1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Холандија: популистите победуваат и со пораз

Хелена Кашел
15 март 2017

Популистичката Партија на слободата на Герт Вилдерс има добри шанси по денешните избори да се профилира како водечка во Холандија. Иако нема да успее да формира влада, нејзините идеи се шират сѐ повеќе.

https://p.dw.com/p/2Z9ZS
Niederlande Amsterdam - Geert Wilders
Фотографија: Reuters/C. Toala Olivares

Студен ветер дува преку Биненхоф, комплекс згради од 13. век во кои се наоѓа парламентот. Неколку вработени во владата, во еден киоск купуваат сендвичи. Околу шетаат холандски и странски туристи и ја фотографираат зградата. Денеска во Холандија се одржуваат избори за нов парламент. Според анкетите, води популистичката Партија на слободата (ПВВ), а зад неа се либералите од Народната партија за слобода и демократија (ВВД). Со оглед на победата на Доналд Трамп во САД, на Брегзит и на растечкото популистичко антимиграциско движење во Европа, шефот на ПВВ, Герт Вилдерс наголемо зборува за „патриотска пролет“.

„Тоа е застрашувачко“, вели Марлен Бројкер. Таа има 62 години и работи во образованието. Со семејството е на еднодневен излет во Хаг. „Се надевам дека анкетите грешат“, вели Марлен и додава дека таа секогаш гласа за Зелените.

Холандскиот Трамп

Герт Вилдерс, кого поради маркантната фризура го нарекуваат и „холандски Трамп“, не заостанува зад својот идол од САД кога се работи за изборната кампања и за тоа дека личната интерпретација на случувањата во светот ги шири преку Твитер. „Тоа можеби не му обезбедува некоја предност, но предизвикува внимание во медиумите“, вели Сара Ланге, професорка на Универзитетот во Амстердам која докторирала на тема деснопопулистички партии во Западна Европа. „На тој начин, Вилдерс има можност непрекинато да им ги соопштува своите идеи на гласачите“.

Крис Алберс од Универзитетот во Ротердам е исто така експерт за популизам. Во 2012 објавил книга за луѓето кои гласаат за ПВВ. Денес веќе и не е табу да се каже дека се гласа за таа партија - иако многу луѓе од академските слоеви тоа го премолчуваат за да не ги загрозат своите кариери, вели тој.
Рајмон (27), кој не сака да го открие своето презиме, гласал за Вилдерс на изборите во 2012 година. Откако со девојката минал викенд во Хаг, двајцата се враќаат на истокот на земјата, каде Рајмон работи со заболени од деменција. Тој е задоволен поради тоа што Вилдерс сака да вложи повеќе пари во здравствениот систем, но речиси ништо друго не го привлекува кај лидерот на ППВ. „Вилдерс сега го поддржува Трамп и сака да излеземе од ЕУ. Тоа веќе не е мојата партија. Освен тоа, речиси сите партии ја отфрлија можноста за коалиција со Вилдерс. Зошто тогаш да гласам за него?“

TV Debatte in den Niederlande Rutte Wilders
ТВ-дуел на Руте и Вилдерс пред клучното гласањеФотографија: picture-alliance/dpa/ANP/R. de Waal

Девојката на Рајмон, Лоес Хамерстајн студира социологија. Таа, вели, најверојатно ќе гласа за Социјалистичката партија. „Всушност политиката не ме интересира“, вели 22-годишната девојка. Но знае дека е против Вилдерс. „Не ми се допаѓа како зборува за муслиманите и за бегалците“.

Според информациите од Институтот за истражување на изборите, 77 отсто од гласачите во Холандија сѐ уште се неопределени. Истражувањето кое заеднички го спроведоа весникот „Де Фолкскрант“ и Универзитетот во Амстердам, покажа дека една петтина од гласачите, и тоа оние кои инаку не би гласале за ВВД на актуелниот премиер Марк Руте, размислуваат за тоа од „стратегиски причини“ да му го дадат својот глас за да спречат победа на Вилдерс.

Политичко самоубиство

Маријане Маршалкерверд (70) досега секогаш гласала за холандските демохристијани. Сега е повеќе ориентирана кон „50Плус“, партија која сака да ги претставува интересите на пензионерите. Таа се сомнева дали прогнозите се точни. „Се тврди дека сега одлуката е меѓу Вилдерс и Руте, но сметам дека е тоа медиумска пропаганда“. Таа верува дека Вилдерс ќе добие доста места во парламентот и смета дека е тоа „разбирливо“ затоа што другите партии „даваа премногу ветувања кои не ги исполнија“. „Не сакам да зборувам многу за бегалците, но не сакам сите тие млади мажи да доаѓаат тука и мислам дека мора да има построг пристап“.

Според научниците Ланге и Алберс, повеќето умерени партии, по прашањето на доселувањето, исламот и ЕУ преземале некои ставови од Вилдерс. Така, Руте неодамна во големите весници објави отворено писмо во кое порача дека оној кој не е подготвен да се однесува „нормално“ и да ја прифати холандската култура, треба да ја напушти земјата. „Би било политичко самоубиство сега да не се приближите до ПВВ“, објаснува Алберс. Ланге заклучува: „Сеедно колку пратенички места ќе освои Вилдерс и дали ќе биде дел од владата: неговото влијание ќе се почувствува“.