Доколку сите овие години ве лажев јас, секако не лаже самиот Али Ахмети, кој и јавно го призна тоа што со децении го повторуваме, дека гастарбајтерот маченик, во 2001 година во Македонија слетал како забеган падобранец со темни очила среде темна ноќ врз Шипковица. Типично за самопреценет политички интригант, во обидот да го подучи и поткара Албин Курти дека „не ја познава Македонија, овдешната конфигурација”, Командант Соравија си призна дека „и јас не ја познавав се` додека не се симнав (sic!) во Македонија. Не ги знаев деталите во оваа држава, колку има Албанци и каде живеат”. Тоа се негови зборови. Изнесени пред камерите на приштинска телевизија пред 48 часа и по 23 години глумење лидерство.
Во минатата колумна се осврнав на причините и енергиите кои ја градат и красат популарноста на Албин Курти во Косово и во Македонија. Меѓу другото, истакнав дека во очите на Албанците, Курти и Самоопределување се продолжение на реформската, бунтовна, социјална, политичка, образовна, културна енергија од деведесеттите која беше прекината со војните во Косово и Македонија. Енергија и политички правец кој беше превземен и обесмислен од командантската елита и арогантната поза дека се` и секој пред нив беше крш, лом, смрдеа, чемер и јад.
Непосредно по војните, во Косово и Македонија зеде замав една чудна појава во која секој командант си имаше по еден српски/македонски олигарх за пријател и партнер. Командантите си имаа и свои надворешнополитички советници за објаснување на темните коридори на политиката, регрутирани од невладиниот сектор, од семејства познати по децениски врски со УДБА или пак од редовите на ПДП, но екслузивно оние кои беа против Абдурахман Алити и блиски до Бранко Црвенковски. Ова беше структурата која го учеше падобранецот Ахмети за политиката, односите на партиската сцена и конфигурацијата на Македонија. За која Али Ахмети и Муса Џафери имаа познавања колку и просечен поштар од Скадар во времето на Енвер Хоџа.
Изјавата на Командант Соравија е одлична илустрација за разбирање на промените кои се случуваат на крај на ова лудо жешко лето. Во албанскиот кампус, таа е рефлексија на динамиките предизвикани од отцепувањето на Изет Меџити и окрупнувањето на опозицијата со кои се цели кон враќање кон автентичните постулати на албанската политика во Северна Македонија. А тоа подразбира поинакво делување, кое е дијаметрално спротивно на она на Ахмети-Џафери, но и на печурка-партиите изродени од кабинетот на Артан Груби.
Контрола преку поделба
Битката на Ахмети за Скопје е веќе завршена и изгубена. Неговиот фокус е сега вперен против Билал Касами во Тетово. Мотивирано не само од неговото рушење, туку многу повеќе за спречување на крахот на стратегијата за контрола преку поделба - додуша импонирана уште од Арбен Џафери – помеѓу Скопје и Тетово. Таа политика на јакнење на локалистичкиот менталитет форсирана во Тетово од страна на ПДП- пријателите на Бранко Црвенковски, на старата УДБА, во Скопје беше парирана од локалистичкиот хулиганизам на Артан Груби кон Куманово и кон Тетово. Резултатите на таа раздели па владеј интрига беа јасни: сложни итегристи мрсеа, раскарани Албанци гладуваа.
Оттаму, парадоксот е што сите овие години, најсилната опозиција против исчашениот менталитет на Али и Муса не беа Мендух и Арбен, Села и Таравари, Руфи и Имер, туку - симболично кажано – ликот и имиџот на Абдурахман Алити, кој беше и до ден денешен останува подеднакво ценет во Тетово, Скопје, Куманово се` до Струга. Ценет, но не од пара-жандарската, псевдомедиумска, шверц-економска олигархија на Македонците и ДУИ, туку од обичните Албанци. Не е воопшто случајно што истата состојба се пресликува и во Косово, каде скраја сета омраза на партиите на Хашим Тачи и Рамуш Харадинај кон Албин Курти, најголемата нивна омраза е се`уште резервирана за Ибрахим Ругова и Фехми Агани.
Драматична промена на фокусот
Тоа што Албанците го чувствуваат, ги прави македонските олигарси параноично да реагираат препознавајќи дека на повидок се наѕираат промени. Жестоката кампања на скопската медиумска бардовштина против ДУИ, одеднаш по посетата на Курти и митингот во Тетово доживеа драматична промена на фокусот. Не во правец на откривање љубов за Али Ахмети, туку негово препознавање како „ѓаволот кој го познаваш”. Што во основа е веќе напати виден филм при секоја промена кај Албанците. Така беше со лошиот Невзат и добриот Абдурахман, па лошиот Абдурахман и добриот Арбен, па мудриот Арбен и терористот Али. И сега, добриот терорист Ахмети и овие црнокошулни, диви, националисти и балисти Изет, Билал, Африм.
Притоа, колку да се знае кој вентилатор ја тера бурата кон и во Македонија, потсетете се на минатото лето и дружбите на Александар Вучиќ во Охрид со Ахмети. Споредете ги ставовите на функционерите од Србија во кои се имплицираат и оцрнуваат Албанците, но никогаш, по никоја цена Али Ахмети, Муса Џафери, Бујар Османи, Артан Груби, Фатмир Бесими и останатото братство на „чесни Албанци”. Сепак, да бидеме трпеливи. Ѓаволот за да добие поени, ќе се претстави и како ангел заштитник. На Македонците. И ДУИ. Или како што во златните години на Груевски, тогашниот новинар Роберт Поповски во неговиот XO шоу го претстави гостинот Ахмети како „вистински македонски патриот”.
Засилената албанофобна реторика на олигархиските медиуми и особено псевдоакадемијата не е генерирана од идентитетските прашања. Туку од загриженоста за домино-ефектот од промените во досегашниот business as usual среде квадратурата на триаголникот на големите партии, сличен на оној од крајот на владата на Груевски. Настојчивоста во ширење омраза поради неплаќање сметки за електрична енергија треба да ја покрие убиственоста на олигархијата и правосудството во горење живи пациенти. Настојчивоста во застрашување со Курти или бугарски фашизам е safety-blanket кое треба да го покрие славењето на Стара Србија од страна на белградски функционери пред македонските послушници. Молкот за уринирањето на Шешељ, политичкиот татко на Вучиќ, врз македонскиот идентитет упатува на очигледното: ниту на СДСМ,ниту на ВМРО, најмалку на ДУИ не им е до македонскиот идентитет. Таквата селективност во реакциите го потврдува спротивното: дека она што важи за ДУИ и албанскиот уставен јазик, важи и за СДСМ и ВМРО, за кои македонскиот идентитет е сепак и пред се` објект за поткусурување. Разликата ја прави само играчот од спротива.
Премиерот Ковачевски се обидува подршката од 70 гласови за отварање на дебатата за уставните измени да ја реинтерпретира како солидна подршка за Владата. Но гласовите од обединетата албанска опозиција го оспоруваат обидот и ја демантираат таквата калкулација, особено по ривалскитеобиди на премиерот со додворување пред Вучиќ да ги истисне традиционалните просрпски експоненти како Оливер Спасовски и Максим Димитриевски. Опозиционерот Мицкоски дава се` од себе за незадоволството на Македонците од уставните измени да го реинтерпретира и по автомтизам го прекрсти како поддршка за неговата партија. Но неговиот молк за Кочо Анѓушев и горкото искуство со црнолистењето на Орце Камчев укажува дека тој е повеќе зависник од олигархијата отколку што олигархијата ги има положено сите карти врз него. Кога Жељко Митровиќ така одеднадеж ја откри љубовта за Америка, сетики и овдешните криминогени олигарси нема да се либат при прва амнестија спремно да изустат „сори Миц, морално беше”. На крај, Командант Соравија секако би сакал да сврти уште еден круг на „наемен патриот”, но отсуството на неговите партнери во Приштина и непресушните раздори во партијата му оневозможуваат повторна валидација на неговата незаменливост. Резимирано, состојбата на политичката сцена е премногу и прелесно кршлива за било кој од нив да може да биде сметан од сопствените членства, камо ли гласачите, како сигурна карта за победа.
Промена на курсот во македонското општество
Најпроблематичниот аспект на евидентната „Врањанска платформа” сепак е деликатната, не толку видлива, а сепак евидентна промена на курсот во македонското општество кое полека го бара сопствениот моментум надвор од сферата на Софија, Белград или Зајаз. Протестите во Белград, селективноста на патриотските реакции на македонскиот естаблишмент, делумно и контрааргументите на бугарската страна придонесуваат за се` повеќе Македонци да имаат поинакво видување на нештата и покритична дистанца кон вообичаените СДСМ, ВМРО наративи. Таквите гледања, да ги наречеме идентитет-индепендентистички, до пред 4 или 5 години беа сметани како егзотични исклучоци, но со тек на времето се` повеќе продираат во мејнстримот и откриваат нови, заборавени „гласачки групи”. Впрочем, здружената координација на медиумите од групацијата СДСМ-ВМРО-ДУИ во игнорирање на реакциите на фракционерите во ВМРО-ДПМНЕ против Мицкоски е потврда дека и македонското општество може да очекува појава на некоја македонска „Огнена група.”
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.