Претседателката Сиљановска ќе се придржува до уставното име
13 мај 2024Новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова ја потпишала официјалната изјава за стапување на должност со уставното име- Република Северна Македонија, a таа и во иднина ќе го користи тоа име, соопштуваат од кабинетот на претседателката на државата.
„Во своите јавни настапи, македонската претседателка има право да го употребува името Македонија, како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи, и согласно европските вредности и начела“, соопштуваат од Кабинетот.
Но, додаваат натаму, „претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име.“
„Согласно Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име“, додаваат од кабинетот.
Новоизбраната претседателка вели дека во иднина очекува и партнерите на земјата да ги почитуваат обврските од Преспанскиот договор, како што тоа го прави и Северна Македонија.
„Македонските институции во последниве 5 години речиси целосно ги исполнија обврските од Преспанскиот договор и претседателката очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатерални обврски кои ги презеле кон земјата,“ се наведува во соопштението од Кабинетот.