1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Инфлација во Германија – протестирање наместо смрзнување

20 септември 2022

Левицата и десницата протестираат против кризниот менаџмент на политиката, условен од војната во Украина. Владата стравува дури и од немири. Марсел Фирстенау има разбирање за незадоволството на многу луѓе.

https://p.dw.com/p/4GlwA
Протести во Лајпциг против растечките цени на енергијата и животни трошоци
Протести во Лајпциг против растечките цени на енергијата и животни трошоциФотографија: Jan Woitas/dpa/picture alliance

Министерот за економија Роберт Хабек, во време на војната во Украина и растечка инфлација, е новата Ангела Меркел: идеална непријателска мета на Алтернатива за Германија (АфД). До крајот на нејзиниот мандат во 2021 година, десните популисти ја атакуваа тогашната канцеларка, прво поради нејзината бегалска политика, потоа поради короната. „Меркел мора да си замине!“, гласеше мотото на деснопопулистите на демонстрациите.

Во септември 2022 година, пет месеци по инвазијата на Русија врз Украина, лидерот на АфД, Тино Хрупала се жести, зборувајќи постојано за „економската војна водена од Хабек“, ставајќи го политичарот од Зелените во улога на жртвен јарец во име на целата влада поради масивно растечките цени во сите области на животот и навестувачката рецесија.

„Нашата земја на прво место“ проста копија на АфД на „Америка на прво место“

„Нашата земја на прво место!“, гласи слоганот со кој АфД, партија под надзор на Службата за заштита на уставот поради сомнение за десен екстремизам, повикува на голем протест во Берлин на 8 октомври. Со тоа целно се надоврзува на изборната кампања на поранешниот американски претседател Доналд Трамп. „Америка на прво место“ беше борбениот проглас и фрлената ракавица кон политичките противници во сопствената земја, Демократите и остатокот од светот. Овој беспримерен политички безобѕирен стил, програмски и реторички, на почетокот на 2021 година доведе до упад во Конгресот во Вашингтон.  

Се чини дека германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок стравува од слични сценарија, ако од Русија целосно прекине испораката на гас. Уште во јули таа шпекулираше за  можни „народни бунтови“  и со тоа лекомислено пушти во оптек опасен поим кој сигурно предизвика одушевување во десноекстремистичките кругови. Зашто, тие одамна сонуваат за народни востанија. 

Јуришот врз Рајхстагот не смее да се повтори

Бербок можеби во моментот на нејзината непромислена изјава ги имаше во вид сликите од неуспешниот јуриш врз зградата на Рајхстагот. Во време на кулминацијата на антикорона протестите во 2020 година, бесна маса луѓе се искачи на скалите кон седиштето на германскиот парламент, но беше потисната од полицијата.

И германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер одамна е алармирана: „Секако, постои опасност оние кои уште во времето на пандемијата изразуваа презир кон демократијата и притоа често се движеа заедно со десните екстремисти, ќе се обидат да ги злоупотребат нагло растечките цени како нова мобилизирачка тема“. Да, точно, но една самосвесна демократија ќе знае да се одбрани, таа веќе и го прави тоа, со контрадемонстрации на цивилното општество и со средствата на правната држава.

Понеделнички протест во Лајпциг само почеток

И протестот против често непровидните и противречни антикорона мерки  не се состоеше само од негатори на коронавирусот и т.н. кверденкери, кои со своите луди теории на заговор креираа антивладино расположение. Но, со големината на  протестниот потенцијал расте и спектарот на учесници. Тоа се виде уште на демонстрацијата против војната и инфлацијата на 5 септември во Лајпциг, кога десноекстремистичките Слободни Саксонци и Левите сакаа судир, за среќа, без успех.

Марсел Фирстенау, автор на коментарот
Марсел Фирстенау, автор на коментаротФотографија: DW

Фактот што на почетокот се собраа не многу повеќе од 3.000 луѓе, не дозволува извлекување конечни заклучоци за силата на идните собири. Инфлацијата се ближи кон десет проценти, зачестуваат банкроти на фирми, ред причини за искрена загриженост на луѓето и за нивно излегување на протести против растечките цени. А тоа, според една анкета од јули спроведена од Институтот за испитување на јавното мислење Инза, сакаат да го направат 44 проценти од анкетираните – „сигурно или со голема веројатност“.

Олабавувањето на должничката кочница не смее да биде табу

Ако не го промент мислењето, тоа сигурно ќе биде последица и на лошиот кризен менаџмент на сојузната влада. СПД, Зелените и ФДП навистина неодамна усвоија  дополнителен пакет за растоварување,  но централните теми во коалицијата се спорни: треба ли да се ограничи цената на гасот? Ќе се олабави ли должничката кочница заради  подобра амортизација на последиците од војната во Украина?

Изгледите за есенва и зимата се мрачни.  Причинител на овој опасен развој беше рускиот претседател Владимир Путин и неговите диктаторски потези. Но, економските санкции кои во одговор ги донесе Западот, за жал предизвикуваат и енормен пораст на цената на рускиот гас, а со тоа индиректно ги полнат воените каси на Путин. Тоа што АфД и Левица одговорноста ја гледаат и во владата, е легитимно.

Расположението во Германија се заострува

Секако, АфД и Левица притоа целат и на подобрување на својот рејтинг и на успех на изборите. Тоа првенствено итно ѝ е потребно на Лавицата, зашто моментно ужива доверба од само пет проценти. Но, загриженоста за иднината на партијата е една работа, а таа за социјалниот мир во земјата е друга. А последнава е директно во опасност, доколку се остварат црните сценарија за милиони луѓе кои се смрзнуваат без греење и заглавени во долгови. „Жешка есен против социјалниот студ“, гласи затоа очекуваната парола на левичарските протести.

Политичарите треба правилно да ги сфатат зборовите: како израз на загриженост за сопствената иднина и како одговор на неумесните реакции, како онаа на поранешниот претседател Јоахим Гаук. „Би можеле уште еднаш да смрзнуваме  заради слободата“, им порача тој на луѓето во Германија, кратко по почетокот на војната во Украина. Можеби Гаук во меѓувреме жали за својата изјава, зашто расположението во Германија се ближи кон точка на замрзнување.