1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасни игри на Сиљановска

15 мај 2024

Новата претседателка, ветувајќи дека ќе ги претставува сите граѓани, изгледа заборави на 610 илјади граѓани кои го дадоа својот глас „за“ името Северна Македонија. Пишува Соња Крамарска.

https://p.dw.com/p/4fqwP
Гордана Сиљановска Давкова при читањето на претседателската заклетва одби да ја нарече Македонија со уставното име Република Северна Македонија.
Гордана Сиљановска Давкова при читањето на претседателската заклетва одби да ја нарече Македонија со уставното име Република Северна Македонија.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова не го оправда своето инаугуративно мото дека жените се подобри политичари од мажите. Подлегна на емоциите и направи скандал од читањето на претседателската заклетва, бранувајќи ја јавноста во непосредното соседство и главните европски центри. Вознемиреноста од нејзиното одбивање да ја нарече Македонија со уставното име Република Северна Македонија е разбирлива бидејќи Преспанскиот договор е клучната алка во синџирот одлуки кои ја донесоа нашата држава до членство во НАТО. Неговото подривање од членови на државниот врв може да доведе до тешки политички последици за државата и за граѓаните кои живеат во неа. Нејзиниот потег беше доживеан како додворување на националистичките сили кои се препознаваат во партијата која наскоро се подготвува да ја преземе власта – ВМРО-ДПМНЕ. 

Авантурата на новата македонска претседателка за среќа траеше кратко. Барем така може да се заклучи од реакцијата што ја испрати нејзиниот кабинет кому му падна непријатна задача уште на првиот работен ден на Сиљановска да гасне пожар кој го предизвика таа поради политички опортунизам кон партијата што и го плати билетот за претседателскиот трон. 

Кусата епизода траеше таман толку за да ја стави претседателката на сериозен тест за нејзините капацитети да ги препознава проблемите и да ги решава брзо. Таа сепак ќе го користи името Северна Македонија, порача нејзиниот кабинет по повеќе од 24-часовната драма во која трескавично ѕвонеа телефоните во канцелариите на ЕУ со цел да ја предупредат Сиљановска што значи заобиколувањето на Преспанскиот договор. Претседателката ја прими пораката и соодветно реагираше, но нужна е претпазливост бидејќи тоа сѐ уште не значи дека нејзината реакција е искрена и дека ќе ги почитува меѓународните договори што ги доби во наследство.  

На линија со ВМРО-ДПМНЕ

Стравувањата дека претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе заигра на картата на национализмот имаат цврста основа не само поради блискоста со ВМРО-ДПМНЕ која ја лансираше на функцијата, туку и во нејзиното поранешно дејствување. Да потсетиме и дека таа по склучувањето на Преспанскиот договор во 2018 година напиша обемна анализа во која изнесе заклучок дека Македонија е губитникот, а Грција добитникот. Договорот октроира уставни измени, односно промена на уставното име Република Македонија, се крши принципот на правна еднаквост на државите, и е асиметричен затоа што  Македонија има обврски, а Грција – права и може да се спореди со битка меѓу Давид и Голијат, порача таа во анализата. Притоа потенцираше и дека уставните измени за вметнување на новото име во Уставот се недозволиви, и се грубо кршење на сите принципи. 

Сиљановска беше гласен противник и на Законот за употреба на јазиците со кој беше проширена употребата на албанскиот јазик и стана службен јазик во институциите, односно доби статус на втор службен јазик во државата. И во овој случај таа беше на иста линија со ВМРО-ДПМНЕ, како и со тогашниот шеф на државата Ѓорге Иванов. 

Во однос на територијалната поделба со која исто така не се согласуваше, Сиљановска во интервју за Антропол (гласило на Левица) не толку одамна ќе рече: „Да не заборавиме дека имаше уште еден неуспешен референдум, оној од 2004 година кога речиси 500 000 граѓани рекоа ‘не' за новата, октроирана територијална поделба, но референдумот беше неуспешен заради пониска излезност од 50% од запишаните". 

Овие примери покажуваат дека можеме да очекуваме новата македонска претседателка да се профилира како политичар на тврдата десница кој ќе биде надополнување на новата влада во која се очекува да доминира конзервативната ВМРО-ДПМНЕ. Со нејзиното, пак, укажување за време на кампањата, да не очекуваме дека јавно ќе се конфронтира со идниот премиер Христијан Мицкоски, покажа и дека нејзината страст за полемика по која беше препознатлива кога жестоко го торпедираше Пендаровски, најверојатно ќе остане пред вратата на нејзиниот претседателски кабинет. 

Значењето на бројките

За целосен впечаток од нејзините први часови на функцијата, важно е да се додаде дека новата претседателка, ветувајќи дека ќе ги претставува сите граѓани (што впрочем ѝ е уставна обврска), и дека ќе застапува политика на единство, случајно или намерно заборави и на 610 илјади граѓани кои го дадоа својот глас „за“ на референдумот за промена на името Република Македонија во името Република Северна Македонија. Тоа е малку повеќе од 561 илјади гласови со кои Сиљановска го доби мандатот за шефица на државата, при што може да претпоставиме дека во оваа бројка има гласови и од граѓани кои на референдумот во 2018 гласале за прифаќање на новото име на земјата. Освоените плус 130 илјади гласови на Сиљановска во однос на партискиот скор на ВМРО-ДПМНЕ од 436 илјади гласови, значи дека на новата претседателка ѝ биле наклонети и граѓани кои не се гласачи на оваа партија и нејзините тврди политики околу името. 

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе биде ставена на тест и за уставните измени кои се неопходен чекор за да се одблокираат евроинтеграциските процеси. Таа за време на кампањата остро ги критикуваше бугарските барања заземајќи идентичен став со ВМРО-ДПМНЕ. Првите изјави во средбите со официјални личности како што се претставникот на ЕУ Дејвид Гир и италијанскиот амбасадор, укажуваат дека претседателката ја истакнува важноста на евроинтеграцијата, но преку коментарот дека членството во ЕУ  треба да се случи низ „мериторен процес на интеграција и исполнување на копенхашките критериуми“ (извадок од официјалните соопштенија по средбите) суптилно демонстрира став дека уставните измени не се дел од тие критериуми. 

Честитката на македонски јазик од францускиот лидер Емануел Макрон потврдува дека ЕУ гледа со голема загриженост на настаните во Македонија по победата на ВМРО-ДПМНЕ и Сиљановска Давкова. Со употребата на македонскиот јазик Макрон сакаше јасно да стави до знаење дека тврдењата дека бугарските барања одат кон негирање на јазикот, историјата и националниот идентитет на Македонците, се неосновани бидејќи Европа го признава и препознава македонскиот јазик. 

Додека во Македонија трае еуфоријата поради победата на десницата и употребата на името Македонија од страна на Сиљановска, очигледно е дека на меѓународен план се вклучува алармот за тоа каква иднина ја очекува нашата земја со такво остро вртење на курсот.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар