1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицотакис: Нема да ги ратификуваме меморандумите

ДТЗ
16 мај 2024

Отстапувањето од Договорот од Преспа ќе има последици врз европскиот пат на Северна Македонија и во билатералните односи со Грција, порача Кирјакос Мицотакис

https://p.dw.com/p/4fufe
Кирјакос Мицотакис
Кирјакос МицотакисФотографија: Aris Messinis/AFP/Getty Images

Отстапувањето од Договорот од Преспа ќе има последици врз европскиот пат на Северна Македонија и во билатералните односи со Грција. Ова е пораката на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој вели дека грчкиот парламент нема да ги ратификува трите меморандуми за соработка сè додека не постои целосно усогласување со одредбите од Договорот од Преспа.

Мицотакис во интервју за телевизијата Скај вели дека ратификацијата на Договорот ги обврзува двете држави во иднина да го спроведат. 

Последици од отстапувањето од договорот 

„Во однос на тоа што ќе правиме, со јасна изјава ја предупредив и новата влада на Скопје дека кое било отстапување од договорот, сигурно е дека ќе има сериозни последициво нашите односи со Северна Македонија, но и на патот на Северна Македонија кон Европа. За одредницата ‘македонски’, ова за жал е гарантирано во Договорот од Преспа и ова беше нашето големо несогласување“, рече Мицотакис.

Опозициската Сириза ги достави во парламентот трите меморандуми за соработка, коишто веќе неколку години чекаат на ратификација. Станува збор за меморандуми што се однесуваат на европската перспектива на Северна Македонија, на економската соработка меѓу двете земји и воздушниот надзор. 

Грција
Пораката од Грција е дека отстапувањето од Договорот од Преспа ќе има последици врз европскиот пат на Северна МакедонијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/Giannakouris

Почитување на договорот - па ратификација 

„Ние нема да ги ратификуваме меморандумите сè додека не сме апсолутно убедени дека другата страна е усогласена со сите одредби на Договорот од Преспа“, порача Мицотакис.

Претходно и министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, во интервју за грчката телевизија Мега, истакна дека ратификацијата на меморандумите во парламентот ќе се случи кога Грција ќе оцени дека има целосно почитување на Договорот од Преспа.

„За мене неразбирлив е ставот на опозицијата,бидејќи во овој конкретен момент ќе достават предлог-закон за ратификација на меморандумите, кога е очигледно дека од другата страна нема расположение за усогласување“, порача грчкиот министер за надворешни работи.