1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерење на силите на македонско тло

9 август 2023

Најавената неформална посета на косовскиот премиер Курти во Тетово и Чаир отвори прашања меѓу партиите во албанскиот блок. Битка за регионален примат врз Албанците или нешто друго?

https://p.dw.com/p/4UwUa
Албин Курти, премиер на Косово
Албин Курти, премиер на КосовоФотографија: Vudi Xhymshiti/VX/picture alliance

Косовскиот премиер Албин Курти задутре (11.08) доаѓа во посета на општините Тетово и Чаир, ќе се сретне со претставници на опозициски партии на Албанците, но не и со владејачките, ниту со претставници на извршната власт.

Овие три податоци ја направија политички „калорична“ веста за посетата на Курти, за која јавноста дозна детали од видеото што на Фејсбук го објави градоначалникот на Тетово и лидер на опозициската Беса, Билал Касами. Во него, покрај извадоци од говор на Курти, во кој се спомнува патот од Призрен до Тетово, како добредојде за косовскиот пермер е најавен концерт во организација на Општина Тетово, на кој ќе настапат популарната група Елита 5, а потоа и културно-уметничкото друштво „Џеладин Зеќири“. Истата вечер на тетовскиот плоштад свои обраќања ќе имаат Курти и Касами.

Средби со опозиционери

Во кругови на власта е тешко да се обезбеди оценка за ваквата неформална посета, дел поради отсуство на владини функционери поради летните одмори, дел поради воздржаност за темата. Воздржан беше и  шефот на дипломатијата и потпретседател на ДУИ, Бујар Осмaни.

„Ние немаме информација дека доаѓа, така што веројатно не доаѓа како премиер. Гледаме по социјалните мрежи дека е во некоја партиска комуникација, така што навистина немам информации“, рече Османи на ТВ Сител, нагласувајќи „дека сме слободна држава“, веројатно во контекст - дека секој може да дојде.

Покрај посетата на Тетово и средба со Билал Касами, Курти на покана од градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, ќе присуствува и на отворање на улицата која го носи името на албански деец Адем Демачи, а ќе се сретне и со Изет Меџити, основач на политичката партија во формирање - „Демократско движење“, која треба да биде промовирана два дена подоцна, на 13-ти август.

Северна Македонија | Бујар Османи
Османи: Ние немаме информација дека доаѓа, така што веројатно не доаѓа како премиерФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

Со оглед дека Ганиу и Меџити беа дел од „огнената“ фракција во ДУИ, средбата на косовскиот премиер со нив, според извори блиски до Мала Речица, сигурно ќе биде прочитана во ДУИ на еден единствен начин.

„Веројатно тоа е обид за меѓусебна факторизација. Целта е да им се даде ветер во грб на партиите кои разговараат за обединување во опозициски блок. Но и да се прикаже пред меѓународната јавност дека неговото влијание не завршува до границите на Косово, со цел тоа да биде сериозно земено предвид од ‘големите’ во нивниот третман на Приштина во контекст на односите и дијалогот со Белград“, велат овие извори.

Сметаат дека форматот на средбата праќа јасна порака до владејачките партии на Албанците, особено до ДУИ, но и дека наликува на битка за „приматот’ - кој политичар во иднина ќе има поголемо влијание над целокупниот албански политички фактор во регионот, со оглед дека на албанскиот премиер Еди Рама му успеало до некаде да промовира таков патернитет.

Неспоредливи

Извори од албанската опозиција сметаат дека тоа „е комплетно лажен наратив“.

„Прво, никој не му признава таков патернитет на Рама. Второ, ставовите на Курти за важни прашања многу се разликуваат од оние на Рама - и за 'Отворен Балкан' и за ред прашања кои го тангираат Косово, но и Албанците во регионот, нивните потреби и интереси“, велат извори од албанската опозиција.

Косово | Албанија | Еди Рама | Албин Курти
Ставовите на Курти (д.) за важни прашања многу се разликуваат од оние на Рама (л.), се вели од албанската опозицијаФотографија: Office of the Kosovo prime Minister

Еден од тие интереси, а посочен како формален повод за посетата, е поврзување и соработка на општините, во случајот со конкретната делница. Во однос на најавените разговори за патот Тетово-Призрен, потсетуваат дека ДУИ тој проект го имала како ветување во изборната програма последователно за четири парламентарни избори - од 2011 до 2020 година, но без резултат.

Во 2021 година премиерите Заев и Курти потпишаа „Меморандум за разбирање“, со очекување дека изградбата ќе заврши во рок од 2-3 години.

Оваа патна делница не е првпат во фокусот на разговори меѓу Курти и Касами. Двајцата за тој проект разговарале и во април годинава, ставајќи акцент на неговото значење за поврзување на општините околу Шар Планина и за соработка во областа на планинскиот туризам. Сегашниот пат од Тетово до Призрен, кој се поминувал за околу 3 часа, со изградба на новиот и скратен пат би можел да се помине за само 30 минути.