1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

За три месеци поднесени 57 претставки за дискриминација

ДТЗ
9 мај 2022

Расте бројот на претставки за вознемирување на социјалните мрежи, а случаи на дискриминација има и на работните места, во образованието и во спорот.

https://p.dw.com/p/4B2LM
Nordmazedonien: Präsident Stevo Pendarovski besucht eine Familie mit einem Kind mit Down-Syndrom
Фотографија: Pres. Of North Macedonia

Расте бројот на претставки за вознемирување на социјалните мрежи, а случаи на дискриминација има и на работните места,  во образованието и во спорот. За само три месеци од почетокот на годинава се поднесени 57 претставки до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Сепак, случај којшто доби најсилен медиумски одек и реакции во јавноста беше приказната за малата Ембла од Гостивар, којшто беше гласен крик против предрасудите и стигматизацијата. 

Малата Ембла, дете со попреченост, поради петиција на родители на нејзини соученици, беше преместена од одделението во несоодветна просторија. Откако случајот беше јавно обелоденет, Комисијата за заштита од дискриминација, покрена постапка по службена должност во која утврди еден од најсериозните облици на продолжена дискриминација, исклучување и сегрегација. За случајот се заинтересира и претседателот Стево Пендаровски, кој во знак на поддршка на малата Ембла и нејзиното семејство ја однесе на училиште, во средината каде што таа подолго време била несоодветно прифатена. 

„Иако ова беше потежок облик на дискриминација, сепак по укажувањето и препораките на Комисијата, ова е еден од ретките случаи во кои имаме добиено сеопфатен одговор кој значи постапување по сите препораки“, вели Игор Јадровски, член на Комисијата.

Дел од препораките на Комисијата веднаш беа исполнети од училиштето – девојчето беше вратено во одделението и беше направена посебна програма за нејзините потреби. „Училиштето нѐ информираше дека во соработка со регионалните ресурсни центри ќе обезбеди посебна просторија која ќе има асистивна технологија и дека во соработка со училиштето „Златан Стремец“ е во постапка на изготвување програма за сензибилизација на вработените во училиштето и на родителите“, вели Јадровски.

Највеќе дискриминација на социјалните мрежи

Половина од сите претставки кои во првите три месеци од 2022 година биле поднесени до Комисијата биле од областа на јавно информирање и медиуми и најчесто се поради вознемирување на социјалните мрежи.За разлика од Законот за медиуми, Комисија пошироко ја третира оваа област и во дефиницијата за медиуми ги опфаќа и интернет-порталите и социјалните мрежи. Комисијата донела 46 одлуки – во 26 мислења утврдиле дискриминација, во десет не утврдиле, во два случаја не постапиле или ја запреле постапката. Осум претставки биле отфрлени поради ненадлежност, неуредност или ненавременост.

-повеќе на темата: Службени и правни лица на тапет поради дискриминација на верската група „Лев Тахор“

Од вкупниот број примени претставки  од јануари до март 2022, најзастапени области на дискриминација се медиумите и јавното информирање (50 отсто), работа и работни односи (19 отсто), пристап до добра и услуги (15 отсто), образование (12 отсто) и спорт (4 отсто). Се намалува бројот на претставките врз основа на етничка припадност, а има зголемување на претставки за заштита од дискриминација врз основа на сексуална дискриминација, ако во 2021 година имало 14, за само три месеци од 2022 – поднесени се девет претставки. Најголем број од добиените претставки (22) се од подносители од Скопје. Како и минатата година, претставки за заштита од дискриминација повеќе поднесувале жени (43 отсто) отколку мажи (40 отсто).