ЕК: Скопје и Атина да се придржуваат до Преспанскиот договор
20 мај 2024Портпаролот на Европската Комисија во изјава за „Еурактив“ вели дека Договорот од Преспа меѓу Грција и Северна Македонија од 2018 година мора да биде спроведен од „сите страни“ и со „добра волја“ во услови на нова заострена реторика меѓу Атина и Скопје што се заканува да го оживее 25-годишниот спор.
Бриселскиот портал потсетува дека новата дипломатска криза меѓу двете земји избувнала откако новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, која доаѓа од националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ, за време на нејзината инаугурација на 12 мај ја нарече земјата „Македонија“ наместо Северна Македонија, официјалното уставно име по договорот за промена на името со Грција во 2018 година, инаку познат како Договор од Преспа.
Инцидентот, како што забележува „Еурактив“, предизвика реакции низ Европа и САД, при што многумина стравуваат од заживување на спорот кој се смета за отворена рана за балканскиот регион. Од своја страна, Европската комисија вели дека „сите страни“ треба да се држат до договорот.
„Добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински за процесот на проширување. Постојните билатерални договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција," изјавил за „Еурактив“ портпарол на Европската комисија.
Среде новата криза, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис (Нова демократија, ЕПП) се закани дека ќе стави вето на патот на Северна Македонија кон ЕУ и дека трите меморандуми за соработка поврзани со Преспанскиот договор нема да бидат ратификувани во грчкиот парламент ако новата влада во Скопје не го почитува договорот.
„Ако некои веруваат дека може да не го почитуваат договорот, тие треба да сфатат дека нивниот пат до Европа ќе остане затворен, и меморандумите нема да бидат ратификувани ако нема согласност со она што го предвидува договорот“, изјави Мицотакис.
Ратификацијата на трите протоколи предизвика политичка полемика во Атина. Протоколите, кои се дел од Договорот од Преспа, се однесуваат и на одговорностите на Грција во однос на контролата на воздушниот простор на Северна Македонија.
Главната опозициска левичарска партија Сириза, која го потпиша Договорот од Преспа, сега се обидува да го зголеми притисокот врз владејачката партија Нова демократија со поднесување на предлог до грчкиот парламент за ратификување на меморандумите што чекаат. Кога беше во опозиција, партијата Нова демократија цврсто се спротивстави на Договорот од Преспа, но вети дека ќе го почитува кога ќе дојде на власт во 2019 година.
Политичкото семејство на Нова демократија во ЕУ, централно-десничарската Европска народна партија (ЕПП) го поддржа договорот во 2018 година, е незадоволно од ВМРО-ДПМНЕ, исто така членка на ЕПП, пишува „Еурактив“.
Извор од ЕПП за „Еурактив" минатата недела изјавил дека по изборите за ЕУ во јуни, ќе се случи општо „чистење на куќата“ во врска со членството на некои партии и дека партијата ВМРО-ДПМНЕ „ја предводи листата“.
Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис пак, говорејќи за грчкото радио „Talk radio 98.9“ уште еднаш повторил дека Договорот од Преспа е меѓународен ратификуван договор и не може да се менува и да се ревидира еднострано.