1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Ќе го притисне ли Владимир Путин нуклеарното копче?

БГ /АП
5 октомври 2022

Бројни аналитичари кои ја следат политика на Кремљ се обидуваат да утврдат дали нуклеарните закани на рускиот лидер се само блеф. Во моментов нема поактуелно, но и потешко прашање, на кое не постои јасен одговор.

https://p.dw.com/p/4HjDb
Владимир Путин Русија
Владимир Путин на воени вежи во Восток, септември 2022Фотографија: SPUTNIK via REUTERS

Ќе го притисне ли Владимир Путин нуклеарното копче? Засега, аналитичарите претпазливо сугерираат дека ризикот од тоа е релативно низок. ЦИА проценува дека нема сигнали за руски нуклеарен напад наскоро. 

Сепак, најавите на Путин дека „ќе ги употреби сите мерки“ за да ја одбрани Русија додека води војна во Украина се земаат многу сериозно. Неговата петочна изјава дека САД „создадоа преседан“ со употребата на атомската бомба во Втората светска војна дополнително го зголеми нуклеарниот влог.

Белата Куќа предупреди од „катастрофални последици за Русија“ доколку Путин употреби нуклеарно оружје. Но, дали Путин навистина тоа ќе го стори, не може никој да процени. Нервозните набљудувачи признаваат дека не се сигурни како тој размислува, ниту дали е рационален и добро информиран. 

„Во моментов не гледаме практични докази дека се доближува до употреба, или дека постои непосредна закана за користење на тактично нуклеарно оружје“, изјави директорот на ЦИА, Вилијам Барнс.

„Ние мораме тоа да го земеме многу сериозно, ги следиме сигналите за можна подготовка“, рече Барнс. 

Спас од пораз за Русија? 

Познавачите на Кремљ се збунети, делумно, и поради тоа што не гледаат како употребата на нуклеарно оружје ќе и помогне на Русија да се спаси од воените порази во Украина. Украинските трупи не користат голема концентрација на тенкови при освојувањата, а битките најчесто се водат за многу мали села и населени места. Што би постигнала Русија со нуклеарно оружје? 

Русија Воена парада 9 мај
Интерконтинентална балистичка ракета на руската армијаФотографија: Kirill Kudryavtsev/AFP/Getty Images

„Нуклеарното оружје не е магична крпа“, вели Андреј Баклицкиј, истражувач во Институтот за разоружување на ОН.

„Тоа не е нешто што ќе го употребиш и ќе ти ги реши сите проблеми“.

Аналитичарите се надеваат дека и табуто кое постои околу нуклеарните орудија ќе послужи како одвраќање. Ниту една земја не употребила нуклеарки освен САД врз јапонските градови Хирошима и Нагасаки на крајот на Втората светска војна. Аналитичарите сметаат дека би било премногу дури и за Путин да стане првиот светски лидер кој се одлучил на таков чекор и со тоа да стане светски отпадник.

„Кршењето на нуклеарното табу ќе наметне, во најмала рака, целосна дипломатска и економска изолација на Русија“, смета Сидарт Каушал, истражувач во Кралскиот институт во Лондон.

Аналитичарите не можат да утврдат ниту воени цели кои би биле вредни за големата цена која Путин ќе ја плати. Доколку еден нуклеарен напад не го сопре напредокот на Украинците, ќе следуваат ли нови и нови? 

Путин ги урива мостовите зад себе  

Павел Подвиг, аналитичар за нуклеарно оружје во центарот на ОН во Женева, наведува дека во оваа војна не постојат „големи концентрации на војска“ кои би можеле да бидат нападнати. Да се напаѓаат градови во надеж дека Украина би се предала, би било ужасна алтернатива. 

Украина Лиман
Големата офанзива на украинската армија ги разниша позициите на РусијаФотографија: Evgeniy Maloletka/AP/picture alliance

„Одлуката ладнокрвно да се убијат десетици или стотици илјади луѓе е многу тешка. И таква треба и да биде“, вели Подвиг. 

Владимир Путин можеби се надева дека самата закана ќе биде доволна да ја забави испораката на оружје за Украина од Западот и да му купи време да ги обучи за војна дополнително мобилизираните 300.000 трупи.

Но, доколку Украина продолжи да напредува и Путин се соочи со пораз, аналитичарите стравуваат дека ќе расте ризикот оти тој ќе сфати дека не-нуклеарните опции се истенчени. 

„Путин ги урива мостовите зад себе со мобилизацијата и со анексијата на нови територии“, вели Дара Масикот, истражувач во корпорацијата РАНД и поранешен аналитичар за руските воени капацитети во Министерството за одбрана на САД. 
„Тоа укажува дека тој сака да победи под негови услови. Многу сум загрижена дека тоа на крајот би можело да не доведе и до употреба на нуклеарната опција“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема