1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Како го протрчавме Денот на победата

10 мај 2021

Зошто нема интерес посилно да се крепи меморијата за историските настани, кои станаа легитимациска идентификација за македонската државотворност?

https://p.dw.com/p/3tBSV
Symbolbild Mazedonien Mazedonische Flagge QUER
Фотографија: MIA

Положување цвеќе пред спомениците на паднатите борци или на партизански гробишта од страна на распоредени делегации, фотографирање, неколку кратки изјави или дури ни тоа. На ова се сведува одбележувањето на Денот на победата над фашизмот. Сликата со години е иста, не само вчера. Нема помасовни одбележувања, нема свечени академии, нема дискусии, особено нема активности со кои на младите генерации ќе им се објаснат настаните од пред повеќе од седум децении. Зошто нема интерес посилно да се крепи меморијата за историските настани во кои Македонија беше на победничката страна и станаа легитимациска идентификација за нејзината државотворност?

„Поминале години, многу од луѓето учесници во тие настани не се меѓу нас, и како интересот да олабавува", вели Стојан Андов, поранешен претседател на македонското Собрание. 

Mazedonien Skopje Stojan Andov ehemaliger Parlamentspräsident
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Во неговото сеќавање се врежани слики од почетокот на крвавите настани и денот на победата. Првото бомбардирање го доживеал во Градско кога имал пет и пол години, каде тогаш живеел со семејството, а во Кавадарци – славењето на победата и слободата.

„За нас е многу важна таа историја, бидејќи Македонија е продукт на антифашистичката борба, исто како и денешна Европа. Помладите малку знаат за тие настани. Не знам што се учи во школските програми. Но, денес генерално малку се пишува, малку се зборува, а не треба да се воздржуваме. Нашата евроатлантска ориентација треба да ја засноваме на нашата победа над фашизмот. Антифашистичката борба на македонскиот народ е дел од европската победа. Тоа треба да го почитуваме и постојано да го истакнуваме“, вели Андов.

Чекање и чекање

Истото се случува и со одбележувањето на Денот на Европа. Фактот дека формално се протрчува во одбележувањето на двата симбола на 9-ти мај, некогаш и без кординација за времото и местото, сведочи и ситуацијата во која вчера се најде вицепремиерот Никола Димитров. Тој мораше да го прекине говорот по повод Денот на Европа, за да го испочитува интонирањето на химни по повод Денот на победата над фашизмот, на одбележување организирано во непосредна близина.

Повеќе:

-Седумдесет години од НОБ

-65 години од македонскиот антифашистички отпор

-Ин Мемориам: Генерал Атанасовски: Македонија е мала, но нам таа ни е цел свет

Тој одлично се снајде во ситуацијата, која сама по себе призведе одредена симболика. Неговото празнично чекање не траеше долго, за разлика од државното, ако се има предвид дека Македонија цели 16 години е во чекалната на ЕУ. Меѓудругото, и заради тој факт, денес Македонија има уште повеќе причини да ја нагласува нејзината улога во антифашистичката борба.

Nord-Mazedonien: Nikola Dimitrov, Außenminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Не добивме одговор зошто тоа не се прави посуштински, а се чини дека дури и историчарите не се залагаат премногу во таа насока, имајќи предвид дека многумина од нив вчера не беа расположени да говорат на таа тема. Особено во време кога во регионот продефилираа разни нон-пејпери, кои на најдиректен начин уште еднаш потсетија дека сѐ што е постигното и натаму ќе мора внимателно да се брани. Но, и во време кога историски прашања се дел од причините на бугарска блокада за почетокот на македонските преговори со ЕУ.

Обиди за прекројување на историјата

За разлика од Скопје, престолните на земјите од регионот кои беа вклучени во ослободителната и антифашистичка борба, со начинот на кој го одбележуваат Денот на победата над фашизмот покажуваат дека тоа го доживуваат како чест, а не обврска. Србија предничи во тоа, но укажува и дека ги има предвид клучните контексти.

„Никогаш помалку земји не го одбележувале Денот на победата“, констатираше српскиот претседател Александар Вучиќ на свечената академија по повод победата над фашизмот.

Serbien spendet Covid-19 Impfungen an Bosnien und Herzegowina
Фотографија: Elman Omic/AA/picture alliance

„Тогаш не е чудно што нашиот регион присуствуваме на обиди за целосно прекројување на историјата. Некои по секоја цена се обидуваат да го сменат текот на историјата и да го прогласат џелатот за жртва, а жртвата за џелат. Србите ја плаќаа цената на својот државотворен инстинкт и на секој иден Хитлер нашата престолнина ќе му каже ‘не’“, порача Вучиќ.

Природен дом - ЕУ

Премиерот Зоран Заев, кој вчера замина за Брисел, порача дека во темелот на македонската државност се вградени заложбите, напорите и саможртвата на огромен број генерации на борци, кои не се штедеа себеси, ниту својата младост и своите животи.
„Горди сме на нашето учество во големата светска антифашистичка коалиција и затоа имаме силни причини да славиме и да бидеме дел од одбележувањата ширум Европа. Денес, Република Северна Македонија е меѓународно призната држава со сите постулати на државност, со кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Македонската држава е втемелена врз начелата на правдата и слободата, и е дом за сите нејзини граѓани без исклучок, обединети и единствени во изборот околу европските вредности. Нашиот природен дом е Европската Унија“, порача Заев.

Се очекува последново да биде и дел од пораката што ќе им ја пренесе на неговите соговорници во Брисел: претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жосеп Борел, еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеји, министерот за надворешни работи Аугусто Сантош Силва на Португалија - земјата актуелен претседавач со ЕУ и други соговорници.

Посетата се случува во време кога е неизвесно дали ќе почнат македонските преговри со ЕУ заради бугарската блокада, и кога шефовите на дипломатиите на ЕУ ќе одржуваат дискусија за посилен политички ангажман на ЕУ со партнерите од Западен Балкан. Според европските агенции, се очекува Борел на министрите да им претстави „нон-пејпер“, во кој се наведува дека јасна цел на Западен Балкан е полноправно членство во ЕУ, и дека секој предлог во друга насока е одвлекување на вниманието со лоши последици. Неименуван висок претставник на ЕУ изјавил дека министрите за надворешни работи на ЕУ сакаат да утврдат како да се зајакне соработката со Западен Балкан заради стабилноста и безбедноста во самата ЕУ.

„Северна Македонија е тест дали треба да и веруваме на ЕУ, не само ние, туку и целиот Балкан“, порача вчера вицепремиерот Никола Димитров.