Дали Израел всушност ја започна својата инвазија на Газа?
30 октомври 2023Кога американската војска влезе во Ирак на 20 март 2003 година, весниците ширум светот не оставија простор за сомневање за тоа што се случува. „Војна“, стоеше со големи букви на насловната странива на американскиот весник „Сан Франциско Хроникл“. „Во тек е голема офанзива“, објави германскиот весник „Рајнише пост“.
Најавите за израелската копнена офанзива во Појасот Газа од петокот (27 октомври, 2023) се отсликуваа во наслови од ваков вид, нешто што многумина очекуваа во неделите по терористичките напади на Хамас врз Израел на 7 октомври, во кои загинаа повеќе од 1.400 луѓе. Околу 8.005 Палестинци досега се убиени во одмаздничките израелски напади, пак соопшти Министерството за здравство во Појасот Газа , управуван од Хамас .
Хамас се смета за терористичка организација од Израел, Германија, Европската унија, и во САД.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека израелската војска напредува во Газа и оти започнала „втората фаза“ од војната. Но, сè уште е нејасно: Дали е ова почеток на планираната инвазија од целосен обем што Израел ја најави во првите деновите по нападите на Хамас? Или таа допрва доаѓа?
„Втората фаза може да изгледа како тековна, но ниска осека“, јави дописничката на ДВ Ребека Ритерс од земјата во Израел во близина на североисточната граница на земјата со Газа во неделата наутро (29.10).
Упади од мали размери, наместо инвазија од големи размери
Вероника Понишјакова, воена и безбедносна експертка за Израел и Блискиот Исток од Универзитетот во Портсмут во Велика Британија, за ДВ објасни зошто смета дека Нетанјаху „во овој момент е прилично воздржан“ офанзивата од викендот да ја нарече целосна инвазија.
„Од моја перспектива, мислам дека оваа [копнена операција] создава услови за она што може да следи потоа“, вели таа, додавајќи дека, сепак, во овој момент е тешко да се каже што може да биде тоа.
Тоа би можело да биде почеток на серија мали упади, вели таа, со голема инвазија планирана понатаму - или воопшто не, во зависност од тоа како ќе продолжи да се развива расположението меѓу сојузниците и самите Израелци.
Понишјакова вели дека во текот на изминатите три недели откако Нетанјаху првпат ги објави своите планови за целосна копнена инвазија - исход што многумина го сметаа за неизбежен - моралот се промени.
Како прво, САД, големиот сојузник на Израел, во дипломатските разговори по нападите на Хамас препорачаа израелските одбранбени сили (ИДФ) да започнат помали упади и напади врз Газа, наместо најавената инвазија од целосен обем, вели Понишјакова.
Расположението меѓу израелското население се смени по нападите на 7 октомври, додаде таа, цитирајќи ја анкетата направена минатата недела која сугерираше дека населението „не е толку за инвазија од целосен обем како што беа пред две недели“.
И конечно, вели таа, доаѓа незгодното прашање за тоа како ИДФ успешно ќе го „уништи“ Хамас без да ги доведе во опасност животите на повеќе од 200 заложници киднапирани од терористичката група во Израел.
Секој од овие фактори помагаат да се објасни она за што Понишјакова вели дека е обид на ИДФ да ја води оваа битка, барем на почетокот, во помали упади, наместо со драматична целосна инвазија. Таа истакнува дека може да види оти војската ги спроведува овие помали упади во текот на неколку недели или дури месеци.
„Тоа, за мене, сугерира дека што и да се случи, ќе потрае долго време“, оценува таа.
Извештаи од границата
Во овој момент, сè уште не е јасно колку израелски трупи се испратени во Газа. Портпаролот на израелската војска Даниел Хагари во неделата, на брифингот за медиумите, рече дека војската „постепено ги проширува копнените активности и опсегот на операциите во Појасот Газа“. „Ќе направиме сѐ што можеме од воздух, море и од копно да обезбедиме безбедност на нашите сили и да ги постигнеме целите на војната“, додаде тој.
Неговите коментари дојдоа откако во саботата вечерта имаше бројни извештаи за ноќни бомбардирања на Појасот Газа.
„Тука навистина можете да видите и слушнете делови од таа втора фаза што се случува пред нашите очи и уши“, вели дописничката на ДВ, Ритерс. „Гледаме прилично постојан напад на артилерија […], како и воздушни напади во далечина […], секако слушаме борбени авиони како летаат над главата одвреме-навреме.“
Ритерс вели дека од нејзината позиција, може да се слушне звук од тешко и лесно автоматско оружја, што би сугерирало дека израелската војска и борците на Хамас се релативно блиску едни до други. Сепак, „во однос на втората фаза, не знаеме точно во воена смисла што значи тоа“, истакна таа.
Во меѓувреме, речиси е невозможно да се добијат веродостојни информации за ситуацијата од луѓето во Газа со оглед на бројните прекини на телефонските врски и на интернетот во регионот од петокот наваму.
Така, Ритерс вели оти не е јасно со колкав отпор се соочиле израелските трупи од страна на милитантите на Хамас. „Протекуваат информации, но ова е, исто така, и информативна војна“, вели таа. „Добиваме дезинформации од сите страни, слушаме работи на социјалните мрежи. Затоа е прерано да се каже што навистина се случува, прерано е да се каже.“
ИДФ објави информација во неделата, истакнувајќи дека најмалку двајца нејзини војници се повредени.
„Само на почеток“
Во изјавите објавени по првичните вести за копнената офанзива во петокот, Џонатан Паникоф, директор на Иницијативата Скоукрофт за безбедност на Блискиот Исток во Програмата за Блискиот Исток на Атлантскиот совет, напиша, „сè уште останува отворено прашањето за тоа колкави ќе бидат големината и опсегот [на копнената офанзива]“.
„Дали ова го означува почетокот на целосна копнена инвазија или ова е подготовка за пофокусирана помала контрабунтовничка операција?“, се прашува тој. „Во наредните денови, можеби ќе биде објавена одлуката на Ерусалим за тоа каква операција ќе преземе.“
Иако, сè уште многу не е јасно во овој момент, експертите се чини дека се согласни барем за една работа: воените напори на Израел да го „уништи Хамас“ веројатно ќе бидат долги - „мерено во недели или месеци, а не во денови“, напиша Паникоф, повторувајќи ја Понишјакова.
Се чини дека Нетанјаху и самиот го потврди тоа: „Ова е нашата втора војна за независност“, изјави тој во саботата вечер. „Ние сме само на почетокот.“