1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе го наследи Димитар Ковачевски во СДСМ?

ДТЗ
29 јуни 2024

Членството на 30 јуни ќе избира меѓу тројца кандидати, кои ветија обединување и реформи во партијата, со цел таа повторно да се врати како победничка сила во земјата. Атмосферата засега не навестува таков исход.

https://p.dw.com/p/4ha0O
СДСМ
СДСМ пред одлука - кој ќе го наследи Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Четирите различни визии за иднината на СДСМ кои ги понудија кандидатите за лидерската позиција во најголемата опозициска партија, по катастрофалниот изборен пораз на пролетните избори во Северна Македонија и повлекувањето на Димитар Ковачевски од партиското кормило, во петокот попладне се сведоа на три.

Но, на последнииот ден од кампањата дојде и ненадејно откажување повик - кандидатката за претседател на СДСМ, Славјанка Петровска побара в недела да не се одржат изборите за нов лидер на партијата и да се формира привремено партиско раководство. Таа обвини дека изборниот процес не бил фер, особено во делот на регистрацијата на гласачите, со што дополнително се вжештија состојбите, во и онака зовриената внатрепартиска битка. 

Додека едни ветуваат сосема нов почеток и раскрстување со сенките од минатото, други се надеваат и се потпираат на поддршката на поранешното партиско раководство. Пред изборите на 30 јуни, четворицата кандидати за лидер на СДСМ изминатиов период имаа средби со граѓаните на кои им ја презентираа својата визија за враќање на партијата на стабилни нозе. Ексминистерот за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски и заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, ветија обединување на членството и реформи во партијата, со цел таа повторно да се врати како победничка сила во земјата.

 

СДСМ
Кој ќе го наследи Димитар Ковачевски?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Нов почеток, нов СДСМ 

Нов почеток нуди кандидатот на партиски лидер, Јован Деспотовски, на кој ова му е втор обид да го освои партискиот трон. „Ја враќаме моќта кај членовите, не кај раководството. Ја слушнавме пораката. Крајно време е за ново лидерство кое навистина ја слушнало, но и ја разбрало пораката“, се зборовите со кои тој им се обрати на сопартијците. 

Потенцитајќи дека на партијата и е потребен лидер кој обединува, директорот на ТИРЗ е дециден дека овие избори не треба да се сведат на пазарење, туку на натпревар на концепти и идеи и да им се овозможи на луѓето да се изјаснуваат без притисок. Тој до Централната изборна комисија на партијата достави предлог за дополнување на документите при кандидирање. Бараше секој од кандидатите да се обврзе, во случај да не биде избран за претседател на СДСМ, да не прифати ниту една друга партиска функција на централно, ниту на локално ниво.

На средбата во Велес на 18 јуни најави дека една од клучните заложби на партијата ќе биде враќањето на вредностите и традициите од АСНОМ. Презентирајќи ја програмата, порача дека клучната реформа ќе биде зајакнување на членството и воведување директен избор на кадри.

„СДСМ избори добива со душа и со срце. И ние тоа го изгубивме. Тоа е системски проблем кој се обидуваме сега повторно да ја замениме со наметнување решенија. Тоа се покажа дека не е добро. Затоа ни е потребна реформа и системско решение. А, тоа е многу едноставно. Претседателот на општинската организација, кандидатот за градоначалник, за пратеник не може да се бира во Скопје. Затоа воведуваме директен избор на носителите на сите функции во партијата. Членството одлучува кој ќе ги преставува“, нагласи Деспотовски. 

Јован Деспотовски
Деспотовски најави дека нема да прифати ниту една позиција во партијата, доколку не биде избран за лидер на партијата.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Секој треба да биде слушнат“

Со пораката дека секој треба да биде слушнат, и дека секоја идеја е важна, поранешниот министер за здравство Венко Филипче се обидува да ја освои довербата на партиското членство. На средбите со граѓаните тој порачуваше дека СДСМ мора да го искористи сиот потенцијал на членството и дека секој треба да биде слушнат, бидејќи секоја идеја е важна. Како иден претседател на СДСМ, вети дека ќе се залага на систем на размена на идеја на мислења на комуникација, и тоа ќе биде начин на работа на новото раководство на СДСМ.

„Најважно од се е другарството, најважна од се е релацијата, отвореноста, достапноста. Не може некој да не се јавува или да не комуницира поради тоа што во моментот извршува некаква функција. Ако јас бидам претседател секогаш ќе ви бидам достапен. Јас така знам да функционирам. Таков сум бил како доктор, така сум бил како министер и така мислам тоа е една од работите зошто се нафаќам да се кандидирам на оваа функција. Затоа што сметам дека тој систем може да се имплементира и тука во партијата“, порача Филипче.

И тој не верува во наметнати политики, кои ќе ги смислува раководството во Скопје, бидејќи тоа создава револт кај членството. 

Грешките од минатото не треба да се повторат 

Филипче на средбите со граѓаните, меѓу друго истакна дека СДСМ мора да учи од грешките, а идниот претседател е должен тие никогаш да не се повторат.

„Историјата е нашиот најголем учител, но само ако избереме да учиме од неа. Иднината на СДСМ ќе остане заложник на минатото ако не направиме суштински промени. Ако бидам избран за претседател, моја главна грижа ќе биде грешките од минатото никогаш да не се повторат“,истакна Филипче.

Венко Филипче
Венко Филипче вети обедување на членството, на тој начин што никој од членовите нема да биде оставен настрана. „Сите ќе бидат сослушани и разбрани“, вети Филипче.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Повеќе зијан од ќар 

Филипче беше еден од главните „играчи“ во тимот на поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев. При поднесувањето на кандидатурата за лидер на СДСМ, рече дека добрите релации со Заев и со други поранешни партиски лидери и функционери ќе бидат еден од главните предуслови за брзо обединување во СДСМ. 

Но, некои од неговите противкандидати сметаат дека блиските релации со поранешното раководство би можеле да нанесат повеќе штета отколку ќар.

„Застанувањето на кој било од поранешните претседатели на СДСМ зад некој од сегашните претседателски кандидати може дополнително да ја подели партијата и дополнително да го отежни процесот на легитимен избор на претседател“, е ставот на пратеничката и кандидатка за лидер на СДСМ, Славјанка Петровска. Таа во интервју за телевизија Канал 5 одговараше на прашање дали евентуална поддршка на Заев ќе му даде на Филипче извесна предност пред останатите кандидати.

„Јас ги почитувам сите поранешни претседатели на СДСМ затоа што оставиле свој белег и во партијата и во државата, меѓутоа мене ми треба поддршката на членството“, вели Петровска.  

Славјанка Петровска
„Јас ги почитувам сите поранешни претседатели на СДСМ затоа што оставиле свој белег и во партијата и во државата, меѓутоа мене ми треба поддршката на членството“, вели Петровска. Фотографија: MOD North Macedonia

Државотворна партија 

Таа со своја програма „Манифест за социјалдемократијата“ влезе во трка за лидерската позиција.Нејзиниот став е дека СДСМ мора да продолжи да биде државотворна партија. 

„СДСМ е голема, државничка партија која носела храбри одлуки во интерес на државата, без да калкулира со сопствениот рејтинг. Тоа е одговорност пред нашите граѓани и вредност што треба да продолжиме да ја негуваме. Со исправни, демократски политики, со чесни и докажани луѓе ќе го вратиме СДСМ на вистинскиот пат“, изјави Петровска деновиве во Штип. 

Доколку не ги освои потребните гласови за лидерската позиција во партијата, и таа како и Деспотовски, вели дека нема да бара никаква партиска функција. „Нема да прифатам позиција доколку не победам на изборите, се разбира дека ќе останам лојален член на СДСМ и ќе бидам пратеник во Собранието. Ќе бидам лојална на политиките, но пред сè на принципите за кои се залагам во оваа кампања“, децидна е кандидатката за лидер на СДСМ.

Во трката за лидерската позиција влезе и Александар Бајдевски, за кој се добива впечаток и дека е најмалку присутен во медиумите за да ги пренесе своите ставови и планови за иднината на партијата. Во емисијата „Daily Click“ на ТВ21 тој неодамна истакна дека нема црни дамки зад себе - тоа и охрабрило за да се вклучи во кандидатурата за претседател на партијата.

„Јас сум долги години во СДСМ, од мојата 18-та година, можам слободно да кажам дека сум пораснат во партијата. Досега сум бил на повеќе партиско општествени функции. Во делот на општественото делување сум бил советник во Кисела Вода мандат 2000-2005 година, и како што кажавте последните години ја извршувам заменик министер за информатичко општество и администрација. Во целиот мој ангажман сметам дека сум работел одговорно, чесно, сметам дека немам црни дамки зад себе и тоа ме охрабри да влезам во оваа кандидатура, да ја споделам мојата визија со партиските другари и да ја побарам нивната поддршка“, вели Бајдевски. 

Одлуката ќе ја донесат 23 илјади членови 

Околу 23 илјади членови на СДСМ се пријавени за учество на внатрепартиските избори за нов лидер закажани на 30 јуни.Тоа е драстично помалку во споредба со претходните избори за партиски лидер по пат на непосредно гласање од страна на членството. За изборот на Зоран Заев како единствен кандидат во 2021 година беа регистрирани 68.999 членови.

Намалениот интерес кај членството на СДСМ за избор на нов партиски лидер доаѓа по катастрофалниот резултат на двојните претседателски и парламентарни избори на 8 мај.