Институциите преплавени со поплаки за дискриминација
28 февруари 2023Расте бројот на поплаки од страна на граѓаните за различни облици на дискриминација во земјата. Повеќето се жалат на дискриминација која се базира на политичко уверување, но голем е и бројот на случаи кај кои е утврдено дека во коренот на дискриминаторскиот однос лежат националната и општествената припадност.На овој проблем во вторникот (28.02) алармираа надлежните институции и невладините организации коишто преку анкети се обиделе да утврдат дали граѓаните имаат доверба во институциите и дали Северна Македонија е фер општество за сите граѓани.
Анкети
Центарот за управување со промени (ЦУП) направил анкета на 1.170 испитаници, а податоците до коишто дошле покажуваат дека 45,5 отсто од анкетираните кои искусиле дискриминација или познаваат некој таков случај, ја идентификуваат политичката припадност како главен основ за дискриминирање. „Етничката или религиозната димензија, која игра голема улога во нашиот политички систем, овој пат не избива во прв план“, вели извршната директорка на ЦУП, Неда Малеска-Сачмароска.
Таа на конференцијата „Дали Република Северна Македонија е фер земја? Како институциите заеднички да ја унапредат борбата против дискриминацијата?“, истакна дека дискриминацијата врз основа на политичка припадност најчесто се среќава во областа на работата и вработувањето, како причина за пристап до работно место, напредување и губење на работната позиција.
Неправда и раслојување
Чувството на неправда е подеднакво застапено кај сите етнички групи - македонската, албанската и ромската етничка заедница, што упатува на тоа дека постои конкуренција и внатре меѓу самите етнички заедници. „Постои едно раслојување и по партиска и по етничка припадност, каде што политичките партии успеваат да обезбедат работа и вработување, единствено на своите приврзаници и во етнички македонски и етнички албанскиот блок. Ова говори дека администрацијата се смета за политички плен, а политиката е еден од најбрзи и најдобри начини да се дојде до работна позиција во општеството и да се обезбеди социјален статус“, посочи Малеска-Сачмароска.
За трипати зголемен бројот на претставки
Претседателот на Комисија за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), Исмаил Камбери вели дека бројот на претставки од минатата година за трипати е зголемен.
Во последните 20 месеци и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) изработила вкупно 470 предмети. „Во 2022 година работевме на 255 предмети и за разлика од истражувањето на ЦУП, според кој граѓаните се убедени дека најчеста форма на дискриминација е базирана врз политичко уверување, социјален статус и национална или етничка припадност, анализата на нашите статистички податоци говори дека сепак најчести дискриминаторски основи за 2022 година се националната и етничката припадност, личното својство и општествениот статус“, вели Весна Бендевска, претседателка на Kомисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Голем е бројот и на претставки кои се однесуваат на вознемирувачки говор врз национална и етничка припадност, најчесто промовирани на социјалните мрежи, поточно 47 проценти од претставките, а најчести поднесувачи се здруженијата на граѓани.
Зголемен број поплаки за дискриминација пристигнале и на адреса на Народниот правобранител. Лани биле поднесени 76 поплаки од граѓани, што е за 30 повеќе од претходната година, соопшти народниот правобранител Насер Зибери. Најбројни се тие во областа на работа и работни односи, потоа пристап до други услуги, правосудство и управа, домување, образование, наука, спорт, социјална сигурност и слично.
„Ме загрижува високиот процент на недоверба на граѓаните во институциите за заштита од дискриминација, многу висок процент на граѓани кои не се охрабруваат да посегнат кон покренување инструменти за заштита, бидејќи однапред се депримирани односно немаат доверба во институциите. Ова треба да ја загрижува Владата, но и Собранието зашто тие се фактори што ги креираат политиките“, рече Зибери.