1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Слобода на медиумитеСоединети Американски Држави

Последен чин во драмата околу екстрадицијата на Асанж?

Матијас фон Хајн
20 февруари 2024

Натегањето околу испораката на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж на САД влегува во нова, можеби последна рунда. Германски пратеници зборуваат за политички мотивиран процес.

https://p.dw.com/p/4cbGM
Велика Британија | суд одлучува за испорака на Џулијан Асанж на САД
Ширум светот се зголемуваат протестите против прогонот на Џулијан АсанжФотографија: Frank Augstein/AP Photo/picture alliance

1776 дена - толку долго Џулијан Асанж е веќе во британскиот затвор Белмарш. Денеска (20.02) ќе започне можеби последното рочиште во натегањето околу неговата екстрадиција во САД. 52-годишниот основач на платформата Викиликс не беше слободен и пред тоа - седум години беше во самонаметнат егзил, заглавен во амбасадата на Еквадор во Лондон. Според американското обвинителство, Асанж би требало да добие уште 175 години затвор.

Сослушувањето пред Високиот суд во Лондон се однесува на прашањето: Дали Асанж веќе ги исцрпил сите правни лекови против заканата за негова екстрадиција во САД? Или може да продолжи да презема уште чекори пред британските судови?

Доколку Високиот суд го отвори патот за екстрадиција, Асанж би можел да биде обвинет и осуден во САД според таканаречениот Закон за шпионажа. Законот беше донесен пред повеќе од сто години за осуда на предавници и шпиони за време на Првата светска војна. Никогаш претходно не бил искористен против новинар. Обвинението гласи: заедно со свиркачката Челси Менинг е украден и објавен таен материјал од американските воени операции во Ирак и Авганистан. Тоа ги довело во опасност и животите на американските доушници, велат американските власти. Во 2010 година, актуелниот американски претседател, а тогашен потпретседател Џо Бајден дури го нарече Асанж „хај-тек терорист“.

Џулијан Асанж
Џулијан Асанж ги поздравува поддржувачите собрани пред амбасадата на Еквадор во Лондон (мај, 2017 година)Фотографија: Frank Augstein/AP/picture alliance

Сепак, Џулијан Асанж не е одговорен за тоа што беа објавени целосни, нередактирани збирки на податоци. Во 2010 година, Викиликс соработуваше со коалиција на големи медиумски организации - „Њујорк тајмс“, „Гардијан“, „Ле Монд“, „Шпигел“ и „Ел Паис“ - за новинарска обработка на протечените информации. Лозинката на заштитениот сет на податоци е објавена во книга од страна на еден од вклучените новинари. Викиликс го објави збирот на податоци само кога информациите и онака веќе беа достапни. Американската влада сè уште не обезбедила никаков доказ дека некој навистина бил оштетен од објавувањето на податоците.

Американската влада исто така се обидува да му го одземе новинарскиот статус на Асанж. Се вели дека тој објавил податоци без контекст, дека е хакер. Сепак, Асанж освои бројни медиумски награди. И, за американското обвинителство тоа не игра улога - Законот за шпионажа не прави разлика меѓу новинарите и други лица.

Ненашминкана вистина

Она што е вистина, сепак, е дека публикациите на Викиликс беа многу непријатни за американската влада. Стотици илјади тајни документи му покажаа на светот поинаква, ненашминкана, крвава страна на акциите на американската војска. Страна каде има извршени - и прикриени - воени злосторства и каде што бројот на цивилни жртви е значително поголем од „разубавените“ бројки на Пентагон.

Ирак САД злосторство видео
Видеото на Викиликс „Колатерално убиство“ го шокираше светот во 2010 година - над десетина цивили се убиени од американски хеликоптерФотографија: AP

Сепак, тоа се публикации кои една жива демократија мора да ги издржи. Така барем мислат сите угледни организации за човекови права, граѓански права и новинарство.

Во светот се сѐ побројни гласовите кои зборуваат против прогонот на Асанж од страна на САД и бараат негово ослободување. Само една недела пред судењето, австралискиот парламент донесе резолуција за ослободување на австралискиот државјанин Асанж, поддржан од премиерот Ентони Албанезе; италијанскиот главен град Рим го прогласи Џулијан Асанж за почесен граѓанин; Група од над 35 американски професори по право во отворено писмо до американскиот министер за правда Мерик Гарланд предупреди дека гонењето на Асанж според Законот за шпионажа го загрозува Првиот амандман за заштита на слободниот печат и слободата на изразување.

Заменик-генералниот секретар на Амнести интернешнл Германија, Кристијан Мир, на работите гледа на ист начин. Тој за ДВ изјави: „Во случајот Џулијан Асанж се работи за основните прашања за слободата на медиумите и човековите права. Џулијан Асанж не е виновен за никакво кривично дело, Викиликс откри кршење на човековите права и тоа не е кривично дело.“ Заедно со Репортери без граници, на кои Мир беше претседавач десетина години, Амнести за денеска планира демонстрации пред американската амбасада во Берлин.

Критички гласови во германската политика

Критики за прогонот на Џулијан Асанж има и меѓу германските политичари. Пратеникот на Зелените, Макс Лукс во изјава за ДВ за Џулијан Асанж зборува како за политички затвореник. Тоа што основачот на Викиликс речиси пет години е затворен во високобезбедносниот затвор Белмарш, во кој владеат сурови услови и што е можна екстрадиција во САД, Лукс го коментира вака: „Тоа што се случува таму е тортура. Нема рационална причина за овој притвор на г-дин Асанж. Тоа е политички мотивирано“. Оценка која Лукс ја споделува со други истакнати политичари и експерти, како што се поранешниот специјален известувач на ОН за тортура, Нилс Мелцер или поранешниот германски министер за надворешни работи Зигмар Габриел.

Лукс е еден од иницијаторите на отвореното писмо до британскиот парламент во кое пред две години повеќе од 80 пратеници во Бундестагот побараа ослободување на Асанж. „Новинарите не смеат да бидат прогонувани и казнувани за нивната работа. Никаде“, пишува во писмото. Потписниците велат дека се „длабоко загрижени за застрашувачкиот ефект што може да го има екстрадицијата и осудата на Асанж врз слободата на печатот и истражувачкото новинарство ширум светот“. Пратениците никогаш не добија одговор на нивното писмо.

Бундестаг Макс Лукс
Пратеникот на Зелените, Макс Лукс е еден од поддржувачите на Асанж во БундестаготФотографија: Frederic Kern/Geisler-Fotopress/picture alliance

Обвинение за двојни стандарди

Потписник на писмото е и Петер Хајт. Хајт е портпарол за прашања од областа на човековите права на пратеничката група на ФДП. Кога во оваа улога во странство ќе ја отвори темата за критиките за недостатокот на заштита на човековите права, тој постојано добива одговори во кои се укажува на прогонот на основачот на Викиликс - во комбинација со обвинувањата дека Германија и Западот имаат двојни стандарди. „Тоа ви го кажуваат насекаде, можете да разговарате со кого сакате“, го потврдува своето искуство парламентарецот во интервју за ДВ.

Петер Хајт со години ги завршува своите говори во Бундестагот со истата реченица: „Инаку, јас сум на мислење дека Џулијан Асанж треба веднаш да биде ослободен“.

Пратениците Петер Хајт и Макс Лукс се и членови на владини партии. Но, од владата малку се слуша за Асанж. Само неколку недели по отвореното писмо во летото 2022 година, Бундестагот донесе резолуција со која го осудува „политичкиот прогон“ на новинарот како напад на слободата на печатот. Тој, исто така, ја повика соојузната влада да се заложи за ослободување и неиспорачување на Асанж во САД.

Германската влада го „следи“ процесот на екстрадиција

На прашањето во врска со ова, сојузната германска влада само соопшти дека „внимателно“ и „континуирано“ го следи процесот против Џулијан Асанж и јавната дискусија за случајот. Сепак, таа „во основа не ги коментира“ тековните постапки или содржината на доверливите разговори со претставници на други влади, напиша сојузната влада на крајот на минатата година во својот одговор на прашање поставено од парламентарната група на Левица.

Најголемата критика од страна на германската влада во врска со постапката против Асанж звучи како оваа изјава на портпаролот на Министерството за надворешни работи на прес-конференција на почетокот на декември: „Ние имаме поинакво разбирање за слободата на печатот од она што би било дефинирано во САД. Кај нас работите што ги направил г-н Асанж не би биле казниви.“

Портпаролот се осврна и на судските постапки кои се во тек и на тоа дека евентуално може да се поднесе жалба и до Европскиот суд за човекови права. Тоа е утеха за Асанж, но слаба, затоа што тој би останал во британски притвор за време на долгогодишното судење што би следувало. По дванаесет години без слобода. Истражувачкиот новинар Гинтер Валраф вели: „Се игра на време. Тој треба да умре на рати“.

Овој текст е првично објавен на ДВ на германски јазик