Кои се последиците од затоплувањето на морињата и океаните?
Поради промена на климата, брзо расте температурата на морињата, што има драматични последици за морските жители. Тоа предизвикува и зачестени временски екстреми, како урагани, поплави и шумски пожари.
Почести и посилни урагани
Интензитетот на тропските невремиња е поврзан со површинската температура на океаните и морињата. Ураганите и тајфуните ќе траат се` подолго, во Северен Атлантик и Северен Пацифик ќе има повеќе урагани со уште поголема сила. И во досега поштедените региони ќе доаѓа до разорни бури.
Раст на морското ниво и бури со поплави
Морињата се загреваат како последица на зголемените температури на земјината атмосфера. Со тоа доаѓа до термичко ширење на водените маси, со што расте нивото на водата на морињата. Тоа ќе доведе до исчезнување на животниот простор и егзистенцијалната основа на бројни жители на крајбрежните населби.
Шумски пожари поради екстремните временски услови
Додека на одредени места ќе има обилни врнежи од дожд и поплави, екстремните временски услови во други места ќе предизвикуваат екстремни сушни периоди. Последица на тоа се сиромашни жетви и појава на шумски пожари. Сезоната на пожари на многу места ќе се пролонгира, а бројот на пожари драстично ќе се зголеми.
Поместувања во екосистемите
Преку затоплувањето на морињата доаѓа до поместувања кај популациите, а со тоа и кај морските екосистеми. Рибите и морските цицачи се придвижуваат кон северениот или јужниот пол, слично како и копнените животни. Популацијата на бакалар во Северно Море се осипува посилно отколку што е објасниво со прекумерен риболов. Посеверните рибарски региони можат да профитираат од овој развој.
Расте киселоста на морињата
Зголемената температура на морињата води до директно разградување на ЦО2 во површинските слоеви вода, ПХ вредноста на морската вода се намалува и таа станува „кисела“. Школките, морските ѕвезди, коралите, раковите и морските ежови ја губат способноста за градење на енкоскелетите. Затоа отпаѓаат како филтер за штетни материи, но и како храна за други морски жители.
Помалку планктон како храна
Со намалената ПХ вредност на водата, ситните алги можат да примаат помалку железо. Но, минералот му е потребен на планктонот за неговиот раст. Со оглед на тоа што многуте видови планктон градат исто така скелети, од водата со зголемена киселост се двојно погодени.
Намалување на содржината на кислород
Потоплата вода може да зачувува помалку кислород, па затоплувањето на морињата носи проширување на областите сиромашни со кислород. Во многу мориња уште сега постојат т.н смртни зони, во кои поради ниската количина кислород веќе не можат да живеат никакви животни.
Експлозивно распространување на алги
Во топли, сиромашни со кислород води, алгите можат експлозивно да се размножуваат. Нивниот отров ги убива рибите и другите морски суштества. Веќе сега цели „теписи“ од алги ги загрозуваат на многу места рибарството и туризмот. Ова се слики од пред брегот на Чиле, каде црвените алги убиваат илјадници риби.
Обезбојување на коралите
Бели варовични скелети без живот. Коралите не ја губат само својата боја, туку и способноста за размножување. Колониите корали изумираат и не нудат заштита и храна, како и подлога за лов за бројни морски суштества.
Промена на морските струења
Доколку поради затоплувањето на морињата биде прекината северноатлатската морска струја, ќе дојде до силен студен бран во цела Западна и Северна Европа. Зашто, таа се грижи за постојана циркулација на морската вода, со тоа што водата од површината ја симнува во подлабоките, студени слоеви. Прекин им се заканува и на останатите морски струења.