И битката против корупцијата е битка за мир
9 мај 2023Северна Македонија денеска го одбележува Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, 9-ти Мај. Изминаа 78 години од крајот на најразорната војна во историјата, Втората светска војна и 73 години од Декларацијата на францискиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман, во која ја изнесе неговата идеја за нова форма на политичка и економска соработка во Европа, што би ја направила војната меѓу европските нации незамислива.
Потсетувањето на големиот број жртви во борбата против фашизмот, но и на вредностите врз кои е изградена Европа - мир, солидарност, заедништво, бара и постојано инвестирање во процеси кои тркалото на историјата нема да го вратат во некои тешки и мрачни времиња. Ако Шумановата декларација била првиот чекор кон создавање европска заедница, во почетокот за јаглен и челик, а денес Унија со 27 земји членки во која живеат повеќе од половина милијарда луѓе, денес синоним за 9-ти Мај е потврдување на тие вредности со битка против современите тенденции кои тие вредности сакаат да ги еродираат или нарушат. Полжувањето венци на спомениците на хероите кои учествувале во антифашистичката борба и интонирањето на Одата на радоста, се симболичен гест, но денешните предизвици - бараат многу повеќе од тоа.
Новата битка
Свеста дека не само војните, туку дека и корупцијата го загрозува мирот, неколку дена пред одбележувањето на 9-ти мај, резултираше со голема европска иницијатива, која има за цел да ги воедначи антикорупциските закони во сите земји-членки.
„И подмолните акти на корупција, исто така, можат да го загрозат мирот и меѓународната безбедност овозможувајќи тероризам, организиран криминал и други кривични дела. Затоа мора да го прошириме нашиот опфат и да се бориме против корупцијата низ целиот свет. Испраќаме јасна порака: ЕУ не е отворена за бизнис за оние кои се вмешани во корупција, каде и да се случи тоа", порача високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, откако беа претставени предлозите за борба против корупцијата.
Плановите доаѓаат само неколку месеци по скандалот со поткуп во Европскиот парламент кој ја потресе ЕУ и откако истражувањето од 2022 година покажа дека корупцијата останува сериозна грижа за граѓаните на ЕУ - 68 отсто од нив веруваат дека таа сè уште е широко распространета. Меѓу предлозите е и план за составување „црна листа“ за физички и правни лица надвор од ЕУ кои се обвинети за „сериозни дела на корупција“ ширум светот.
Предлозите ќе ги доближат 27-те земји-членки на ЕУ до стандардизирање на дефинициите за тоа што претставува корупција, кои покрај поткупот, ќе вклучуваат трговија со влијание, злоупотреба на службената положба, попречување на правдата и незаконско богатење. Предлозите ќе ги принудат земјите-членки да ги усогласат и роковите за лишување од слобода, во однос на минималните и максимални казни, а имаат за цел и да ја олеснат прекуграничната соработка меѓу полициските сили на земјите-членки, со оглед дека големите криминални групи работат и во повеќе држави истовремено.
Потпретседателката на Европската комисија надлежна за вредности и транспарентност, Вера Јурова, потенцираше дека два фактора ја намалуваат довербата на луѓето во демократијата: злоупотребата на власта и корупцијата.
Најмногу забелешки на една тема
Со истите предизвици денес се соочува РСМ, која ги отвори преговорите со ЕУ, и во моментот тече скрининг процес за усогласеноста на македонското со европското законодавство, но најголемите критики што доаѓаат од Брисел се однесуваат на недоволните резултати во справувањето со корупцијата.
„ЕУ е свесна на големите стапки на корупција во државите на Западен Балкан, така што уште во Преговарачката рамка за членство во ЕУ, напредокот на Северна Македонија ќе се цени согласно успехот во битката против корупцијата, како еден од клучните домени на имплементацијата на „Фундаменаталните права“ - демократски институции, реформа на јавната администрација. Во суштина, досегашниот скрининг и скрининг - извештаите ќе помогнат за поуспешна битка против корупцијата", смета поранешниот амбасадор Нано Ружин.
Според него, тоа што овој кластер прв се отвора и последен се затвора, значи дека перманентно ќе се оценуваа постигнувањaта во оваа сфера, вклучително и во успешноста на битката против корупцијата. Од корупцијата, која го кочи напредокот и претставува најголема закана за економскиот развој и социјалната стабилност, сепак последиците најмногу ги чувствуваат посиромашните земји.
„Таа е присутна во сите земји, без оглед на нивниот социјален и економски развој, но им нанесува многу поголема штета на сиромашните и ги поткопува напорите за искоренувањето на сиромаштијата и човечкиот развој преку намалување на пристапот до услуги и пренасочување на ресурсите што треба да се инвестираат во инфраструктурата, образованието и социјалните услуги“, посочува Ружин.
Додека РСМ тапка во место по ова прашање, мерките на ЕУ предвидуваат формирање специјализрани тела за борба против корупцијата, подигање на свеста преку информативни кампањи и истражувачки и едукативни програми за намалување на ризиците од корупција. Земјите-членки треба да усвојат ефективни правила за слободен пристап до информации од јавен интерес, за откривање на конфликти на интереси во јавниот сектор, откривање и проверка на имотот на државните службеници и регулирање на интеракцијата помеѓу приватниот и јавниот сектор.
„За прв пат, корупцијата во јавниот сектор и корупцијата во приватниот сектор се вклучени во еден заеднички закон. Целта на овој предлог е да се стегне мрежата околу корумпираните поединци“, порача еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон.
Квалификувано мнозинство
Втората важна иницијатива што му претходеше на 9-ти Мај, е потегот на девет држави во ЕУ кои создадоа Група за пријателство која ќе настојува да се отстрани принципот на едногласност во ЕУ при носењето одлуки поврзани со надворешната политика и безбедноста. Во Групата учествуваат Белгија, Финска, Франција, Германија, Италија, Луксембург, Холандија, Словенија и Шпанија. Во контекст на агресивната руска војна против Украина и растечките меѓународни предизвици со кои се соочува ЕУ, членките на Групата потенцираат дека на надворешната политика на ЕУ и се потребни олеснети процедури со цел да се подобри ефективноста и брзината при одлучувањето, и да се зајакне ЕУ како надворешнополитички фактор. Групата ги повика сите земји-членки на ЕУ кои сакаат да постигнат напредок во донесувањето одлуки за Заедничката надворешна и безбедносна политика - да се приклучат во поширока дебата за потребата од квалификувано мнозинство при носењето одлуки.
Принципот на едногласност досега често пати беше поврзуван со спорови и пазарења меѓу земјите-членки, и за воведувањето санкции против Русија и за постигнување одредени национални цели. Истиот принцип го користеше и Бугарија кога ја блокираше можноста на РСМ да почне преговори со ЕУ.
Може ли оваа иницијатива да стане реалност, што во голема мера би го олеснил македонскиот пат до ЕУ? Нашиот соговорник не е оптимист.
„Во точка 6 на Преговарачката рамка е наметната обврската за ‘усогласување на надворешната политика на Северна Македонија согласно со Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) на ЕУ. Размислувањата во Советот на ЕУ да се воведе одлучување со квалификувано мнозинство во однос на ЗНБП е инспирирана од неединството во редовите на ЕУ кон војната во Украина. Меѓутоа, таквата одлука го допира и прашањето на проширувањето на ЕУ, иако таквата одлука би била во колизија со правилата на Договорот од Рим со кој беше формирана ЕУ. Засега тоа е добар предлог кој е тешко да се замисли дека ќе помине, бидејки за таквата одлука потребен е целосен консензус на државите членки на ЕУ“, вели Ружин.