијата, што значи дека новиот претседател ќе има тројно поголема обврска - прво да ја елиминира недовербата, да го мотивира членството и да го обедини, за да може партијата да трне напред“, вели нашиот соговорник.
ВМРО-ДПМНЕ: И по Заев - Заев
Нивото на изборната активност сама по себе сведочи за растечка демотивација: на првите непосредни внатрепартиски избори Заев беше реизбран со речиси 60.000, Ковачевски беше избран со околу 38.000. Оттука изборот на Филипче со нешто над 9.000 гласови од вкупно излезени 12 .600 гласачи или 54 отсто од запишаните 23.000 членови, ги отвори прашањата за легитимитетот, на што прва се осврна кандидаката која се откажа од трката, Славјанка Петрова.
„Денес 11.000 демонстираа свој став. И тоа е повеќе од 9.000. А легитимитет не се добива со 9.000 гласа. Но, најважното СДСМ е многу повеќе од 12.000 или 23.000, СДСМ се сите кои не се регистрираа и со тоа демонстрираа отпор“, порача Петровска.
Според партискиот статут мандатот на новиот претседател ќе биде до март 2025 година, кога би требало да има редовни избори за лидер кој ќе добие четиригодишен мандат.
Како ќе се искористи периодот дотогаш? Според нашиот согoворник, нова опасна замка за СДСМ е ако претстојниот период го губи времето за внатрешни расправии.
„Изборот е завршен. СДСМ сега нема време ни луксуз да влегува во нови разединувања. На една година пред локалните избори, партијата мора да се консолидира и да му даде шанса на новиот претседател. Да, тој го дава генералниот тонот и насоката, ама партија значи, пред сѐ, тимска работа. Без тоа ништо не се прави“, вели член на СДСМ.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, изборот го оценија како „И по Заев - Заев".
„Венко Филипче со 9 илјади гласови, колку се потребни за советник во општина стана лидер на СДС. Еден Заев се замени со друг Филипче. Филипче не е нов лидер, туку чувар на фотелјата на Зоран Заев", наведуваат од партијата.
Притоа го посочуваат како одговорен за „погромот со Ковидот", за матни тендери, за модуларната болница...
„Ако мисли дека Филипче дека ќе се спаси, и кога ќе одговара за криминалите ќе вика дека е политички реваншизам овој пат тоа е најпогрешниот начин да избега од одговорност. Одговорност ќе има“, се вели во партиското соопштение.
Нема да делам, ќе обединувам
Филипче вчера им честиташе на сопартијци кои беа дел од изборната трка, наведувајќи дека победил професионализмот, емпатијата, грижата за луѓето како негови основни вредности по кои ќе работи и функционира СДСМ. Како што наведе, негова цел е да ги „вбризга“ во СДСМ принципите кои го водат во неговиот личен и професионален живот - принципите на заедништво, другарство, взаемна почит и отворена комуникација.
„Следи период на реорганизација и реформа согласно моите програмски ветувања, со кои сигурен сум дека СДСМ повторно ќе победува. Ова нема да биде ниту брзо, ниту лесно. Но јас знам дека нема друг начин да ја вратиме довербата кај членовите освен да напаравиме вистински темелни промени. Промените не можеме ниту да ги лажираме ниту да бидат половични. Граѓаните и нашите членови тоа ќе го препознаат и нема да ја вратат довербата. Промените мора да бидат вистински, искрени и пред се истрајни“, порача Филипче.
Ако успеат во тоа, верува дека СДСМ ќе се врати уште посилна и ќе продолжи да биде мотор на општествениот напредок.
„Многумина сакаат да ја видат СДСМ клекната и поразена. Се надеваат дека партијата нема да опстане и се ситат на изборниот пораз. Ветувам дека ќе го вратиме достоинството на партијата, а оние кои се надеваат на лоша иднина на партијата, длабоко ќе се разочараат“, рече новоизбраниот пrетседател на СДСМ.
Вети дека нема да дели туку ќе обединува и силно ќе се спротистави на оние кои сакаат да ја ослабнат партијата на сметка на личниот интерес.
Како се топеа гласовите
За првпат непосредни избори за претседател на СДСМ се спроведоа во март 2021, кога Зоран Заев како единствен кандидат беше реизбран со 59.249 гласови и 865 гласови „против“. Тогаш од активно регистрираните вкупно 68.999 беа запишани членови во избирачкиот список, а излезноста беше 90 отсто на 237 избирачки места во сите 80 општини.
По само девет месеци, (декември 2021 година), се спроведоа вонредни внатрепартиски избори на кои победи Димитар Ковачевски откако Зоран Заев поднесе оставка на лидерската позиција по поразот на локалните избори во октомври 2021 година. И тогаш избирачката активност беше поголема - гласаа 44.406 членови или 86,5 отсто од активно регистрираните. Ковачевски доби 37.649 гласови, за неговиот противкандидат Јован Деспотовски тогаш гласаа 3.319 членови, а за Фросина Ременски 2.836.
На вчерашните избори Деспотовски доби 2.705 гласови, Александар Бајдевски 905, а Славјанка Петровска која се откажа од трката -190 гласови. Неважечки биле 174.
Пред Филипче, досегашни претседатели на СДСМ беа Димитар Ковачевски, Зоран Заев, Владо Бучковски, Радмила Шекеринска и Бранко Црвенковски.