1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Климатската бомба“ отчукува - можеби уште не е предоцна

ЖА / агенции
20 март 2023

Новиот извештај на Светскиот совет за климата предупредува - идните години ќе бидат решавачки за запирање на затоплувањето на Земјата. Според генералниот секретар на ОН, Гутереш во прашање е „бомба што отчукува“.

https://p.dw.com/p/4Ox8Q
Поплави во Пакистан во 2022 година
Поплави во Пакистан во 2022 годинаФотографија: AFP

Светскиот совет за климата предупредува на сѐ помал маневарски простор во борбата против Земјиното затоплување. За да се ограничи порастот на температуратана 1,5 степени Целзиусови или максимално 2 степени, уште во текот на оваа деценија мора да се намалат емисиите на штетни гасови во сите сектори, истакнува Климатскиот совет во денеска објавениот синтетизиран извештај.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш апелира на зголемување на напорите за заштита на климата, зашто „климатската бомба отчукува.“ 

64122096
Пожари во Франција во 2022 годинаФотографија: AP Photo/picture alliance

И претседателот на Светскиот совет за климата, Хоесунг Ли се придружи на апелот, истакнувајќи ја неопходноста за превземање поамбициозни чекори во оваа насока. Темпото и размерите на климатската политика не се доволни за постигнување на целта, истакна Ли, додавајќи: „Ако сега превземеме вистински мерки, можеме да обезбедиме одржлива и достојна иднина за нашето живеење.“Извештајот дава потврда за постоење на технологии за решавање на климатската криза, која во блиска иднина носи растечки опасности за сите региони во светот предизвикани од климатските промени, како поплави и исчезнување на разновидноста на видовите.

Извештајот констатира дека договорот од Климатската конференција во Париз за горна граница од 1,5 степени во затоплувањето на Земјата во однос на прединдустриската ера, е неостварлив со сегашната политика. 

Надминувањето на границата од 1,5 степени би имало неповратни последици во форма на топење на глечерите, раст на нивото на морињата и уништување на еколошките системи.

Клима суша
Последица на климатските промени се и големи сушиФотографија: Ashraf Shazly/AFP

Светскиот совет за климата со седиште во Женева е водечко светско тело кое се занимава со научни прашања и одговори поврзани со затоплувањето на Земјата. Денеска презентираната синтеза од околу илјада страници се базира на шест извештаи објавени во изминатите години.

Документот се смета за важна дипломатска основа за идните климатски преговори. Во Светскиот совет за климата членуваат 195 држави.