Повеќемина на тапет за дискриминација на „Лев Тахор“
18 февруари 2022Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) поведе постапка за заштита од дискриминација на верската групата „Лев Тахор“. Предметот се води по основ на потекло, религиско и верско уверување во областа на пристапот до добра и услуги. На тапет можат да се најдат службени и правни лица, доколку се утврди дека го прекршиле Законот за спречување и заштита од дискриминација.
„КСЗД ќе испрати барање за изјаснување до потенцијалните дискриминатори и со тоа, товарот за докажување ќе го префрли кон овие лица. Во случај потенцијалните дискриминатори да не го докажат спротивното, ќе се утврди дискриминација и доколку не биде постапено по препораките ќе се поведе прекршочна постапка пред надлежен суд“, се наведува во соопштението.
Постапката е поведена во согласност со членот 21 став 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, а со оглед на тоа што се работи за повеќекратни основи, овој случај се води според член 13 од ЗСЗД, како потежок облик на дискриминација.
Членовите на групата деновиве пристигнаа во Куманово, по што следуваа реакции на мештаните, по што групата беше префрлена во Скопје. И тука се соочила со проблеми - до сместување тешко дошле, а преку медиумите се пожалија и дека движењето им е ограничено. Комисијата се сретнала со претставник на групата „Лев Тахор“ и утврдила неколку прекршувања на Законот за спречување и заштита од дискриминација од страна на службени и правни лица од нашата држава.
Притоа е утврдено дека првенствено немало физички напад од граѓаните кон групата, туку лажна информација била проширена од страна на медиумите.
Комисијата смета дека одредени медиуми пред да пласираат вест да направат сопствено истражување, со што ќе спречат ширење лажни вести за природата на групата и за случувањата во Куманово. Од Комисијата потенцираат дека со непроверените информации нанесуваат дополнителна штета на групата, погрешно ја информираат јавноста и ги зацврстуваат дискриминаторските практики во нашето општество.