1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕСЧП: Заштитата на климата е човеково право

Бернд Ригерт
9 април 2024

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) пресуди дека заштитата на климата е човеково право. Пресудата може да има големи последици.

https://p.dw.com/p/4eaji
Европски суд за човекови права | Клима-сениорките од Швајцарија со нивниот адвокат во Стразбур
Клима-сениорките од Швајцарија со нивниот адвокат во СтразбурФотографија: Jean-Christophe Bott/dpa/picture alliance

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) донесе револуционерна одлука во корист на таканаречените „клима-сениорки“ во Швајцарија. Она што беше многу необично е фактот што големата судска комора со 17 судии ја презеде оваа постапка. Ова се случува само ако не постои тековна судска пракса од судот за важно прашање. Тоа беше случај со заштитата на климата до денес и сега е суштински променето.

Судиите одлучија дека заштитата од последиците на климатските промени предизвикани од човекот е едно од европските основни права. Тие се вградени во Европската конвенција за човекови права од 1950 година. Сега од пресудата во случајот на швајцарските „клима-сениорки“ може да се извлече индивидуалното право на повеќе мерки за заштита на климата. Освен тоа, и здруженијата можат да тужат под одредени услови. Ова ја отвора вратата за понатамошни постапки пред ЕСЧП. Во Стразбур се веќе во тек шест дополнителни жалби против владите на земји-членки на Советот на Европа.

„Владите се обврзани“

Гери Листон, адвокат во непрофитната глобална правна мрежа ГЛАН, вели дека пресудата не е победа само за Швајцарките, туку за сите. „Одлуката ги обврзува владите ширум Европа, не само во Швајцарија, да постават научно засновани цели за заштита на климата што ќе го задржат загревањето под 1,5 степени. Одлуката сега може директно да се користи како референца во процесите на национално ниво“, изјави Гери Листон за ДВ во Стразбур.

Меѓутоа, швајцарската влада на тоа гледа поинаку. Портпаролка на владата во Берн за ДВ изјави дека пресудата сега ќе биде внимателно разгледана. Од одлуката на Големата комора не произлегува потреба за брза политичка акција, нагласува портпаролката на швајцарската влада и додава дека Швајцарија веќе прави многу за да ги спречи климатските промени.

Розмари Вајдлер-Велти (р.) и активистката Грета Тунберг во Стразбур
Розмари Вајдлер-Велти (д.) и активистката Грета Тунберг во Стразбур: Швеѓанката дојде да ги поддржи тужителите за климата Фотографија: Jean-Christophe Bott/dpa/picture alliance

 „Ова е максимална победа“

Копретседателката на Здружението на клима-сениорки, Розмари Вајдлер-Велти, сепак се радува со своите колешки. Во фоајето пред судницата имаше многу аплауз и славје. За време на објавувањето на пресудата во публиката седеа многу членови на здружението. „Ова е максимална победа. Сега, според членовите 2 и 8, имаме право на здравје и добар живот. Што повеќе сакаме? Ова е доказ дека ни треба заштита“, изјави Вајдлер-Велти за ДВ веднаш по читањето на пресудата, која некои експерти ја сметаат за „историска“. „Ова сега мора да има ефект. Швајцарија ја ратификуваше Конвенцијата за човекови права и сега мора да постапи“, уверена е копретседателката на сениорките, која оценува и дека Швајцарија направила грешки и сега мора да го смени курсот.

Во ноември 2020 година, таканаречените „Климатски баби“ од Швајцарија поднесоа тужба во Стразбур. Здружението на клима-сениорки во Швајцарија смета дека од страна на швајцарската влада се кршат човековите права, особено правото на живот според член 2 и здрав начин на живот според член 8 од Европската конвенција за човекови права. Некои од тужителките се постари од 70 години. Тие бараат од Швајцарија да направи повеќе за да ги спречи топлотните бранови и бурите предизвикани од климатските промени.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија