1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорена новата влада во Германија- крај на ерата Меркел

БГ /РТР
24 ноември 2021

Олаф Шолц ќе биде новиот германски канцелар во коалицијата составена од три партии. Целта е модернизација на земјата, префрлување на зелени извори на енергија и зајакнување на ЕУ.

https://p.dw.com/p/43Qby
Олаф Шолц
Олаф Шолц ќе биде новиот германски канцеларФотографија: Fabrizio Bensch/REUTERS

Социјалдемократот Олаф Шолц во средата потврди дека постигнал коалициски договор за формирање нова влада која треба да ја модернизира најголемата европска економија и да и стави крај на ерата на Ангела Меркел. Социјалдемократите на Шолц, заедно со Зелените и Либералите сакаат да ја забрзаат транзицијата кон зелена економија и дигитализација, а притоа да ја одржат фискалната дисциплина, како што се наведува во коалицискиот договор на 177 страници кој го постигнаа трите партии. 

„Се обединивме за да ја направиме оваа земја подобра“, рече Шолц. 

Коалицијата, популарно наречена семафор поради црвената, жолтата и зелената боја на трите партии учеснички, има мнозинство во долниот дом на парламентот- Бундестагот, а плановите се владата да биде избрана на почетокот на декември, откако членствата на сите три партии ќе ја потврдат коалицијата. 

На прес-конференцијата во Берлин, придружуван од лидерите на Зелените и Либералите, Шолц говореше за денот кога на Потсдамер плац во Берлин бил поставен првиот семафор во 1924 година и многумина се сомневале дека тоа ќе функционира. 

„Денес, семафорите се незаменливи кога станува збор за регулацијата и нудат јасна ориентација обезбедувајќи дека сите ќе се движат безбедно и лесно“.

„Мојата амбиција како канцелар е оваа семафор коалиција да ја одигра истата значајна улога за Германија“, рече Шолц. 

СПД Зелени Либерали Берлин
Лидерите на трите партии кои ќе коалицираат во новата влада, од лево: Кристијан Линднер, Олаф Шолц и Аналена Бербок. Фотографија: Emmanuele Contini/imago images

Наследството на Меркел 

Шолц ја наследува Ангела Меркел која ја предводеше Германија и Европа низ бројни кризи и беше промотор на либералната демократија соочена со растечката авторитарност ширум светот. Нејзините критичари велат дека таа само ги менаџирала, наместо да ги решава проблемите, а на својот наследник му остава тешки одлуки на многу фронтови.

Владата на Шолц ќе се соочи со итни предизвици како исходот од Брегзит, кризата на границата со Белорусија и новиот бран на ковид пандемијата.

Новата коалиција се усогласи да работи на зајакнување на економската и монетарната унија на ЕУ, и сигнализираше подготвеност за реформа на фискалните правила на Унијата.

Меркел во средата се прости од своите колеги на последната владина седница со која претседаваше. Шолц и подарил дрво со желба да го засади во нејзината градина. 

Нова програма 

Новата влада во програмата најави дека ќе се заложи за поголема заштита на климата со далекусежни реформи кои вклучуваат забрзан развој на обновливи извори и забрана за употреба на јаглен. Планот е користењето јаглен да престане до 2030 година, а во истовреме, дотогаш користењето на обновливи извори на енергија да опфаќа 80% од производството на електрична енергија. За таа цел ќе се инсталираат капацитети од 200 гигавати во соларната енергија, и уште 30 гигавати ветерни паркови. Новата коалиција планира целосно да го запре користењето на нуклеарна енергија до 2022 година, согласно претходниот план.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема