1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Дали Путин ќе детонира нуклеарка?

19 октомври 2022

Имајќи предвид дека конвенционалната воена машинерија на Русија се покажува очигледно импотентна на терен, тоа нѐ води до реалната можност за ескалација на конфликтот со нуклеарниот арсенал. Пишува Петар Арсовски

https://p.dw.com/p/4IOmS
Рускиот претседател Владимир Путин
Рускиот претседател Владимир ПутинФотографија: Sergei Guneyev, Sputnik, Kremlin Pool Photo via AP/picture alliance

Кусиот одговор е сеуште најверојатно не, но ни оддалеку не е исклучено. Војната во Украина не и’ оди добро на Русија, а со тоа позицијата на Путин е сериозно ослабена. Ваквиот развој на настаните може да го направи рускиот претседател очаен, но и нерационален, поради што може да посегне по  употреба на тактичка нуклеарна бомба.  Ако тоа се случи, ѓаволот ќе ја однесе шегата, иако таквиот потег не значи автоматски глобален Армагедон.

Русија ја губи војната во Украина.  Деновиве бевме сведоци на неколку настани кои ја потврдуваат таа надолна линија на воениот конфликт: една од ретките, ако не и прва, изјава на висок руски воен претставник каде се вели дека ситуацијата е тешка, дури и драматична, потоа, сознанието дека Русија активирала 800 т-62 тенкови (застарена машинерија од 1961 година), информациите дека контролата на теренот полека еродира, недостатокот на воена опрема (не само ракети, туку и униформи и чизми), и воопшто, стратешката поставеност на целата операција, одат во прилог на констатацијата дека порано или подоцна,  епилогот на вооружениот конфликт може да биде само пораз за Русија.

-други колумни од авторот: Македонија на крстопат: Ќе почнеме да работиме или само ќе се интересираме?

Ова не е големо изненадување, и покрај романтичната мантра на русофилите насекаде низ светот. Во основа, секогаш кога послаб противник се соочува со далеку посилен противник, што повеќе време поминува, тоа е поголема веројатноста дека послабиот противник ќе загуби. Во овој случај, да немаме дилеми, послабиот противник е Русија. Ова е особено точно кога, за разлика од претходните конфликти, како Виетнам, Авганистан, средниот исток и слично, за западните сојузници, најнапред за САД, го нема најголемиот ризик – а тоа е да им се враќаат војници дома во ковчези. Кога тој негативен аспект е исклучен, бидејќи во Украина првенствено се борат самите Украинци, а сојузниците само дотураат опрема и муниција, тогаш нема причина да се сомневаме во исходот – опрема и муниција сојузниците, па дури и само ако ги празнат постојните застарени резерви, имаат за 10 години ваков конфликт. 

Воен пораз на Русија  

Во ваква динамика, се чини дека единствен можен исход е воен пораз на Русија. Дали тоа значи по автоматизам реституција на целата територија на Украина, и нејзино членство во НАТО? Најверојатно не и не. После референдумите, кои опфаќаат околу 18% од вкупната украинска територијата, тешко е да се замисли дека тие делови би можеле да се вратат во суверено владеење на Киев дури и по воена победа. Дополнително, Москва е релативно јасна дека евентуалното членство во НАТО ќе го смета за чин на војна, и не верувам дека сојузниците сакаат да направат поголем проблем во блиска иднина. Сепак, во сегашната динамика, за Русија изгледа невозможно дури и чесно повлекување, бидејќи е очигледно дека Путин би преговарал само евентуално со САД, а не со Зеленски, за што во Вашингтон во моментов нема никакво расположение.

Оттаму, единствен начин Русија да ја смени оваа сегашна динамика, која не и` оди во прилог, е или да наговести дека е подготвена за посериозни преговори, или да го ескалира конфликтот,  за да изнуди преговори со подобра стартна позиција. Првата опција во моментов е невозможна без политички последици – дури и ако САД се согласат на некакви преговори со сегашната ситуација на терен, тие секако би вклучувале некакви политички услови, во најмала рака постепено заминување на Путин – сојузниците никако нема да си дозволат ризик во Кремљ да остане истата доктрина во иднина, зашто тоа би било рецепт за нови потенцијални конфликти насекаде низ светот. Значи, најверојатната опција е контролирана ескалација пред преговори. Имајќи предвид дека конвенционалната воена машинерија на Русија се покажува очигледно импотентна на терен, тоа не води до реалната можност за  ескалација на конфликтот со нуклеарниот арсенал.

-други колумни од авторот: Дали Христијан ќе ја преживее Данела?

Што ќе биде одговорот на НАТО?  

Русија поседува стратешки и тактички нуклеарни боеви глави. Стратешките се оние кои ги гледаме на филмовите – интерконтинентални балистички ракети, во силоси сокриени во земја, големи колку мини зграда, и со моќ многупати поголема од атомската бомба на Хирошима. Сепак, стратешките нуклеарни ракети во моментов не се опција за Русија, од две причини: прво, тие се под постојан надзор. Уште од времето на договорот за намалување на нуклеарното оружје, потпишан меѓу Реган и Горбачев, овие капацитети се под заемен постојан надзор на САД и Русија. Русија подоцна се повлече од тој договор, но голем дел од нивните капацитети во таа смисла не можат тајно да се активираат. Второ, активирање на стратешка нуклеарна глава со сигурност води до нуклеарен одговор од НАТО – значи до глобална нуклеарна војна. Оттаму единствена реална опција е тактичка нуклеарка (обично со распон на дејство до 20 - 50км), далеку помала разорна моќ, и која може да се лансира од терен – од камион, подморница, авион и слично.

Притоа, детонирањето на ваква бомба, ако ја следиме логиката дека тој потег е „фаќање позиција за преговори“, не смее да носи кон директна нуклеарна ескалација. Тоа значи дека треба да биде спроведено така, да постигне внимание, но не да го сврти светот против Русија. Оттаму, логично е да се очекува дека тоа би се случило така, да упати порака, но да минимизира човечки жртви, и да го намали ризикот од реципроцитетна ескалација од НАТО. Тоа може да се случи ако биде детонирана над море, на пример, или над напуштена област.

Петар Арсовски
Петар Арсовски, автор на колумнатаФотографија: Petar Arsovski

Токму тоа е најголемиот ризик – што ќе биде одговорот на НАТО, првенствено САД, во тој случај. Вашингтон досега намерно беше нејасен во одговорот за тоа кој би бил нивниот контрапотег, но во текот на последниот месец излегоа со план за „уништување на руските воени капацитети“, кој е амбициозен, остар, и масивен, но сепак засега вклучува употреба на единствено конвенционално оружје. Така, можно е дури и употребата на тактичка нуклеарна бомба од страна на Путин, да не доведе автоматски во глобален нуклеарен конфликт.

За нас на Балканот, тоа не менува многу. Освен зголемениот притисок да мораме да избереме страна, за која и немаме многу избор (јасно е дека сме на страната на НАТО), и дека како што ќе поминува времето, тој избор ќе мора да го потврдуваме се’ појасно и се’ појавно. Оттаму е паниката кај оние кои се сеуште седат на две столчиња, дека ситуацијата е тешка, дека „со ноќи не спиеле“, дека се под притисок – тоа е симптом на сознанието дека, подрумите, сепак, ќе мора да се исчистат, болно, но на крајот корисно за сите наши општества.