1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Двете епизоди на „Малата војна“

28 септември 2023

Во неделата, беа лесно видливи сличностите помеѓу Бањска 2023 и Куманово 2015. Никогаш завршените истраги за позадината на Куманово не оставаат премногу простор за споредување со настаните во Бањска. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4Wtk8
Манастир Бањска Косово
Полиција пред манастирот Бањска во КосовоФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Резилот висеше во воздух, кружеше наоколу, чекајќи да прсне со сета сила. Сета таа хистерија, таа неколкумесечна трка во безмалку садистичко мрцварење на Албин Курти пред сѐ, и Косово последично, од страна на регионалната стабилократија (Вучиќ, Рама, Ахмети, Додик, Пендаровски), охрабрена од американската и европската дипломатија (Борел, Лајчак, Хил, Ескобар) кои со стиснати заби на склет и омраза не пропуштаа можност за напад и понижување, на крај заврши со нивно ретко видено понижување и бламажа. Косово и Курти немаа можност, време, ниту желба за ситење од понижувањето на соперниците, не по убиството на полицаецот. Но и без тоа, дебаклот на западната политика и домашната стабилократија во регионот во неделата доживеа дебакл од колосални пропорции.

За разлика од садистичкиот порив за шиканирање и понижување на опонентите, Курти смогна сили во најкритичниот момент да се соземе и ја испрати најбитната политичка порака и став. Демонстрирајќи државничка стабилност под оган, буквално скраја истрелите кои сеуште одекнуваа околу манастирот Бањска. Во неговото прво обраќање, на албански и српски јазик, Курти го „осуди овој криминален и терористички чин” и прецизираше дека станува збор за „напад врз нашата држава од страна на организираниот криминал, со политичка, финансиска и логистичка подршка од службен Белград”. Среде протоколарниот, службен тон, токму приоретизирањето во оценката за природата и припадноста на напаѓачите ја отвара суштината на самиот настан.

Дефинирање на нападот 

Дефинирањето на нападот како дело на „организираниот криминал” укажува дека службите во Косово и меѓународните институции од самиот почеток знаеле дека нападот е дело на криминалните групи предводени од Милан Радоичиќ, потпретседател на Српската листа, санкциониран од САД и генерално лик кој во српските средини се смета како политичка фигура на „патриотската пљачка” во северна Митровица. Внимателно срочената изјава на Курти во која не се спомнува никаква и ничија етничка или национална припадност е фонот кој дополнително ја подвлекува пораката за „организираниот криминал” како мотив за нападот. Притоа оставајќи простор, без длабинско навлегување, за дилема дали тој „организиран криминал” е ексклузивно врзан само со српското подземје или пак е со поширока, регионална конотација која вклучува и некои од тврдите, радикални не-српски опоненти на сегашната Влада и сегашниот премиер на Косово во соседството и регионот.

Косово Бањска
Курти го дефинираше нападот во Бањска како дело на „организираниот криминал” Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Вториот битен дел на соопштението се однесува на јасното, но сепак внимателно лоцирање на одговорните во позадината на настанот, преку идентификување на „политичката, финансиска и логистичка подршка од официјален Белград”. Терминот „официјален Белград” е доволно аморфен, опширен, јасен, а сепак амбвивалентно срочен што остава простор за размислување дали станува збор за еден или неколку „официјални Белгради”. Таквата дефиниција која не ги вклучува војската и владата, но алудира на политичко, логистичко, финансиско учество на тајните служби во (а не само на) Белград, не е срочено за да се амнестира Врховниот командант и Претседател на Србија, туку да се укаже на флуидноста на состојбите во Белград и недостатокот на контрола од страна на Александар Вучиќ. Сомнеж кој дополнително ќе добие на сила во деновите што следат, подгревајќи ја дилемата дали Вучиќ е навистина семоќен владетел врз Србија или пак неговите авантури со „организираниот криминал” резултираат во тоа криминалот да му е поорганизиран од државата со која владее повеќе од деценија.

Дестабилизација на регионот  

Тежината на таа оценка на Курти доплнително ќе добие на значај по оценката на американскиот амбасадор во Приштина Џеф Ховениер дека станувa збор за „софистициран и координиран план за дестабилизација на регионот”. Не на Косово. Туку на регионот. Нагласувањето на „софистицираноста и координацијата” е индиректна потврда на оценката дека станува збор за „тешко вооружени, маскирани професионалци”, но и за постоењето на „координација” надвор од самата локација на судирите. Што неминовно имплицира дека истрагата за самите судири подразбира и лоцирање и идентификација на „координаторите”.

Сепак, најинтересна е констатацијата за намерата за „дестабилизација на регионот”. Со оглед на тоа дека огромниот дел од регионот се земји членки на НАТО, неминовно се поставува прашањето дали Ховениер алудира дека нападот во Бањска е и обид за дестабилизација на јужното крило на НАТО, поточно за ширење на судирите во Црна Гора, Македонија, Албанија и Босна и Херцеговина? Таквата алузија – доколку е точна – е масивен game change момент кој дополнително ја актуелизира проблематичноста на „владеењето” на Александар Вучиќ, но и на оние кои досега сакаа да веруваат во неговата „интимна, но не јавно искажана” прозападна ориентација. Во секој случај, чинам дека токму таа оценка на Ховениер, и потврдите дека администрацијата на Бајден „ја истражува вклученоста на Белград во паравоената единица и ја открие нејзината мисија” (Гардијан) е причината за одредени радикални пресврти во односот кон Вучиќ од страна на некои регионални првенци. Како што е дистанцирањето на Еди Рама од неговиот побратим, поставеноста на новиот мандатар на Црна Гора кон барањата од САД да не ги вклучува про-руските партии во владата и изненадувачкиот молк на Стево Пендаровски.

Збунетоста која завладеа пред се во самиот службен, медиумски Белград ја стави на тацна пародијата за Србија како „факторот кој знае сѐ, контролира сѐ, владее врз сѐ”. Молкот на Вучиќ и комплетниот политички Белград е демонстрација на непријатното соочување со новата реалност со разбиениот мит за белградската супремација во контрола на сѐ и сенешто. Со тек на денот, неделата, и со осамнувањето на новиот ден, понеделникот, таа реалност полека се ширеше низ сите истурени пипци, ограноци и играчи на Србија низ регионот. Сиот театар со патетично славење на убиените криминалци, сите патетични офкања на Вучиќ, сите обиди за зачувување на чаламот во очите на Србите и спас на образот пред странците, не се доволни за дефокусирање на вниманието од клучното прашање: која е мрежата на организираниот, паравоен криминал координиран од Белград? 

Северна Македонија, Куманово 2015 година
Во раните часови во неделата, беа лесно видливи сличностите помеѓу Бањска 2023 и Куманово 2015Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Бањска и Куманово 

На Балканите нема да најдете нација без патриотски трубадурни попевки за „јунаци”. Исто како што нема да најдете попевка за „јунаци” без спомнување на јатаци. А овие денови, таквите јатаци на организираниот криминал можете да ги најдете на најчудните, најнеочекуваните места. Како балкански превод на американската мудрост за „политиката како кревет споделен од најчудни можни спијачи”. Евидентно, засега Вучиќ останува сам во тој кревет, по сите бежании кои уследија по последната недела. Сепак, трагите остануваат, трагите водат насекаде низ регионот. Буквално насекаде, по принципот „следи ги парите, дрогите, оружјето и секој баснословно збогатен во последната деценија”. Со посебен акцент кон најголемите пропагатори на Отворен Балкан во регионот. Кои од големата надеж за ќар од тој проект, на крај ќе завршат како залаци фрлени од Вучиќ за спас на сопствената кожа. Патем, се запрашаа ли Димитар Ковачевски, Бујар Османи, Али Ахмети, Бојан Маричиќ... зошто Албин Курти, Подгорица и Сараево по никоја цена не сакаа да влезат во таа дружба, а најголемиот поддржувач Еди Рама така напрасно се откажа од проектот а сега и од Вучиќ? Или да го реформулирам прашањето: смеат ли наведените од Илинденска, Бихаќка и Мала Речица да се откажат и оградат - дури и ако очајно сакаат и едвај чекаат? 

Садистичката сатанизација на Албин Курти и поткусурувањето со Косово прсна како балон со смрдлива вода на умилкувачите на Александар Вучиќ во Брисел, пред се на целосно компромитираните дипломати Жозеп Борел и Мирослав Лајчак. Ним им благодариме што репутацијата на ЕУ во регионот е петтата жртва во Бањските престрелки. Очекувано, Брисел нема ниту совест, ниту карактер, ниту визија за полезноста од самопреиспитување и дистанца од лагодноста во живеењето на сомнабулозноста за сопствената политичка величина и морална вертикала. Навистина, ниту Вашингтон не се претргна во самокритично грицкање на усната поради бесрамните поведенија на Крис Хил (кој два месеци врескаше дека „Србија е партнер на Америка, не знам баш за Курти”) или Габриел Ескобар и неговите куражења на српската агресија кон Косово со невидено деструктивните изјави за „седумстотини милиони против еден и пол милиони Косовари”. Од друга страна, доколку не самото Косово, тогаш укажувањето на опасноста од загрозата по регионалната, т.е. НАТО структура на Балканот е доволен мотив да се верува дека Вашингтон сеуште ја нема поминато црвената линија, но евидентно веќе гази по неа.

На крај, во раните часови во неделата, беа лесно видливи сличностите помеѓу Бањска 2023 и Куманово 2015. Никогаш завршените истраги за позадината (логистиката, подршката, финасирањето) на Куманово не оставаат премногу простор за фактичко споредување со настаните во Бањска. Како и многу други скандали, и Куманово потона во заборавот диктиран од политиката, и индиректните машинерии во позадината. Сепак, Александар Вучиќ во очаен обид на whataboutism синоќа посегна по токму таа паралела помеѓу двата настани. Се надевам дека тоа ќе биде повод за пошироко и подлабочинско навраќање кон двете епизоди на La Pettite Guerre. Сепак, се плашам дека епилогот ќе биде уште еден бумеранг фрлен кон противниците и свртен по негова глава, драматично спротивно од неговите мотиви и очекувања. И особено на неговите соработници и јатаци низ Отворениот Балкан. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи