1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ итно мора да ги отвори вратите за Западен Балкан

ДТЗ
9 мај 2022

Државениот врв порача дека земјата била и ќе остане на вистинската страна на историјата. Дипломатскиот кор, пак, побара итно отварање на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија.

https://p.dw.com/p/4B1BQ
Österreich | One Europe for all-Demo in Wien
Фотографија: Reuters/L. Niesner

Со пораки за заедништво, солидарност и надеж за поскоро справување со предизвиците со коишто се соочува европскиот континент по руската инвазија на Украина, во Скопје беше одбележан 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Државениот врв порача дека земјата била и ќе остане на вистинската страна на историјата, делејќи исти вредности и заложби со останатите европски земји. Дипломатскиот кор во земјата, пак, ги потврди своите заложби и надежи за што поскоро интегрирање на Северна Македонија и Албанија во ЕУ, како гарант за стабилноста во регионот. 

Гарант за стабилна и безбедна иднина

„Северна Македонија ја избра Европа и друга алтернатива нема. Македонските граѓани ја избраа Европа и ЕУ затоа што се изградени на вредностите коишто ги практикуваме и ние. Тоа е нашиот избор за посигурна, побезбедна и попросперитетна иднина“, истакна македонскиот премиер Димитар Ковачевски на свеченоста која што се одржа пред споменикот „Ослободители на Скопје“ во дворот на Владата.

Nord-Mazedonien l Forum - 100 Tage Regierung - mit Kovacevski
Македонските граѓани ја избраа Европа и ЕУ затоа што се изградени на вредностите коишто ги практикуваме и ние, вели Димитар КовачевскиФотографија: Government of North Macedonia

Според Ковачевски, ЕУ е концептот кој е заснован за заеднички уверувања за слободата, демократијата, човековите права и солидарноста. „Само обединети и единствени околу овие вредности можеме да се справиме со предизвиците на нашето време. Да покажеме заедно дека сме единствени да го направиме историскиот исчекор за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан. Со новите граници ЕУ ќе стане уште поголем политички и економски играч на светската сцена, затоа што Европа научи дека стабилноста на континентот е во стабилноста на неговата целост“, вели премиерот.

Претседателот Стево Пендаровски е дециден дека само со почитување на правото на самоопределување може да зборуваме за обединета Европа. „Денес гледаме дека победата на слободата, човековите права, демократијата и еднаквоста е загрозена во моментот кога поверувавме дека е целосно извојувана. Токму денес, во екот на новите крвопролевања, треба повеќе од кога било да се потсетиме на поуките од минатото, а 9 мај е еден од оние датуми – темелници на вистинските цивилизациски вредности“, вели Пендаровски во пораката по повод Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Денот на победата над фашизмот, додава тој, е оддавање почит на милионите животи згаснати во борбата против окупаторот, ден кога со гордост се потсетуваме дека сме биле, сме и ќе останеме на вистинската страна на историјата. „Денот на Европа, кој ја слави идејата за траен мир и заедништво на континентот, е уште еден потсетник за клучната вредност на патот кон европското обединување на различностите. Само достоинствено, со почитување на правото на самоопределување може да зборуваме за обединета Европа. Победата над фашизмот е и победа за Европа“, вели Пендаровски.

Итно отварање на преговорите за членство во ЕУ

Американската амбасадорка во земјата, Кејт Мари Брнз и евроамбасадорот Дејвид Гир потенцирајќи ги вредностите на коишто се потпира Унијата - солидарност, демократија, владерењето на правото, испратија пораки дека на ЕУ не е целосна без Западен Балкан како дел од неа. Тие побараа итно отварање на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија и побараа да продолжат реформите во клучните области, ветувајќи помош и поддршка на патот за исполнување на европската агенда. 

David Geer: EU Botschafter in Nordmazedonien
Европа не е целосна без Западен Балкан, вели амбасадорот Дејвид Гир.Фотографија: Arbnora Memeti

„Европа денеска е пообединета од кога и да било, но се соочува со најголемата закана од времето кога беа дадени голем број жртви. Кога го гледаме неиспровоцираниот напад на Русија на Украина, гледаме како се менува историјата. Свесни сме за предизвиците во овој момент и благодарни сме за поддршката којашто ја добиваме од Северна Македонија за Украина. Најсигурен пат до мир и стабилност е оној што обезбедува суверенитет на сите нации и ние ќе се погрижиме да го обезбедиме тоа“, порача амбасадорката Брнз.  

Слична порака упати и евроамбасадорот Дејвид Гир. Тој вели дека ЕУ не е целосна без Западен Балкан како нејзин дел. „Во стратешки интерес е процесот за пристапување на Северна Македонија и Албанија во ЕУ“, вели Гир кој побара итно отварање на преговорите за членство во Унијата. Тој потсети дека земјата мора да продолжи да напредува на својот реформски пат за владеењето на правото, борбата против корупција и опипливите чекори за подобрувањето на животот на граѓаните. 

„Денот на Европа е ден на надеж и доверба, треба да го продолжиме аманетот од минатото и во овие најтешки времиња треба да се држиме до она што е важно - Европа на стабилност, просперитет, вредности, соработка. Ова е наша заедничка визија за иднината, ова е патека по која ќе чекориме заедно“, вели Гир.