1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаХоландија

Избори во Холандија: Кој има најголеми шанси да победи?

Ела Џојнер
22 ноември 2023

Неблагодарно е да се шпекулира кој ќе го наследи Марк Руте на функцијата премиер на Холандија на изборите во среда, на 22 ноември. Трката е тесна, но може да се каже дека и Питер Омцихт има добри изгледи.

https://p.dw.com/p/4ZHAe
Питер Омцихт
Питер Омцихт ја основа својата партија НСЦ во август оваа година, а сега, во пресрет на ноемвриските избори, го дели првото место во анкетитеФотографија: Piroschka van de Wouw/REUTERS

Изборите во Холандија се в среда 22 ноември, а изненадувачки голем број гласачи на улиците на малиот јужен град Тилбург сѐ уште се неопределени.

„Сè уште треба да ги погледнам програмите“, вели Плун, 23-годишна студентка по економија, која не сакаше да ни го каже своето презиме. Ја сретнавме во центарот на овој претежно католички град, некогаш познат по индустријата за волна. „Овие избори се многу важни, бидејќи многу работи ќе се променат.

Тие се важни, ако не поради друга причина, тогаш поради тоа што Холандија треба да добие нов премиер. Марк Руте од централнодесничарската партија ВВД се повлече. Тој беше премиер од 2013 година. А, на овие избори се нудат многу нови лица.

Згора на тоа, според анкетите, трите големи партии се многу блиску. Ова овозможува широк опсег на можни коалиции во калеидоскопскиот повеќепартиски холандски систем. Со други зборови: сите варијанти се во оптек.

Дури и оние кои долго време излегуваат на гласање во таа земја, како 72-годишниот библиотекар Рјен Висерс, не се целосно сигурни. Тој се двоуми меѓу лево-центристичката коалиција Зелена левица (GroenLinks) и Лабуристите (PvdA) , кои се трети во анкетите и христијанско-демократската ЦДА.

„Мислам дека би било добро по сите овие години да добиеме левичарска влада“, вели за ДВ библиотекарот од Тилбург. „Од друга страна, ова се тешки времиња за ЦДА, а тие се добра центристичка партија со големо искуство во власта“. 

Рјен Висерс
Рјен Висерс од Тилбург вели дека сѐ уште не знае за кого ќе гласа во средаФотографија: Ella Joyner/DW

Враќање во иднината 

За набљудувачите, веројатно најважната приказна за оваа изборна сезона во Холандија е појавата на Новиот социјален договор (НСЦ) - цврсто центристичка, но и анти-естаблишмент партија, основана во август од популарниот поранешен пратеник на ЦДА, Питер Омцихт.

49-годишникот си направи име помагајќи да се разоткрие целосниот обем на скандалот со детски додатоци, кој погоди десетици илјади родители лажно обвинети за измама, што често имаат катастрофални финансиски и лични последици од тоа. Работејќи со пратеници од различни партии, упорноста на Омцихт го отуѓи од сопствената партија, но поради тоа стана омилен во јавноста.

Еден од жителите на Тилбург, кој веќе одлучил да гласа за Омцихт, е 67-годишниот Мартен ван ден Тиларт. „Питар е нешто ново“, вели тој за ДВ на маргините на малата политичка дебата меѓу кандидатите на ВВД и НСЦ. „Тој е чесен политичар, тоа го видовме последните години“.

Леони де Јонге, политиколог од Универзитетот во Гронинген, за ДВ вели дека Омцихт изградил силен профил како „чувар против владините махинации“. Истовремено, додава таа, „во парламентот е многу остар и ги поставува вистинските прашања, внимателно ги чита документите и навистина не попушта додека не добие одговор“.

Питер Омцихт
Питер Омцихт се смета за чесен, и тоа во време кога довербата во политичарите е значително ослабенаФотографија: Piroschka van de Wouw/REUTERS

НСЦ на Омцихт, основан пред само неколку месеци, во моментов го дели првото место со ВВД на Руте (по 18 отсто) според анкетите. Самиот Омцихт навести дека не мора по секоја цена лично да се бори за премиерската позиција.

„Многу му се верува“, вели Де Јонге. „И ние во Холандија моментално сме во период на недоверба во политичарите поради сите скандали што се случија“. Се чини дека Омцихт може да ја врати таа доверба, а луѓето, вели политикологот, го гледаат како „некој вид разумна алтернатива на статус кво“.

Против естаблишментот, а без популизам

Со оглед на падот на довербата на холандската јавност во политичарите, може да се очекува гласачите да се свртат кон личности кои се позиционираат како аутсајдери на корумпираната елита - класичен показател за популизам. Навистина, крајнодесничарската популистичка Партија на слободата, предводена од жестокиот противник на исламот Герт Вилдерс, моментално е четврта во анкетите и има поддршка од 13 проценти. Ова е повеќе отколку на последните избори во 2021 година, но помалку отколку во 2017 година.

Холандија
Според анкетите, големите партии се прилично изедначениФотографија: Carl Court/Getty Images

Партијата на Омцихт не е таква, иако и тој се претставува како некој што се залага за обичните луѓе. „Идеологијата на НСЦ не е популистичка, иако во голема мера е движење кое ги претставува оние кои се незадоволни од постојниот политички систем“, вели Симон Отис од Универзитетот Лајден. „Важно е да се забележи дека екстремизмот и популизмот не мора да одат заедно“, додава тој, посочувајќи на примери од Европа, како што е италијанското Движење пет ѕвезди.

„Возење на популистичкиот бран“

Слично размислува и Де Јонге: „Се чини дека Омцихт јава на популистичкиот бран“. На некој начин тој е анти-естаблишмент, но во исто време доаѓа од естаблишментот“.Она што е интересно за Омцихт е што привлече и левичарски, централно-десничарски и крајнодесничарски гласачи. „Тоа е она што го прави толку моќен“, вели политикологот.

А, тоа што Омцихт така се истакнува на политичкиот пејсаж придонесе во исто време тонот на изборната кампања да биде помирен, како и поголем фокус да биде на содржината, вели Де Јонге.

Последните избори се одржаа за време на пандемијата во 2021 година. „Кампањата тогаш беше многу персонализирана, сè се вртеше околу лидерот. Руте истрча без содржина, тој само се претстави велејќи: „Јас сум вистински лидер кој може да го води овој брод низ оваа криза“, вели политикологот.

Холандија
Холандија има многу широк спектар на партии, но по изборите владите главно се формираат од централнодесничарскиФотографија: Piroschka van de Wouw/REUTERS

Политиката на Омцихт е доста тешко да се одреди: тој е на десно за прашањето за миграцијата, а на лево за прашањето за благосостојбата. По многу прашања, неговата партија е прилично двосмислена, што, смета Де Јонге, можеби не е изненадувачки, ако се земе предвид колку е млада партијата.

Во изборниот манифест на НСЦ се наведува дека партијата планира да ја ограничи имиграцијата на 50.000 луѓе годишно, приближно половина од онаа во 2021 година. НУК, исто така, сака да изгради многу станови (патем, главно прашање на овие избори) и да ги реши проблемите со трошоците за живот за посиромашните семејства.

Рецепт за Европа?

Со оглед на тоа дека на повидок се изборите за ЕУ, кои ќе се одржат во јуни следната година, големо прашање е дали оваа доминација на Омцихт може да каже воопшто нешто за европската политика. Поддршката за популистичките партии, главно десничарски, но и левичарски, е во пораст во Европа. Неодамнешните избори во Италија и Шведска го истакнаа тој тренд: „Браќата на Италија“ и шведските демократи поминаа добро на гласачките места.

Но, за жал, за оние кои се надеваат дека во примерот на Омцихт ќе најдат некакви насоки за тоа што да прават на идните европски избори, и Отис и Де Јонге предупредуваат дека успехот на Омцихт не може да биде некаков модел за другите во Европа.

„За мене ова е приказна за многу специфичен холандски политичар со многу специфичен политички стил“, вели Отис. „Тоа за мене не е нешто што може да се повтори во друга држава“.

Исто така, вреди да се напомене дека на изборите оваа среда сѐ е можно. Новиот лидер на ВВД, Дилан Језилгоз, покажал поголема подготвеност да работи со Вилдерс отколку Руте, истакнува политикологот Де Јонге.

И Плун, студентка по економија од Тилбург, смета дека овие избори се поважни од претходните, бидејќи земјата ќе добие нов премиер. Ќе ѝ треба многу време да ги прочита сите тие партиски програми пред да одлучи за кого ќе гласа.

„И јас сум многу љубопитна да видам каков ќе биде резултатот“, вели таа. „Трката е многу отворена и мислам дека никој не знае како ќе заврши. Тоа е всушност некако возбудливо“.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи