Германија: Протести поради скапотијата
11 октомври 2022На истокот на Германија, во провинцијата Мекленбург-Западна Померанија, 7.000 луѓе излегоа на улиците во неколку градови во понеделникот, јавува Северногерманското радио (НДР). Протестите се насочени против високите цени на енергенсите и последиците што ги трпат потрошувачите и компаниите. Покрај тоа, на неколкуте собири се повика на мировни преговори во руската освојувачка војна против Украина, запирање на испораката на оружје и укинување на санкциите против Русија.
Според полицијата, во главниот град на покраината Шверин се собрале 2.400 луѓе. Како и претходниот понеделник, тие прошетаа низ центарот на градот. Во Висмар се собраа 1.000 луѓе, додека во Росток имаше 700 демонстранти. Група од 80 демонстранти со украински знамиња им застана на патот. Сепак, митингот помина мирно, како и во 15 различни градови каде имаше демонстрации.
И екстремисти меѓу демонстрантите
На протести повторно повика организацијата „Претприемничко востание на Мекленбург-Померанија“, која за четврток најави осум протестни конвои. Според податоците на полицијата, на протестните собири на 3 октомври во таа покраина учествувале 10.000 луѓе. По демонстрациите, претставниците на Левица побараа организаторите да се оградат од националистичките и екстремно десничарските пароли на некои од учесниците.
Покраинската служба за заштита на уставот го следи влијанието на екстремистите на протестите,бидејќи тие се меѓу говорниците, но и организаторите, како што соопшти покраинското Министерство за внатрешни работи.
Во сабота во Берлин: „На прво место нашата земја“
Партијата Алтернатива за Германија, АфД, повика на демонстрации во Берлин во саботата. Според податоците на полицијата, најавен е собир од 4.000 луѓе, но бројот на собраните бил најмалку двојно поголем, јавува ДВ.
На ливадата пред зградата на Рајхстагот, каде што се наоѓа германскиот парламент, еден од партиските лидери Тино Крупала излезе од говорницата и извика: „Поздрав до Берлин! Колку убава слика!"
Во последните месеци тој се истакна како критичар на економската политика на владата, особено на министерот за зелена економија, Роберт Хабек. Таа политика и министерот Крупал ги смета за одговорни за инфлацијата. Според него, Хабек и објавил „економска војна“ на Русија. Крупала дури изјави дека Хабек всушност „води војна против нашето население, против нашата земја“.
Од цела Германија доаѓаа луѓе под мотото „Нашата земја на прво место“ за да го изразат своето незадоволство од владината политика за Украина. Крупала ја означи својата партија како единствена вистинска опозиција во Бундестагот. „Се бориме за германскиот народ, за нашата слобода. за нашиот суверенитет“, рече тој.
Сите генерации на протестите
На Бранденбуршката порта, една жена стои со плакат: „Доста е со испорака на оружје, санкции и лицемерен морал.“ Нејзиното име е Хајди Бетке, а на прашањето на новинарката на Дојче веле дали ќе им се придружи на демонстрантите собрани од Алтернатива за Германија, таа вели дека зависи што ќе се каже на протестите.
На Хајди Бетке веројатно и се допаѓа што има да каже Крупала. И тој одбива понатамошни испораки на оружје за Украина, како и економски санкции против Русија.
По еден час дождот престана, дури се појавува сонце, десет илјади луѓе очигледно се расположени. Од десетгодишно момче со свирче до старец со стап - сите генерации се на улица. Се слушаат извици „ние сме народот“. Ова е познатата парола што ја извикуваа масите на крајот на комунистичката диктатура.
Неколку стотици луѓе на контра-демонстрацијата, одвоени од полицијата од поголемиот собир, извикуваа дека цел Берлин ја мрази Алтернативата за Германија. Одвивањето на демонстрациите сè повеќе потсетува на митинзите против антипандемиските мерки од 2020 година, кога во протестите беше вткаена атмосфера на музика и пикник. Полицијата не евидентирала поголеми инциденти, па „жешката есен“ што ја најави Алтернатива за Германија почна мирно.