Бројот на загинати во земјотресот во Јапонија се зголемува
3 јануари 2024Регионалните власти во јапонската префектура Ишикава соопштија дека во земјотресот загинале најмалку 62 лица, а повредени се над 300 луѓе. Во сместувалишта за итни случаи се сместени 31.800 лица. Спасувачките екипи и натаму трагаат по преживеани во услови на голем дожд, поради што потрагата е отежната.
Според наводи на властите, денеска (3.01) поради дождовите се очекуваат и можни одрони во префектурата Ишикава. Јапонската метеоролошка агенција JMA предупреди од можни одрони сѐ до вечерните часови. Освен тоа, и натаму има последователни потреси на земјата.
Стотици куќи на полуостровот Ното, во префектурата Ишикава, се урнаа или беа оштетени како резултат на потресите. Сателитските снимки покажуваат огромни штети, особено во крајбрежните градови Ваџима и Сузу. Улиците се непроодни, а голем пожар уништи еден историски пазар во Сузу.
Според Масухиро Изумија, градоначалник на Сузу, „околу 90 отсто од куќите во градот се целосно или речиси целосно уништени“. Ситуацијата е „навистина катастрофална“, рече Изумија за телевизијата ТБС.
Речиси 34.000 домови во префектурата Ишикава и натаму се без струја, соопштија локалните комунални претпријатија. Во неколку градови жителите немаат вода во своите домови.
Премиерот Фумио Кишида по состанокот на кризниот тим формиран по земјотресот денеска зборуваше за „трка со времето“. Бројот на спасувачи дополнително ќе се зголемува, а целта е „да се направи максимум за да се спасат животи“.