Доходовните бизниси со гас на Путин во Европа
12 март 2024Пристаништето Зебриж во Белгија, на крајот на февруари. „Кристоф де Маржери“, натоварен со течен природен гас (ЛНГ) од Русија, се укотви на терминалот за ЛНГ. Не е невообичаена глетка. Политичкиот магазин „Монитор“ на германскиот јавен сервис АРД има податоци за движењето на руските танкери кои ја покажуваат рутата и фреквенцијата со која Русија ги посетува европските пристаништа.
„Кристоф де Маржери“ редовно се закотвува во Зебриж, како и вкупно 15 други танкери од таканаречената Aрц7 класа. Станува збор за танкери кои го пробиваат мразот и по налог на Новатек транспортираат ЛНГ од рускиот полуостров Јамал на Арктичкиот круг до Европа во зимскиот период.
Еден од сопствениците е олигархот Генадиј Тимченко, еден од најбогатите луѓе во Русија, член на ексклузивниот круг околу претседателот Владимир Путин. ЕУ одамна воведе санкции против него, а му ја конфискуваше и луксузната јахта. Сепак, танкерите за ЛНГ, кои работат за него, продолжуваат да се закотвуваат и без прекин да заминуваат од пристаништата на ЕУ. Секоја испорака е со минимална вредност од 30 милиони евра.
Досега нема санкции
Иако ЕУ неодамна го усвои 13-тиот пакет санкции против Русија, поради агресорската војна во Украина, испораките на гас досега беа изземени од нив. Дури и германската влада не бара санкции за испораката на гас и продолжува да аргументира со „затегнатата ситуација со снабдувањето“. Официјално, Германија повеќе не добива руски гас, но не може да исклучи дека помали количества доаѓаат преку европските соседни земји по заобиколен начин.
Земјите од ЕУ, како што е Унгарија, веќе склучија нови договори со Москва за дополнителни испораки на гас. Во Франција, енергетската компанија Тотал учествува во операциите на ЛНГ на рускиот полуостров Јамал во северозападен Сибир. Иако увозот на гас преку гасоводи е значително намален, соработката со ЛНГ продолжува неуморно. Резултатот е дека околу 15 отсто од вкупната потрошувачка на гас во ЕУ сè уште доаѓа од Русија.
ЛНГ сега е речиси исто толку важен за Кремљ како и останатите приходи од испораките на гас. Во моментов, експертите наведуваат дека обемот на ЛНГ, кој се транспортира во и преку Европа, годишно се проценува на околу дванаесет милијарди евра. Меѓутоа, Путин планира да го удвои тој бизнис во наредните години. Според рускиот еколошки активист Владимир Сливјак, целта е уште еднаш да се направи Европа зависна од рускиот гас. Во 2021 година, Сливјак ја доби Алтернативната Нобелова награда со неговата организација „Заштита на животната средина“, но мораше да ја напушти Русија за да избегне затвор.
Европа како пазар
На европските терминали за ЛНГ како Монтоар-де-Бретањ, Билбао или Зебриж, не пристигнува само течен природен гас за ЕУ. Нивните пристаништа служат и како главни транзитни центри за натамошен транспорт на рускиот ЛНГ низ светот. На пример, во Зебриж, ЛНГ или се складира во резервоари и се реекспортира или веднаш се пренесува на други бродови. Тоа се однесува на приближно половина од вкупните количества гас транспортирани во Европа, пресмета организацијата „Ургевалд“ врз основа на податоците за бродовите од 2022 година. На овој начин Европа не само што создава дополнителни оптоварувања за климата, туку активно помага да се финансира рускиот воен напад врз Украина, критикува организацијата.
Без претовар во пристаништата на ЕУ, трговијата со ЛНГ за Русија би била значително потешка и поскапа. Ако ЕУ забрани претовар во пристаништа на нејзините членки за меѓународниот пазар, бродовите ќе мора да патуваат сè до Турција или до Египет, вели експертот за енергија Ангелос Куцис од белгиската еколошка организација „Бонд Бетер Лефмилие“. „Тоа не само што чини многу пари, туку и потребно е многу подолго време. Тоа доведува до тоа Русија да може да продаде многу помалку ЛНГ од Јамал, бидејќи на Арктикот нема алтернативни начини на транспорт.“
Можноста за откажување од рускиот ЛНГ
Георг Цахман, експерт за енергија од тинк-тенкот Бригел, е убеден дека Европа во меѓувреме би можела да се откаже од увоз на руски ЛНГ. Во Белгија, рускиот течен гас во моментов сочинува единаесет проценти од вкупната потрошувачка, во Франција тринаесет, а во Шпанија дваесет и пет отсто. „Во моментов има добра понуда на ЛНГ на светскиот пазар“, вели Захман. „Цените значително паднаа и ако Европа престане да купува руски ЛНГ, пристаништата би можеле да увезуваат друг ЛНГ користејќи ја истата увозна инфраструктура.“
Во меѓувреме, Европскиот парламент бара построги санкции и целосно запирање на увозот на руски ЛНГ. Министерството за економија на Германија, одговарајќи на барањето на Монитор, изјави дека ЕУ во моментов работи на регулатива која ќе им овозможи на членките привремено да го ограничат увозот. Меѓутоа, ЕУ планира конечно да го прекине бизнисот со рускиот гас дури во 2027 година.
За економистката Улрике Малмендиер, тоа доаѓа предоцна. „ЕУ треба да се договори да престане да увезува руски гас. Да го пробаме сега тоа и да го пробаме заедно како Европска унија. За тоа е и создадена ЕУ“, бара таа.