1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: Неизвесност и покрај коридорот за жито

Еуген Тајзе
22 август 2022

И по еден месец од договорот за извоз на украински житарици преку Црното море работите не одат најдобро. Извозот е прескап бидејќи осигурителните компании бараат посебни премии. Од сето ова најмногу профитира Русија.

https://p.dw.com/p/4Fqzp
Контрола на украинското жито пристигнато во Турција преку коридорот во Црното море
Контрола на украинското жито пристигнато во Турција преку коридорот во Црното мореФотографија: TURKISH DEFENCE MINISTRY/ REUTERS

Од 22 јули досега, украинските пристаништа ги напуштиле вкупно триесетина брода натоварени со житарици. На тој ден во Истанбул со посредство на ОН беше потпишана спогодба со која се стави крај на повеќемесечната блокада на Црното море од страна на руски воени бродови и украински морски мини. Во првиот месец околу 600.000 тони житарици тргнаа кон светските пазари соопшти украинската Управа на пристаништа. Нивните планови се амбициозни – наскоро да има и до стотина бродови со украинско жито месечно кои ќе испловуваат од Одеса и други пристаништа.

Но, трнлив е патот до таа цел, бидејќи досега вкупно пет брода дојдоа до регионот на Одеса да натоварат украинско жито. Од нив еден беше под патронат на ОН за што поскоро да стаса до Етиопија каде поради историските суши милиони луѓе се соочени со глад. Останатите бродови кои испловија се оние кои веќе со месеци беа заглавени во пристаништата.

„Многу тешко оди со потпишувањето на нови договори за транспорт“ ни вели Павло Мартишев од Киевската школа за економија. „Играчите на пазарот не им веруваат многу на Русите и сметаат дека може да има изненадувања од нивна страна.“ 

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган при потпишувањето на договорот за безбеден транспорт на украинското жито на 22 јули 2022
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган при потпишувањето на договорот за безбеден транспорт на украинското жито на 22 јули 2022Фотографија: Ozan Kose/AFP

Осигурителните компании бараат високи премии

На пример, само еден ден по потпишувањето на договорот во Истанбул, руските сили го ракетираа пристаништето во Одеса.

„Трошоците за транспорт многу варираат и тоа често дури во текот на еден ден. Оти во еден момент има информации за руски напади во регионот на Одеса, или врз пристаништето, па потоа има и вести дека руски ловци го надлетуваат демилитаризираниот морски коридор кој е предвиден за безбедна пловидба на бродовите,“ вели Мартишев.

Според неговите првични анализи Украина може да обезбеди дополнителни пет милијарди долари преку извозот на житарици. Овие средства секако би биле добредојдени. Но, Мартишев повеќе не е сигурен дека неговата оптимистичката пресметка ќе се оствари.

Генадиј Иванов, раководител на компанијата БГП шипинг за логистика, точно знае што се случува. Неговата компанија десетина години веќе го организира патот на бродови со контејнери кои носат роба до Јемен кој е измачен од војна. Вели дека и сега му оди тешко да ги убеди бродските компании да испратат бродови до неговиот роден град, Одеса.

„Само мал дел од нив постојано работат во потенцијално опасни региони како што е западна Африка или Јемен, и мал број од нив сега се подготвени да одат до Украина,“ вели Иванов.

За ваквите патешествија превозниците мора на осигурителните компании да им платат премии за ризик. „Тоа на крајот ги зголемува трошоците во споредба со мирољубивите соседни земји како Романија или Бугарија,“ вели тој за ДВ.

Брод под знамето на ОН натоварен со украинско жито наменето за Етиопија
Брод под знамето на ОН натоварен со украинско жито наменето за ЕтиопијаФотографија: Oleksander Gimanov/AFP/Getty Images

Руското жито го потиснува украинското

Но колку подолго функционира овој морски коридор толку повеќе компании ќе бидат подготвени да ги стават своите бродови на располагање. „Кога беше потпишан договорот за житариците, осигурителните компании очекуваа премии од 4%-5% од вредноста на стоката за седум дена. Сега тоа е 1%-1.5%, што сè уште е 200.000 до 270.000 долари по брод неделно,“ посочува Иванов.

Сопствениците на бродовите исто така бараат дополнителна сума за наем на бродот бидејќи тој дополнително се задржува уште најмалку една недела на контрола во Истанбул. Условот на руската страна беше турската војска да го проверува секој брод за да се спречат евентуални испораки на оружје во Украина по морски пат.

„Се тоа значи дека еден тон товар од украинските пристаништа чини 25 до 35 долари повеќе споредено со романските пристаништа,“ вели Иванов.

Тоа пак ја намалува добивката на извозникот и ги снижува откупните цени за украинскиот земјоделец. Сето ова е предност за најголемиот конкурент на пазарот на житарици – Русија. Додуша, осигурителните компании бараат дополнителни премии и за руската стока по избивањето на војната.

„Русија годинава очекува рекордна жетва со 90 милиони тони пченица. Под овие услови руската пченица ќе доминира на светските пазари. Русите може да нудат и попусти, а веќе ја потиснаа украинската пченица од важните пазари во Турција и Египет,“ вели Павло Мартишев. Слична е ситуацијата и со сончогледовото масло. „Од почетокот на војната многу фабрики во Украина не работат, па наместо зејтин се извезуваат непреработени семки што носи значително помалку девизи,“ појаснува економистот.

Украина: Нагазни мини по нивите, блокиран извоз на жито од земјата

Преполни силоси

Експертите проценуваат дека во украинските силоси сè уште има складирано околу 18 милиони тони житарици. Ова особено им прави нервоза на земјоделците кои одгледуваат пченка.

„Во септември и октомври доаѓа новата реколта. Ако не се забрза увозот драстично, тогаш ќе недостасуваат магацини за околу десет милиони тони пченка,“ вели Мартишев. Тој бара меѓународна помош и поволни кредити за малите производители за да може за брзо време да се изградат привремени силоси.

Кога договорот за житарици може да вроди со плод? Дури кога западните партнери ќе и помогнат на Украина да ги заузда барањата на осигурителните компании, уверен е Хајнц Штрубенхов, експерт за земјоделие кој има работено во Украина за Светската банка.

„Русија има интерес несигурноста и премиите за ризик да останат високи. ЕУ и САД мора да најдат интерес да ја подржат Украина околу трошоците за осигурување и на тој начин да го направат нејзиниот извоз конкурентен,“ вели Штрубенхоф.

Ако тоа не се случи, украинските земјоделци веројатно ќе садат се помалку пченица и пченка, а се повеќе маслодајна репка и сончоглед. А тоа, според овој експерт,  на крајот ќе ги поткопа надежите дека украинското жито може да спречи глад во Африка и на други места. LINK: