1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олаф Шолц и неговата влада–подобри од угледот што го уживаат

8 декември 2022

Коалицијата на Социјалдемократите, Зелените и Либералите е една година на власт. Кога сѐ ќе се собере, работата си ја вршат добро, смета Марсел Фирстенау.

https://p.dw.com/p/4Kf0P
Кристијан Линднер, Олаф Шолц, Аналена Бербок и Роберт Хабек, Германија
Кристијан Линднер, Олаф Шолц, Аналена Бербок и Роберт Хабек - семафор коалиција во ГерманијаФотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Сета теорија е сива - оваа мудрост на прочуениот германски писател Јохан Волфганг Гете, која во слободен превод значи дека не секогаш сите теории се остваруваат во реалноста, драматично се потврди за канцеларот Олаф Шолц и неговата коалиција. За коалицијата немаше можност за аклиматизација или грејс период. Реалноста изгледа вака: шареното трио составено од Социјалдемократите (партиската боја им е црвена), Зелените и Либералите (партиската боја им е жолта), оттаму популарно наречена семафор-коалиција, владее во услови на вонредна состојба и тоа веќе од 79-тиот ден од мандатот.

Пресврт за сите

Тој ден, 24 февруари 2022, Русија ја нападна Украина. Социјалдемократот Олаф Шолц, првиот шеф на германската влада по 16 години владеење на Ангела Меркел од ЦДУ, веднаш потоа во Бундестагот најави историски пресврт.

Трезвена, соодветна и разбирлива реакција на она што рускиот претседател Путин со војната против соседната држава го испровоцира во својата татковина, во Украина, во Германија и во остатокот од светот.

Според коалицискиот договор, владата на Олаф Шолц себе си се дефинира како „сојуз за слобода, праведност и одржливост“. За да се оствари оваа програма во време на војна и со ефектите од пандемијата со коронавирусот, е Херкуловска задача која владата на Шолц досега сепак добро ја совладува, и покрај сите разбирливи критики. Исто така се покажа дека, кога е потребно, како во случајот на коалицискиот спор околу продолжувањето на работата на атомските централи, канцеларот знае да „удри на маса” и да покаже кој има главен збор.

Германија е предвидлива

Во надворешнополитичка и безбедносна смисла  Германија доби на тежина. Каков и да ви е личниот став за огромното зголемување на воените издатоци на Германија, во рамки на НАТО тоа е силен сигнал за сигурност и солидарност кој доаѓа од Берлин. Сигнал во кој важна улога играат и Зелените, партија која има пацифистички корени и која при основањето во 1980 година уште бараше распуштање на НАТО- алијансата!

Марсел Фирстенау
Марсел ФирстенауФотографија: DW

Премиерот Олаф Шолц заслужува признание затоа што во голема мера се спротивставува на понекогаш острите повици за  испорака на повеќе оружје во Украина.  Притоа не може да се зборува за инертност на Германија под негово водство на ова (воено) поле. Сѐ додека канцеларот и владата меѓународно ги координираат своите потези, насоката е исправна. Кога се во прашање војна и мир, неговиот мирен и сталожен начин на комуникација пријатно отскокнува од воинствената реторика на оние за кои дипломатијата очигледно веќе е непознат збор.

Неизбежен пакет помош

Германската владина коалиција може да се пофали и од други причини, исто така поврзани со војната во Украина. Прво и најважно,  огромната програма за помош  за ублажување на последиците од  екстремното зголемување на трошоците за енергија и инфлацијата  заслужуваат секаква пофалба. Овие  пакети помош сега веќе се над 200 милијарди евра, од кои корист имаат и населението и стопанството.

Министерот за финансии Кристијан Линднер поради ова мораше да замижи не само на едно, туку и со двете очи. И покрај тоа што шефот на Либералите формално се придржува кон таканаречената должничка кочница која пред неколку години е внесена во Уставот, заемите означени како посебен имот остануваат тоа што се – долг - и тие ја стеснуваат финансиската слобода во следните години. Сепак, и понатаму важи правилото дека треба да се дејствува прагматично, особено во воени и кризни времиња.

Кога е потребно, може да се потпрете на владата

Ништо полошо од тоа токму сега од партиско-политички или идеолошки побуди да се испушти од вид големата слика. Секако дека во теорија има огромни разлики меѓу трите партии кои сега владеат со Германија.

Но, во пракса и кога ќе чукне часот, сите три застануваат на иста страна. По некоја кавга во јавноста, ништо не менува на тој факт. 

Да се надеваме дека Социјалдемократите, Зелените и Либералите нема да се вознемират поради тоа што лошо котираат во анкетите.  Во актуелната анкета за трендовите на јавното мислење во Германија, заедно стигнуваат само до 41% потврда од испитаниците, додека во однос на владината работа резултатот со 30% задоволни испитаници е уште полош. Но, тоа се цифри кои брзо може да се поправат. 

Добра владина работа се гледа и во тоа што сериозно се прима на знаење и се одмерува расположението во народот, па се носат добро обмислени одлуки. За тоа Олаф Шолц и неговата семафор-коалиција и покрај обидите за профилирање на сметка на другите, и една година по преземањето на власта се најдобриот избор -  од национална и меѓународна перспектива. 

Други земји би сакале да се погермански

Од надвор гледано, сликата за Германија секако е многу попозитивна. Политички турбуленции како што Европа сега доживуваат Велика Британија, Италија или Шведска, во Берлин тешко може да се замислат. И од другата страна на Атлантскиот Океан во САД или Бразил многу луѓе би биле среќни нивните политички прилики да може да бидат повеќе по примерот на германските. Тоа и овде никој не треба да го заборави, кога ја оценуваме успешноста на владата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема