1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТрговијаЕвропа

ЕУ е против ограничување на слободната трговија со Украина

Бернд Ригерт
18 април 2023

ЕУ ја критикува одлуката на Полска и на Унгарија за забрана на увоз на украинско жито. Европската комисија инсистира на својата надлежност за трговската политика.

https://p.dw.com/p/4QDep
жито Украина
Проблем околу увозот на украинско жито во ЕУФотографија: Sergey Bobok/AFP/Getty Images

Потегот на Јарослав Качински, лидерот на полската владејачка партија и заменик премиер, беше изненадување за Европската комисија во Брисел: житарки, млечни производи и месо веќе не смеат да се увезуваат од Украина. „Мораме да ја исправиме грешката“, изјави Качински во саботата на собир на својата национално конзервативна владејачка партија Право и Правда (ПиС). Унгарија веднаш ја поддржа таа драстична мерка.

Во текот на викендот, Европската комисија на тоа реагираше со сувопарна изјава. Во понеделникот (17.04.) портпароли на Комисијата конечно се обидоа да објаснат што се случува. „Важно е да се потсети дека трговската политика е исклучиво во надлежност на ЕУ. Тоа значи дека одлуки може да се носат само на европско ниво. Еднострани мерки не се можни“, изјави Миријам Гарсија Ферер, портпаролка на ЕУ за трговија.

Спогодба заслободна трговија со Украина

Со оглед на тоа што на внатрешниот пазар на 27 земји-членки на ЕУ не постојат граници или царина на стоки, со украинското жито може слободно да се тргува внатре во Унијата, дури и ако Полска и Унгарија воведат забрана за увоз. За забраната за увоз да биде ефикасна, таа треба да биде поддржана од сите 27 членки.

Портпаролката за трговски прашања нагласи дека меѓу ЕУ и Украина постои сѐопфатна спогодба за слободна трговија, на кој секако подлежат и Полска и Унгарија, како и сите други членки. Според тој договор, царините на украинскиот увоз, во и низ ЕУ, по рускиот напад главно се суспендирани. Со тоа на Украина би требало да ѝ се овозможи да продава жито и друга стока во странство, заобиколувајќи ги црноморските пристаништа кои ги напаѓа или блокира Русија.

Штетин Полска протест
Полските земјоделци во Штетин протестираат проти евтината конкуренција од УкраинаФотографија: Marcin Bielecki/PAP/picture alliance

Адвокатите на Европската комисија моментално ги испитуваат официјалните аргументи на полските и унгарските власти за забрана на увоз. Тие зборуваат за нарушување на пазарот, проблеми за локалните земјоделци или кршење на производните процеси.

Доколку не постои правна основа за такво еднострано дејствување, Европската комисија теоретски би можела да покрене постапка против Полска и Унгарија поради кршење на спогодбата. „Во контакт сме со сите страни, вклучувајќи ја и украинската“, истакнува портпаролката Ферер.

Наместо казни, потребни се решенија

„Овде станува збор за војна“, истакна Ерик Мамер, портпарол на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен. Очигледно е дека би страдале земјоделците и народот на Украина. „ЕУ и нејзините држави-членки дадоа сѐ од себе за да ѝ помогнат на Украина. Целта не ни е дополнително да го оптоваруваме населението во ЕУ. Затоа не станува збор за санкции, туку за наоѓање решенија засновани на законите на ЕУ, кои ги земаат предвид интересите и на Украинците и на ЕУ.“

Многу политичари во државите на источното крило на ЕУ како решение гледаат повторно враќање на царините за увоз на украински увоз. Комисијата на ЕУ предлага сосем спротивно: продолжување на бесцаринскиот период за нападнатата Украина за една година. Од почетокот на војната, економското производство во Украина опадна за една третина. Извозот затоа е од витално значење за нејзиниот опстанок. Бидејќи црноморскиот извоз зависи од добрата волја на Русија, итно се потребни алтернативни копнени патишта.

Повеќе пари како решение?

Пет земји од ЕУ – Полска, Унгарија, Словача, Романија и Бугарија, пред четири недели по писмен пат побараа од Европската комисија помош за своите земјоделци и производители на храна кои страдаат поради евтиниот увоз од Украина. Како резултат на тоа, ЕУ на крајот на март договори пакет помош во вредност од 56 милиони евра, кој им стои на располагање на земјите членки за обештетување на нивните земјоделци. 

Европската комисија моментално подготвува втор пакет помош, чиј износ уште не е познат, соопшти портпаролката за трговски прашања Миријам Гарсија Ферер. Повеќе пари можеби би можеле да ги вратат полската и унгарската влада на курсот на ЕУ, зашто царинските олеснувања за Украина ги одобрија сите земји-членки, а исто така и т.н. „рути на солидарност“ за бесцаринска трговија за сите видови стоки од и за Украина. 

Житото, кое сега предизвикува проблеми, а посебно во Полска, би требало всушност да се извезува во трети земји. Меѓутоа, тоа често останува во земјите соседи на Украина и се продава, зашто наводно постојат логистички проблеми за натамошен транспорт. Во изминатите недели полската влада формираше комисија за истрага на можни случаи на измама.

Бугарија протест жито Украина
Бугарија: протест против увоз на украинско житоФотографија: Nikolay Doychinov/AFP/Getty Images

Полска врши притисок

Новиот полски министер за земјоделство Роберт Телус на почетокот на април постигна договор со украинскиот колега Микола Солски за натамошен транзит низ Полска на десетици илјади тони украински извоз месечно. Се чини дека моментално од таа спогодба нема ништо. Министрите сакаа повторни консултации оваа недела, а ќе се советуваат и експерти и политичари во Брисел како да се реши трговскиот спор.

Кризата меѓутоа не дојде ненедејно. Уште во декември 2022 година политичари од полската владејачка партија ПиС побараа намалување на увозот на земјоделски производи од Украина. Полските земјоделци протестираат веќе со месеци поради евтината конкуренција од соседната земја зафатена од војна. Во Полска наесен се одржуваат избори. Според пишувањето на полските медиуми, иницијативата на полската партија ПиС може да се смета и како маневар во предизборна кампања.

Покрај Полска и Унгарија, примерот би можеле да го следат и други земји. Бугарската влада најави можност да се приклучи кон забраната за увоз на украинско жито. Бугарија досега од ЕУ доби 16 милиони евра како надокнада за претрпени загуби, а министреот Гечев сега бара дополнителни 50 милиони евра. Словачка минатата година забрани увоз на некои производи, но обемот на трговија на таа земја е прилично мал во споредба со Полска.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи