ЕУ бара хуманитарни паузи и коридори во Газа
27 октомври 2023Земјите членки на ЕУ упатија повик за хуманитарни паузи и заштитени коридори за безбеден дотур на помош за цивилното население во Појасот Газа. Влошената хуманитарна ситуација во Газа предизвикува најголема загриженост, се вели во завршното соопштение од самитот на шефовите на држави и влади во Брисел.
До страните во конфликтот меѓу милитантно-исламистичкиот Хамас и Израел упатен е повик за континуиран, брз, сигурен и непопречуван пристап за пратките со помош. Во неопходните мерки спаѓаат и „хуманитарни коридори и паузи за хуманитарни цели“.
Помошта да не стигне во рацете на Хамас
Европската унија најави тесна соработка со партнерите во регионот заради заштита на цивилите, обезбедување помош и олеснување на пристап кон храна, вода, медицинско згрижување, гориво и сместувалишта, се вели во соопштението. Притоа, треба да се води сметка оваа помош да не биде злоупотребена од терористичките организации. Израелската влада досега не дозволува натамошен влез на гориво во Појасот Газа, стравувајќи дека тоа може да стигне во рацете на Хамас.
Мишел: „Цивилите мора секогаш и насекаде да бидат заштитени“
„Секогаш и насекаде цивилите мора да бидат заштитени“, изјави претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во поглед на ситуацијата во Појасот Газа. Уште појасен беше белгискиот премиер Александер Де Кро. Тој изрече остра осуда на теророт на Хамас, а кон Израел ја упати пораката: „Тоа никогаш не е оправдување за блокирање на цел регион. Никогаш не може да биде извинување за блокирање на хуманитарната помош. Никогаш не може да биде оправдување за изгладнување на населението.“
Околу повиците за итно хуманитарно примирје за Појасот Газа во изминатите денови во ЕУ се водеше жестока кавга. Земји како Германија и Австрија се спротиставија на тоа ЕУ јавно да се придружи на вакви повици. Според нивната аргументација, таквиот повик е несоодветен со оглед на континуираниот терор извршуван од милитантно-исламистичката организација Хамас. „Мнозинството земји се на мислење дека станува збор за продолжување на континуираните напади на Хамас“, изјави дописникот на германскиот јавен сервид АРД, Маркус Прајс во својот извештај. Терористичкиот напад од страна на Хамас од 7 октомври не е нешто што тогаш се случи и заврши. Израел и натаму е изложен на ракетни напади, од што произлегува неговото право да се брани, а тоа не би било можно при примирје, ја објаснува Прајс аргументацијата.
Шолц: „Нема сомнеж дека Израел ќе го почитува меѓународното право“
Германскиот канцелар Олаф Шолц аргументираше: „Израел е демократска држава, која е водена од многу хуманитарни принципи. Човек може да биде сигурен дека израелската армија при она што сега го презема, ќе ги почитува правилата произлезени од меѓународното право. Тука немам никаков сонеж“, истакна Шолц. Самитот на ЕУ, кој трае до петок, не смее да спори само околу одредени формулации, туку на ЕУ ѝ е потребна долгорочна дипломатска стратегија, потенцираше Шолц. Важно е ЕУ да направи сѐ можно за конфликтот да не се прелее низ целиот регион и да ескалира.
Земји како Шпанија и Ирска, имајќи ги во вид многуте цивилни жртви при израелските напади врз цели во Појасот Газа, се залагаат напротив за хуманитарна пауза. „Јас сум во секој случај за хуманитарна пауза, зашто сликите од човечките страдања во Појасот Газа се неприфатливи“, изјави шпанскиот премиер Педро Санчес. Времето притиска за отворање хуманитарен коридор „заради канализирање на целата хуманитарна помош и пауза која ќе ја овозможи работата на невладините организации на терен“, истакна шпанскиот премиер.
Најостра осуда на нападите од Хамас
Употребата на зборови како „хуманитарни коридори“ и „паузи за хуманитарни цели“ во множина во завршното соопштение претставува компромис и треба да појасни дека ЕУ не го повикува Израел веднаш да ја преине својата борба против терористичката организација. Земји како Германија сакаат по секоја цена да избегнат таков впечаток. Во соопштението стои дека Европскиот совет најостро ги осудува Хамас и бруталните и самоволни напади на терористичката организација врз Израел. Како посебна свирепост се истакнува користењето на цивили како човечки штитови. Се потенцира правото на Израел да се брани во согласност со меѓународното право и меѓународното хуманитарно право. Освен тоа, земјите членки на ЕУ ветија поддршка на напорите за меѓународна мировна конференција.
Израелското Министерство за надворешни работи досега не сакаше да се изјасни околу барањата на ЕУ. Негов портпарол, на прашање на германската новинска агенција ДПА, изјави дека евентуално во петок ќе излезе со став.