Победата на Трамп - одврзани раце за Израел?
12 ноември 2024Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху побрза да му честита на Доналд Трамп, нарекувајќи го неговиот триумф „најголемото враќање во историјата“. Во воодушевувањето предводат израелските министри од редовите на екстремната десница Безалел Смотрич и Итамар Бен-Гвир, кои уште пред официјалната победа му посветија твитови на Трамп.
Кабинетот на Нетанјаху објави дека израелскиот премиер „бил меѓу првите“ што разговарал со Трамп по телефон и дека разговорот бил „срдечен“ и дека се разговарало за безбедноста на Израел и иранската закана.
Победата на Трамп дојде само неколку часа откако Нетанјаху го отпушти министерот за одбрана Јоав Галант, кој се сметаше за клучна врска со администрацијата на американскиот претседател во заминување Џо Бајден .
Според една анкета, две третини од Израелците се среќни што Трамп победил.
„Се надеваме дека Доналд Трамп ќе направи големи работи за нашата земја, исто така и за Америка“, изјави за ДВ еден млад жител на Ерусалим.
За Јехуда Шаул од независниот израелски тинк-тенк Офек, работата е јасна - сличен на сличен му се радува.
„Мислам дека за министрите Смотрич и Бен-Гвир фактот дека Израел ја има најекстремната влада во историјата е како да сте добиле на израелска лотарија. А, тоа што Доналд Трамп влегува во Белата куќа е како да добил на американската лотарија“, вели Шаул.
Дали ќе ја поддржи анексијата на Западниот Брег?
За време на неговиот прв мандат, Трамп направи неколку контроверзни потези во корист на Израел, особено кога ја премести американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим во 2017 година. Тој го призна и израелскиот суверенитет над окупираната Голанска Висорамнина.
Трамп се смета за архитект на низа договори меѓу Израел и арапските земји, направени без да се земе предвид палестинското прашање.
Во вториот мандат, според експертите, Трамп би можел да оди уште подалеку и да го поддржи планот Израел официјално да анектира делови од Западниот Брег каде веќе има населби на ортодоксни Евреи, а автономијата во преостанатите енклави да им се остави на Палестинците.
„Се плашам дека ќе видиме бланко чек за израелските власти да прават што сакаат на Западниот Брег“, вели Јехуда Шаул.
Израелските весници пишуваат дека меѓу израелските доселеници на окупираниот Западен Брег владее „еуфорично расположение“ поради победата на Трамп.
Трамп сака брз крај на војната?
Сепак, односите меѓу Нетанјаху и Трамп се заладија кога тој ги загуби изборите од Бајден. По терористичките напади на Хамас од октомври минатата година, Трамп го критикуваше Нетанјаху дека е неподготвен, тврдејќи дека ништо вакво немаше да се случи доколку тој сè уште беше во Белата куќа.
„Мислам дека Нетанјаху некако се плаши од Трамп“, вели Алон Пинкас, поранешен израелски дипломат во Њујорк.
„Нетанјаху мисли дека може да манипулира со Трамп, но исто така се плаши од тоа како Трамп би можел да реагира. Бајден, на пример, никогаш не вршеше притисок врз Нетанјаху, никогаш не реагираше на неговите манипулации“, додава Пинкас.
Експлозивната ситуација на Блискиот исток бара внимание од Вашингтон. Трамп досега само тврдеше дека ќе стави крај на војните во Газа и Либан, без да изнесува детали.
Во април Трамп рече дека Израел ја „маркетиншки ја губи војната во Газа“ и повика „брзо да заврши“.
„Трамп јасно му стави до знаење на Нетанјаху дека сака сè да заврши до 20 јануари, кога ќе влезе во Белата куќа“, рече Пинкас.
Ништо добро за Палестинците
Има стравувања дека Палестинците нема да можат да се вратат во северниот дел на Појасот Газа, каде Израел ја обнови својата офанзива, а цивилите се помеѓу борбите и гладот.
Се проценува дека 90 отсто од жителите на Газа биле раселени во текот на 14-те месеци од војната.
Еден од нив е Шади Асад (22) од бегалскиот камп Џабалија во северниот дел на Газа. Тој веќе не се надева на ништо од Америка.
„Камала Харис е дел од актуелната влада и таа го поддржуваше Израел и војната“, изјави за ДВ овој студент од јужна Газа, каде што тој и неговото семејство живеат во шатор.
„Живееме во невидена состојба на понижување и никој не се грижи за нас“, додаде тој. „Сакаме само да престане војната, со или без договор, со или без Трамп“.