1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекарски апел: Запрете го мачењето на Асанж

18 февруари 2020

Здравствената состојба на свиркачот Џулијан Асанж е сериозно наружено. Но, апелот кој го упатија група научници и лекари е повеќе од јасен: Асанж може да умре во британскиот затвор од последиците на измачувањето.

https://p.dw.com/p/3Xxdy
Julian Assange Wikileaks-Gründer
Фотографија: Reuters/H. Nicholls

Околу 120 лекари и психолози побараа крај на „психолошкото измачување и медицинско запуштање“ на основачот на Викиликс Џулијан Асанж. Тој е во тешка состојба поради долгиот престој во еквадорската амбасада и лондонскиот затвор Белмарш, пишуваат експертите во писмото кое го објави медицинскиот магазин Лансет.
Доколку 48-годишникот почине во затворската келија, тогаш тоа ќе биде затоа што е „ефективно мачен до смрт“, се наведува во дописот. Потписниците бараат на Асанж под итно да му се обезбеди „најдобра можна здравствена грижа пред да биде предоцна“.

Асанж е во лондонскиот затвор од април 2019. Имајќи предвид дека САД бараат негово израчување, закажано е сослушување за 24 февруари. САД го обвинуваат дека и помагал на свиркачката Челси Менинг да објавува тајни материјали за воените акции на САД во Ирак и Авганистан. На тој начин се дозна и за воените злосторства на американските трупи во овие земји.
Обвинението против Асанж содржи 18 точки. Доколку биде осуден по сите точки, му се заканува затвор од 175 години. Во меѓувреме, тој отслужува едногодишна затворска казна во Британија поради прекршување на условите за ослободување со кауција.
Специјалниот известувач на ОН Нилс Мелцер неодамна изнесе тешки обвинувања на сметка на владата во Лондон, како и за Шведска, САД и Еквадор. Тој рече дека постапувањето кон Асанж е заплашување, и дека обвинувањата на негова сметка се исконструирани. Повеќе од 130 политичари, уметници и новинари го Германија пред неколку недели се заложија за пуштање на Асанж на слобода.